Помош што поитно!
14 јануари 2010Германија веднаш стави на располагање еден милион евра како итна помош, а покрај тоа формиран е и кризен штаб во министерството за надворешни работи за координација на натамошната хуманитарна помош на германската влада. Кризниот штаб на германското министерство за надворешни работи за координација на хуманитарната помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Хаити веќе работи со полна пареа. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле постојано е во контакт за германскиот амбасадор во Порт-о-Пренс кој го известува за состојбата на теренот. Тој е потресен од размерите на катастрофата:
„Ние жалиме заедно со народот на Хаити и жртвите. Германската влада ќе стори се што е можно за да ги поддржи и да им помогне на луѓето на Хаити“.
Пари за финансирање на организациите кои даваат непосредна помош
Инаку на вчерашната редовна седница на владата во Берлин, главно се говорело за земјотресот на Хаити и германската помош за жртвите. Портпаролот на владата, Улрих Вилхелм на крајот изјави:
„Германската канцеларка беше многу потресена од вестите за тешкиот земјотрес на Хаити. За жртвите на катастрофата и нивните роднини изразуваме сочуство и солидарност. Канцеларката Ангела Меркел му пренесе изрази на сочувство на претседателот на Хаити Превал и му понуди помош од германската влада.“
Еден милион евра се ставени на располагање за почетно финансирање на организациите кои даваат непосредна помош по катастрофата. Тоа се бројни приватни и црковни хуманитарни организации, кои веќе испратија експерти и помош, но и кои веќе се на лице место со свој персонал. Но, и Службата за техничка помош, која е дел од министерството за внатрешни работи, ги финансира нејзините првични мерки со овие средства. Таа испрати четиричлен тим за утврдување на состојбите во Порт-о-Пренс, а две специјални единици се подготвуваат за пат.
Исто така и министерството за економска соработка, кое е одговорно за германската развојна помош, е веќе активно. Тоа веќе подготви итна помош во прехранбени производи во вредност од 500 илјади евра.
Помош и најави за помош за луѓето на Хаити пристигнуваат од сите страни на светот.
Помош за најкусо можно време
Американскиот претседател Барак Обама порача дека неговата администрација ќе дејствува итно, координирано и агресивно за да бидат спасени што е можно повеќе животи на Хаити и да се снабдат настраданите со вода, прехранбени производи и лекови.
„Само неколку стотини километри преку океанот лежат меѓу нас и ние имаме долга историја која не поврзува. Луѓето на Хаити се наши соседи и многу од нив имаат дом тука, кај нас. Затоа е обврска на САД да помогне“, изјави Обама.
Катастрофалниот земјотрес на Хаити тешко го погоди и мисијата на ОН во оваа земја. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун најави сеопфатна помош за настраданото подрачје:
„ОН мобилизираат тим за итни случаи за да ја поддржи координацијата на хуманитарна помош. За најкусо можно време ќе пристигне сеопфатна помош на Хаити“, истакна Бан.
Автор: СН/АТ/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска